19 Март, 2024
0.0258

Арктикот - место за хармонична соработка или нова конфликтна точка?

Објавено во: Колумни 13 Април, 2019

Добивај вести на Viber

Минативе денови во Санкт Петербург се одржа петтиот Меѓународен арктички форум, „Арктикот-територија на дијалог“,  на кој присуствуваа претседатели и премиери на пет земји членки на Арктичкиот совет. На руската покана одговорија со свое доаѓање финскиот претседател Саули Ниинисте, претседателот на Исланд Гудни Јоханесон, премиерот на Норвешка Ерна Сулберг и шведскиот премиер Стефан Левен. Недостигаа претседателите и премиерите на САД, Канада и Данска, кои исто така се земји членки на Арктичкиот совет. Домаќин на форумот беше рускиот претседател Владимир Путин. Се одржа и сесија на министрите за надворешни работи.

Климатските промени го прават своето . Од една страна се закануваат врз животот на планетата, а од друга топењето на Арктикот отвора нови можности за  стекнување на големи богатства. Било од новите наоѓалишта на руди и енергенси, било од транспортните услуги кои ќе се даваат низ Северниот морски пат. А онаму каде што мириса на богатство, може да замириса и на конфликти.

Затоа собирот во Санкт Петербург беше можност да се искажат погледите кон иднината на Арктикот. Дали тој ќе биде место за хармонична соработка или пак нова конфликтна точка? Доаѓањето на премиерите на Норвешка и Шведска во Санкт Петербург беше и изненадување. Тие ја држеа Русија или ако сакате, Владимир Путин, во политичка изолација. Но се чини дека дојде време и тоа да се надмине. Интересот за сопствената држава ги надмина колективните одлуки или стремежи Русија да се држи на дистанца. Па така членки на НАТО и на ЕУ седнаа на јавна дебата модерирана од еден од водечките уредници на Блумберг, Џон Фрејзер.

На форумот се соочија лидерите на држави кои на еден или друг начин се спротивставени. Санкции кон Русија од ЕУ и НАТО, и обратно од Русија контрасанкции.  Па оттука мошне интересни беа искажувањата за тоа како може да се соработува во услови на санкции воведени поради нечие однесување со нарушување на меѓународно право, според едни, и контрасанкции како одговор, но и тврдење дека некој друг не го почитува меѓународното право. Во сето тоа на површина излегоа заложбите за дијалог. Мора да има дијалог. Зашто Европа е Русија, но и Русија е Европа, како што кажа некој од гостите. Мора да се води дијалог, колку и да се големи разликите. Особено дијалог околу иднината на Арктикот.

Од дискусиите на пленарното заседание на форумот произлегоа интересни работи. Владимир Путин соопшти дека според претходни оценки во рускиот дел на Арктикот се сконцентрирани 13 милијарди тони нафта и 97 трилиони кубни метри гас.  Колосални резерви дури и во светски рамки. Тој соопшти дека лани по Северниот морски пат е превезен товар тежок дваесет милиони тони. За некоај година очекува таа бројка да достигне 80 милиони тони. Рекордот во СССР бил во 1987 година кога биле превезени 6,5 милиони тони. Кон него се надоврза и норвешката премиерка Сулберг, која нагласи дека очекува нејзината земја да открие нови резерви на енергенси. Таа го пренесе искуството од пред години, кога сметале дека производството на енергенси го достигнало својот врв, за потоа да најдат нови количества, па повторно да го достигнат врвот. За премиерот на Исланд е важно риболовството. Со одмрзнувањето на Северниот леден океан се очекува да се зголеми уловот на риба. Свои очекувања искажаа и лидерите на Финска и на Шведска.

За нови истражувања и развој потребни се големи инвестиции. Со оглед на климата се поставува и прашањето за рентабилноста од експлоатацијата на наоѓалиштата на нафта и гас. Путин е оптимист и покрај санкциите. Тој е подготвен да им даде разни поволности на странските инвеститори, а што се однесува до санкциите тие само ја поттикнале Русија да бара внатрешни решенија. Во поглед на рентабилноста се чини тој е задоволен и со цена од  40 долари за барел нафта. „Технологиите се развиваат и можеби рентабилноста на таквото производство ќе се зголеми, па дури и при цена од 30 до 35 долари за барел нафта, а да не зборувам за гасот, за да не плашам никого“, рече Путин. Додавајќи дека рентабилноста во Русија е поголема дури и од САД, Европа, па дури и од некои држави производители на гас од Блискиот исток.

Соговорниците некако ги дадоа контурите на својата идна заедничка работа. На прв план ќе биде борбата со климатските промени во согласност со Парискиот договор. Секоја држава да направи максимум што може на тој план, истовремено водејќи сметка за намалување на загадувањето на океанот. Трета важна работа е грижата за локалното население, што живее зад поларниот круг, а кое исто така има свои потреби, иако е малубројно. И на крај добивањето на нафта и гас. Не се исклучува и развој на рударството. И сето ова да се прави со заеднички договори.

Во дискусијата беше наметнато и прашањето за Арктикот како точка на конфликти. Арктикот не е Крим, па затоа и не треба да се дозволи тоа да стане, беше една од речениците искажани од соговорниците. Но, за да не стане тоа треба да се води сметка навреме да не се создадат услови за такво нешто. Петмината лидери се свесни за тоа, но остануваат да се слушнат другите три членки на Арктичкиот совет. Што мислат за тоа САД, Канада и Данска?

Неодамна списанието Nationalinterestпишуваше дека за разлика од САД Русија на Арктикот има постојани воени бази, мразокршачи и големи воени бродови, способни да дејствуваат во услови на ниски температури. Инаку во моментов Русија гради уште три големи мразокршачи на атомски погон. Тие ќе се користат за отворање пат низ мразот на бродовите кои ќе се одлучат да патуваат по Северниот морски пат. На Далечниот исток веќе постои голем интерес за тој пат. Кина, во рамките на нејзиниот проект „Еден појас-еден пат“ смета и на северниот коридор. Исто и Јапонија и Јужна Кореја. Патување на брод, на пример, од јапонското пристаниште Јокохама до Европа по Северниот морска пат ќе трае дваесет дена. Додека низ Индискиот океан 30 дена.  Затоа Русите очекуваат користење на овој пат и ги градат мразокршачите. И за своите и за туѓите бродови.

Американците како да кренаа раце од Арктикот во изминативе години, но сега изјавуваат дека без оглед на тоа што ним не им е потребен Северниот морски пат, Русија нема исклучително право на него. „Русија го смета Арктикот за своја територија. Но всушност тоа е меѓународна територија и ние сме заинтересирани за таа да остане слободна и отворена за сите“, го цитира  WashingtonExaminer, американскиот адмирал Џејмс Фого. За него Северниот леден океан е „ничие езеро“ и морските патишта во него треба да ги користат подеднакво сите земји од Арктичкиот совет. Тој нагласува дека Кина која претендира на користење на северните морски патишта не е член на тој совет. Што значи дека за неа би важеле други правила.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на министерската сесија на Форумот истакна дека Русија, која ја има најголемата арктичка зона, го смета Арктикот како територија на мирот, на конструктивна соработка и добрососедство. И дека секое прашање треба да се решава по политички пат, со преговори, без воени решенија. Тој се заложи за враќање на практиката еднаш годишно да се среќаваат шефовите на генералштабовите од државите на Арктичкиот совет, практика која се прекинала во 2014 година. Во поглед на ставот на САД дека Северниот морски пат е меѓународна територија и можните спорови во врска со тоа, Лавров не сака да „дава карактеристика на дејствата на САД, кои навистина сметаат дека само тие можат да „нарачуваат музика“ и да создаваат свои сопствени правила“. Тој се надева на соработка  во користењето на Северниот морски пат, уверувајќи дека Русија тука ќе ги заштитува својата безбедност и интереси.

Средбата во Санкт Петербург, особено присуството на претседателот на Финска, Ниинисте, чија држава ќе претседава со ЕУ од јули, беше повод модераторот Фрејзер да го праша дали има признаци за подобрување на односите меѓу ЕУ и Русија, за затоплување, како што се случува со Арктикот. И дали може да се очекува промена во поглед на санкциите. Според Ниинисте, ако не се промени ситуацијата настаната руските дејства во Украина санкциите ќе останат.  Во поглед на претседавањето со ЕУ, тој смета дека таа улога не е значајна како порано. „Ги памтите ли сите расправи за „брексит“?. Учествуваше ли претседавачот со ЕУ во нив? Не. Ние тоа го разбираме и мојата лична точка на гледање е дека ние треба да почнеме од внатре од ЕУ. Сакам да ги прашам сите членки на ЕУ, колку ни се заеднички интересите? Вакво прашање се поставува за време на развод. Има ли нешто што ве обединува, нешто што е заедничко меѓу вас? Ако има такво нешто, тогаш тие и натаму ќе живеат заедно. Ние во ЕУ треба да го разгледаме прашањето – има ли нешто заедничко меѓу нас во ЕУ? Јас мислам, да:“

Последново е малку надвор од темата за Арктикот. Но е поучно. Ако сакаат членките на Арктичкиот совет да бидат заедно треба да имаат и заеднички интерес.

А важи и за нас. Европа како да е повеќе преокупирана со прашањето на евентуален развод, а не со посинување на нови чеда.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?