25 Април, 2024
0.0316

Атанасоски: Не „заигра метлата“, туку удри „политички ураган“ за раководството на СДСМ

Објавено во: Интервјуа 27 Мај, 2019

Добивај вести на Viber


Премиерот Зоран Заев додека чека да дојде јуни кога според законските прописи и консултации со коалиционите партнери ќе ја спроведе владината реконструкција, презеде големи потези таму каде што има целосна власт, односно во сопствената партија. Раководството на СДСМ и на централно и на локално ниво е комплетно разрешено, па така им испрати силна порака и на тие кои ги држат државните фотелји дека никој не е безбеден. Секако, за тие кои не ги интересираат партиските Игри на тронови многу позначајно е како овие промени да бидат системски и да водат кон одговорни институции со мов капацитет. Исто така важно ќе биде да се види дали ќе следат саботажи внатре во СДСМ, а со тоа и во институциите и нивните блиски соработници. Од друга страна пак, Заев повторно се издвојува како политички актер во главна улога префрлајчи го притисокот за промени врз опозициската ВМРО-ДПМНЕ која засега нема јасна насока како да се наметне сопствен свеж наратив, смета аналитичарот Благојче Атанасоски.

Фактор: Што ќе значи целосното разрешување на раководството на СДСМ за јавноста која ја чека “метлата”?

Атанасоски: Најавената „ метла“ од премиерот Зоран Заев , после претседателските избори, влезе во политичкиот вокабулар како најупотребувана фраза изминатиов период во јавноста. По вчерашниот централен одбор на СДСМ, не „ заигра метлата“, туку се случи „ политички ураган“ за највисокото раководство на владејачката партија. Смената на генералниот и организациониот секретар, и оставката на шесте потпретседатели значи само едно: целосна сериозност од страна на партискиот лидер за голем  кадровски рез и промени кои по обемот и длабочината ( претходно смената на 78 претседатели на општински организации)  претставуваат генерален ремонт за партијата.

Фактор: Како треба да се спроведат најавените и ветените промени за да дадат системски резултати и подобрување во сите државни институции наместо нова распределба на партискиот колач?

Атанасоски: Едноставно со поставување на капацитетни, интегритетни, стручни и компетентни кадри, односно функционери кои со своето знаење ќе бидат моторот на промените во општеството и ќе ја оправдаат довербата од јавноста. Човечкиот материјал е суштински и најбитен, односно кадрите кои ги пополнуваат и водат институциите се клучни за реформски и системски промени, па ако сакате и револуционерни промени во едно општество и држава. Законите и прерогативите  се  фасада зад која се крие сржта на едно општество, а тоа е неговата човечка популација, која како збир од поединци/ индивидуи ја чини една држава, односно една општествена заедница.

Фактор: Постои ли закана врз Заев за “пресметки” меѓу различни групации на моќ внатре во СДСМ но и длабоко во институциите со реваншизам за неговите чистки?

Атанасоски: СДСМ е  партија шампион во вакви внатрепартиски „ пресметки“ и интриги меѓу различни групации на моќ, но сметам дека лидерот Заев за овие 5 години доволно ја зацврсти својата позиција внатре во партијата, особено што е лидер кој партијата ја врати од една политички коматозна состојба, партија која беше 11 години во опозиција, на победничкиот пиедестал, за денеска да биде партија која ги држи сите лостови на власта: централна , локална и претседателска. Не исклучувам, партиските „ интригантни и сплеткарски“ комбинаторики да проработат, но не верувам дека тоа драстично ќе му ја загрози позицијата на партискиот претседател или пак ќе го измести од политичкиот колосек. Има едно непишано правило кое гласи : „ СДСМ секогаш губи од СДСМ“ на избори. Веројатно свесен за ова, лидерот Заев е решен прво да го победи менталитетот внатрепартиски на „ другото СДСМ“, за да ја консолидира партијата и да претендира на уште еден четиригодишен мандат на парламентарните избори во 2020, секако, доколку нема евентуални предвремени избори.

Фактор: Заев и СДСМ со операцијата Метла го презеде приматот на политичката сцена како активна партија која го води својот наратив и тоа добива први одобрување кај јавноста. Што може сега да направи опозициската ВМРО-ДПМНЕ која нема контра наратив или барем не еден успешен?

Атанасоски: Опозициската ВМРО-ДПМНЕ спроведе една внатрепартиска „ метла“, иако не беше наречена така во нивниот политички вокабулар, веднаш после гласањето за референдумот и за уставните измени во собранието, кога беа разрешени потпретседателот на партијата Митко Јанчев, заменик- генералниот секретар Петар Богојески, кој доаѓа од реформаторското крило , и членот на Извршниот одбор Костадин Богданов, од позвучните имиња, како и голем број на потсекретари и други партиски функционери од пониските ешалони. Тука беа исклучувањата на Сашо Мијалков, некогашна најмоќна фигура во оваа партија, Никола Тодоров, еден од предводниците на партијата во времето кога беше на власт , со што се случи еден внатрепартиски карамбол, но не како партиско ремонтирање, туку како реакција на според лидерот на партијата „ противпартиски активности и непочитување на партиските политики“ од страна на горенаведените лица. Не верувам дека лидерот Мицкоски ќе направи  партиска метаморфоза во политиките, и ќе ја промени за 180 степени партијата, од причина што националистичкиот дискурс, ригидноста и твродокорноста во ставовите ( „ патриотизмот и родољупството“  според неговото поимање) е главна одлика во изминатата година и половина во која тој е партиски лидер. Можеби неопределената, граѓанска јавност, очекува храброст , Мицкоски да се огради, осуди , па дури и извини за политиките на оваа партија под водство на претходниот лидер Груевски, за истата да  претставува алтернатива за власта и истата таа партиски неопределена јавност да го даде својот глас за опозицијата на идните избори.  Сепак , политиките на една партија ги крои лидерот со своите соработници, па така лидерот Мицкоски најдобро си знае, дали води правилен партиско-политички курс, или партијата во води во изолационистичка дупка, во која и  покрај тоа што би бил евентуален победник на некои парламентарни избори, внатрешнополитичките прилики со партиите од т.н албански политички блок и надворешнополитичките и  геополитички конјуктирни услови, ќе го спречат да ја предводи идната македонска влада, исто така како што го спречија неговиот претходник  Груевски после парламентарните избори на 11 декември во 2016 та година.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“