19 Април, 2024
0.0284

Атестација на украински - повеќе од половина јавни обвинители во аут

Објавено во: Колумни 03 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Од вчера в Украина почна со работа Канцеларијата на генералниот(јавниот) обвинител. Таа го смени досегашниот назив на Генералното обвинителство на Украина. Дали промената на називот ќе ја промени и состојбата? Обвинителствата во Украина, генерално, регионални или локални се сметаат за легла на корупција. Како и целиот судски и полициски систем во државата. Промената на називот е дел од реформата во обвинителствата. Реформа која започна во септември минатата година, со атестирање на обвинителите од Генералното обвинителство, а со оглед на тоа дека во обвинителствата има вработено околу 11.000 обвинители, тогаш се очекува реформата  да трае две години. До крајот на идната година ќе треба да заврши атестирањето на обвинителите. Да се атестираат-потврдат нивните квалитети да ја вршат обвинителската функција. Наместо атестација кај нас зборуваме за ветинг-проверката на обвинители, судии и полиција.

Атестирањето во генералното обвинителство заврши кон крајот на декември. Ако денот се познава по утрото, тогаш украинските обвинители се катастрофа. Од 1.339 обвинители од Генералното обвинителство после поминувањето на тестовите на работа во новата Канцеларија на обвинителствто беа повикани 610 обвинители. Најголем дел од нив паднаа на тестовите, друг дел не се ни појавија на тестовите. Бројката од околу 11.000 обвинители што остануваат за атестација во цела Украина сигурно ќе се преполови. А тоа е и дел од реформите – да се намали бројот на обвинителите, затоа што Украина има голем број обвинители според бројот на населението, споредено со меѓународни стандарди.

Дека работите ќе водат кон катастрофа покажаа уште првите тестови на обвинителите од Генералното обвинителство. На атестацијата не беа допуштени над 200 обвинители.  Во првите денови од атестацијата речиси 30 проценти не го положиле испитот за знаење на законите! Во таа етапа на тестот паднаа 288 обвинители, кои не можеа да продолжат со тестирањата. Тие требале на компјутерски тест да ги покажат своите знаења и умеења за примена на законите во согласност со надлежноста на обвинителот. На вториот компјутерски тест за оценка на општите способности и вештини на обвинителите паднаа уште 24 обвинители. Конечно, во третата етапа на атестирањето обвинителите кои останаа во „трката“  требаа да бидат интервјуирани, за да се види нивната професионална компетентност, професионалната етика и чесност. За оценување на владеењето на практични вештини и навики, обвинителите имаа и практична писмена задача. Во оваа последна фаза беа вклучени меѓународни експерти, невладини организации и Националната агенција за спречување на корупцијата. Од тестираните обвинители 154 не го поминаа тестот.

Генералниот обвинител на Украина Руслан Рјабошапко, коментирајќи  ги резултатите од атестацијата истакна дека „интервјуто и проверката на чесност биле најважната етапа на атестацијата, бидејќи на општеството му се потребни чесни и професионални обвинители, кои живеат од плата и работат според закон за да ги заштитат правата на луѓето и бизнисот“.  Тој најави дека ќе ги следи сите сигнали за моралната чистота на обвинителите и ако е неопходно ќе се преземат законски решенија. Во неговата Канцеларија најави нулта толеранција  кон корупцијата.

Паѓа во очи бројката од над 200 обвинители кои не беа допуштени кон атестација за да можат да продолжат да работат во генералното обвинителство. Тие требаше да потпишат пријава за атестирање во која се вели дека „во време на интервјуто може да се користат и анонимни информации за обвинителот, кои не подлежат на официјална проверка“. Некои од обвинителите не сакале да потпишат ваква изјава, бидејќи на тој начин се нарушува законот. Исто така истакнале дека со атестацијата се нарушува реформата на обвинителството. А како пример ја давале атестацијата во полицијата, кога оние што биле отстранети од полицијата, повторно се вработиле.

За реформата, посебно за атестацијата во полицијата во мај месец годинава во едно интервју првиот човек на Консултантската мисија на ЕУ во Украина, Кјастутис Ланчинскас , изјави дека била завршена, но отсуствувале последователните чекори, предвидени со реформата. Во смисла на нова подготовка на полицајците, затоа што не можеле без неа да работат по ново. Самата атестација, пак, не била идеална. Во мисијата постојано добивале информации дека луѓето кои требало да бидат оставени во полиција, биле избркани од работа, а оние кои требало да бидат отстранети, останале. Тој смета дека во ваквите информации има дел вистина. Но се правда дека кога се спроведува атестација на огромен број луѓе во кратки рокови, тогаш не е можно да се избегнат грешки. Патем, во Украина има околу 330.000 припадници на полицијата.

Кога станува збор за „најважната етапа на атестацијата“, интервјуто и проверката на чесност, како што ги нарече Рјабошапко, некои обвинители имало зошто да не го поминат тестот. Скапиот имот и друго богатство, обвинителите најчесто го декларирале како подарок од родителите  или други роднини. Прашањата за богатствата им биле давани однапред, а ако во текот на интервјуто немале соодветен документ, тоа било прекинувано за да му се даде време на обвинтелот да донесе доказ. Доколку не можеле да го докажат потеклото на имотот од сопствени приходи, а вредноста на имотот надминувала се' што тој заработил за 20 години, тогаш комисијата имала право да смета дека имотот е стекнат по нечесен пат. Заменикот на Рјабошапко, Виктор Чумак вели:„ Човек што не може да го докаже потеклото на имотот  не може да работи во обвинителството“.  Комисијата при интервјуирањето се занималала и со дела на обвинителите. Зошто учествувале во едно или друго дело. Што одново фрлало сомнеж кон обвинтелот, ако не можел да даде соодветен одговор. Имале случаи, стара баба на обвинител да биде сопственик на BMW Q7, а да го вози обвинителот. Или пак нечиј дедо, кој немал возачка дозвола, ама имал BMW X5 и X6.

Реформата на обвинителството во Украина е на почеток. Првите потези се за почитување. По завршувањето на атестацијата ќе  почнат завршните фази на реформите. Во меѓувреме покрај Канцеларијата на генералниот обвинител ќе има обласни и окружни обвинителства, кои ќе бидат под раката на генералниот обвинител. Се предлага укинување и на военото обвинителство. Исто така и намалување на вкупниот број на вработени од 15 на 10 илјади. Со тоа што на овие ќе им бидат зголемени платите. Конечно се предвидува и формирање на Специјално антикорупциско обвинителство. Нешто како СЈО кај нас. Само да не ја доживее истата судбина. Со оглед на тоа што и таму корупцијата ја јаде државата. И дека со неа управува клептократија. Исто како кај нас.

Токму затоа е и сето ова писание за Украина.  Затоа што и Македонија е на исто дереџе како таа држава. Вчера партиите се договорија за новата техничка влада. Во април ќе одат на избори. Устите ќе им бидат полни со борба со корупцијата. А во изминативе години, повеќе од 20, не направија ништо да почне борба со неа. Полни усти демократија и борба со корупција. А во реалноста клептократија. Еден американски полковник неодамна во истражување на „Вашингтон пост“ за состојбите на Американците во Авганистан зборуваше и за американските напори во таа држава. САД војната во Авганистан ги чини безмалку еден трилион долари. А работите не се помрднати ни за мал прст. Така е веќе 18 години. Една од причините за тоа е и клептократијата во Авганистан. Полковникот вели дека на битово ниво корупцијата е како рак на кожа и може да се излечи. Корупцијата во министерствата ја поврзува со рак на желудец, кој исто така може да се лечи. Но клептократијата за него е како рак на мозок и од тоа нема спас. Е токму во таква состојба е Македонија.

Од утре ќе продолжи изборната кампања, иако со закон тоа е забрането. И сите ќе зборуваат за корупцијата. Опозицијата ќе ја обвинува актуелната власт, што е нормална појава. Но, критиката треба да биде објективна, особено на фонот на дејствијата на претходната власт, која сега е во опозиција. Ако критикувате за корупција, тогаш бидете објективни и кажете за вашата борба со корупцијата во време на вашиот мандат. Кај нас нема објективност. Клептократијата достигна врв во време на Никола Груевски. Но, коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ не направи ништо да ги промени работите на тој план.

Токму затоа кога во кампањата ќе се зборува за борба со корупцијата, за курумпираните обвинители, судии, полицајци, нека се каже нешто дека има обиди во светот од кои може да се учи. Не од примерот на чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче или сингапурскиот Ли Кван Ју. Нека се провери искуството на Украина, со сите маани и предности. Да се отиде таму по изборите, да се позборува со носителите на реформите. Со луѓето од меѓународната заедница кои учествуваат во нив. А меѓу кои е и нашата Мирјана Трајковска. Судија која не им чинеше на нашиве од судството, исто и како Маргарита Цаца Николовска. Па во Уставниот и Врховниот суд ставаа партиски послушници, што е очигледно до ден денес. Судии на далечинско управување. Тоа ти е дел од клептократите. Корумпирани политички, законодавни и судски институции и обвинителства, само со цел да се збогатуваат партиски челници и партии. Кој им пречи на партиите да ги земат Трајковска и Цаца, па да ги стават на чело на реформите на судовите, обвинителствата...Ако чинат за во Стразбур или за други меѓународни дестинации, тогаш уште повеќе би чинеле за нас.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок