26 Април, 2024
0.0283

Атанасоски: Силјановска-Давкова му ја зацврсти лидерската позиција на Мицкоски во ВМРО

Објавено во: Интервјуа 06 Мај, 2019

Добивај вести на Viber

Најголем триумфализам по изборите беше прикажан од страна на ДУИ како решавачки фактор кој според партиските челници обезбедил над 100 илјади гласови за победа на Пендаровски, а со тоа победиле тие како партија, но и концептот кој го наметна Ахмети за консензуален кандидат уште во 2014 година. СДСМ и натаму е партија која има најголем коалициски потенцијал и поддршка од пресудните албански гласачи, додека пак ВМРО-ДПМНЕ и со Гордана Силјановска Давкова не успеа да привлече многу од независните или неопределените гласачи. За изборните комбинаторики и за чекорите кои ќе и претстојат на Северна Македонија по претседателската кампања анализираме со политикологот Благојче Атанасоски.

Фактор: Помалку или повеќе очекувана победа на Стево Пендаровски, особено што коалициониот партнер ДУИ овој пат испорача на терен и донесе многу гласови во населените места каде живеат претежно граѓани Албанци. Што е сега разликата, проработи ли пак како што треба коалицијата меѓу Заев и Ахмети?

Атанасоски: Не можеда се негира дека ДУИ испорача одреден, задоволителен број на свои гласачи на контото на Пендаровски, но е многу тешко да се утврди точно колку. Наддавањето, односно утврдувањето на 90.000 гласови ( Ахмети) е во најмала рака невкусно, бидејќи илјадници гласачи Албанци го дадоа својот глас за кандидатот Стево Пендаровски, а не под директива на ДУИ/ АА/ БЕСА или друга етнично албанска партија. Најдобро тоа може да се опише иронично со статусот на поранешниот министер за финансии г-динот Џевдат Хајредини кој парафразирано гласи: „Ме прашува пријател Албанец, како да го дадам својот глас за Пендаровски, а тој да не биде вбројан во тие 150.000 на ДУИ“. Ова реторичко и иронизирачко прашање најдобро ја опишува состојбата со  „гласачите на ДУИ“, и дека таа е флуктуирачка,не e константна. Граѓаните  Албанци, се зрели и свесни граѓани на Републиката, и исклучиво како индивидуи, согласно својот вредносен светоглед го дадоа гласот, а не како испорака на контингент гласови од една одредена политичка партија.

Фактор: Заев говореше дека пораката од гласачите е примена и тие во поголем број им дадоа поддршка иако вкупно гледано СДСМ и нема премногу причини за огромно задоволство од оваа победа бидејќи загуби во многу важни средини каде има свои градоначалници, а истото важи и за повеќе големи скопски општини. Како ќе покажат дека ја научиле лекцијата, нови реформи, и засилено метење во администрацијата или пак ќе има ново опуштање во владините редови?

Атанасоски: Се надевам, овој „жолт картон“, ќе биде големо освестување за некои кадровски политики на власта, политики од страна на централната и локалната власт. Испорачување на резултати на локално ниво, политики од страна на централната власт со која ефективно и реално ќе се види подобрување на стандардот на граѓаните (не само имагинарни ветувања за подобра иднина во ЕУ и НАТО), нулта толеранција за корупција, непотизан, кронизам  и партизација на институцииите на системот, се само мал дел од очекуваните политики, кои треба да ги преземе власта, се со цел и понатаму да не и се намалува рејтингот (исклучиво во етничко македонските општини). Дали најавената „ метла“ ќе биде само за еднократна употреба , или  истата постојано ќе се користи , во комбинација со „ камшикарот“ , премиерот ќе ги консолидира функционерите и ќе ги доведе во ред, истите да ги испорачаат резултатите на граѓаните, и да се однесуваат многу позрело, посовесно и поодговорно, како што очекуваат сите граѓани.

Фактор: ВМРО-ДПМНЕ исто така не успеа да освои поголем корпус на гласови, ниту неопределени ниту многу од тие што се разочарани од владините политики. Се потврди ли тезата дека професорката Силјановска Давкова не може да донесе гласач плус, дали тоа се должи на начинот на кој ја водеше кампањата или пак вината треба да се бара на адреса на Мицкоски?

Атанасоски: Кандидатот на опозицијата освои 60.000 гласови повеќе од првиот круг, исклучиво од етнички Македонци. Досега практиката ни покажува дека никогаш кандидатот на опозицијата не победил на претседателски избори и не станал претседател на Македонија, па така сосема очекувано беше дека и овој пат таа практика нема да биде прекината. Напротив, во многу скопски општини, локални самоуправи низ Македонија, ВМРО-ДПМНЕ го презема водството во однос на последните локални избори, и мислам дека Силјановска-Давкова му ја зацврсти лидерската позиција на Мицкоски во партијата, и со освоените гласови, претставува „лакмус тест“ за идните предвремени или редовни парламентарни избори.

Фактор: Пресметан ли им е тивкиот бојкот на Алијанса за Албанците и БЕСА. Од една страна не помогнаа во евентуално поразување на кандидат поддржан од ДУИ, но од друга ниту пак придонесоа да победи кандидат на ВМРО-ДПМНЕ што во овој момент може да се сфати и како поголем проблем за Села и Касами?

Атанасовски: Интенцијата на Села и Касами, кандидирајќи го Река, им беше да освојат задоволителен број на етнички гласови ( што и го сторија), со цел да покажат дека се сериозен фактор во иднина да победат и на парламентарните избори ( во т.н етнички албански блок). Во ситуација кога, се уште албанското гласачко тело и граѓани кај нас има голем анимозитет кон ВМРО- ДПМНЕ, би било политички самоубиствено, лидерите на АА и БЕСА да ги  повикаат своите гласачи да гласаат за Силјановска. Од друга страна, очекувано беше дека нивните гласови ( се разбира не сите), нема да одат на контото на Пендаровски, бидејќи АА и БЕСА се опозициски партии, кои настапуваат критички не само против ДУИ, туку и против СДСМ.

Фактор: Државата бар за миг ќе стивне од црните сценарија за пропаст на изборите и неизвесни комбинаторики. Сега притисокот за брзи предвремени парламентарни избори ќе опадне, па што може да очекуваме следно на македонската политичка сцена на краток и подолго рок, со оглед на неизвесната интеграција во ЕУ и незадоволителното темпо на реформи и економски резултати?

Атанасовски: Се надевам дека ќе почнат вистински реформи, кои ќе испорачаат реални резултати, за да не се покаже и во иднина, се уште точна констатацијата на високиот американски дипломат Хојт Ји „На Западен Балкан, лидерите глумат дека спроведуваат реформи“. Доколку до крајот на годината го заокружиме нашето полноправно членство во НАТО, и ги почнеме преговорите со ЕУ, очекувам стабилизација на економските токови, зголемување на економскиот раст во континуитет, и реално подобрување на стандардот на граѓаните. Секако тоа не е магично стапче, кое веднаш ќе ги реши напластените проблеми на граѓаните, но ќе биде еден долготраен процес со кој постепено треба да се подобрува севкупниот квалитет на живот во Македонија.


Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“

Со НЛБ „Рамката за помош“ заедно ќе го олесниме секојдневието на глувите лица: Анита Гаговска за Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“