13 Ноември, 2019
0.0165

„Аутомат-клуб“

Објавено во: Колумни 20 Октомври, 2019

Според некои досега недокажани, но непишани правила, пред да заплива во немирните животни води, секој скопјанец, што барем малку држи до себе, мора да помине низ неколку важни циклуси. Што би се рекло-се во свое време инаку постои реална опасност индивидуата да се здобие со додавката-неизживеан.

Со сиот  ризик што може се да произлезе подоцна генерацијата скопјани што созреваше во седумдесеттите се заигра, ни помалку ни повеќе-на флипери. Рака на срце тешко можеше да се верува дека со таа генерација апарати за забава ќе можеа да се бават малите скопјанчиња-тие беа гломазни и мошне високи и недостижни за ракување –со еден збор како создадени за свршени гимназијалци и бруцоши.

Единствениот „аутомат-клуб“ беше сместен во сутеренот на Домот на градежниците. Во две простории со низок таван еден до друг беа наредени флиперите со најразлични игри, по должината на едниот страничен ѕид имаше мини-кугларница, во аголот на преградниот ѕид џу-бокс(постојано од утро до вечер во 90 насто случаи се вртеше Облади- облада на Битлси), а во вториот одделен простор имаше билијард (со чудна комбинација на играта-карамбол, кегли и дупки, се во едно). Жетони немаше, се играше со монети од еден југо-динар, а за редот и раситнување на парите се грижеа пензионирани припадници на милицијата (замина Ранковиќ и тие заедно со него во прерана пензија). Не смееше ништо да му се остави на случајот (тепачка немаше, освен тук-там, а комар само строго дискретно.

Клубот отвораше во 10 а се затвораше во 22-стриктно. Се чекаше да се отвори (кој не отишол на предавање или вежби, кој киднал од школо). Јунаците главно едни те исти,маалските фраери и играчи од цело Скопје. Борбата се знае-да се постигне бонус(мајсторите по повеќе, а потоа автоматот се отстапува за надомест на рака на послабите). Царуваа Сакс и Баже, Џери и Моме, понекој куглар, а на билјардот Гулај, кој ја надмина фазата на мини и заигра во Инвалидски на голема класична маса(велат долго, до денешни дни е нанадминат играч). Во ходникот откаршија имаше бифе каде што постојано седеа љубители на чашката и на скарата,засолнети од љубопитните и озборувачки погледи на сограѓаните. Тука оние што имаа по некоја пара повеќе или од чалам меѓу две игри земаа плескавица со пиво и јадејќи и пиејќи врз флиперот се курчеа пред останатите (клубот понекогаш корнеше на кромид и скара, на задоволство на Чоче, превеаниот скараџија и редар во летната тераса на киното).

Кај го имаше тоа, на едно место клуб за забава, бифенце, две кина, од кои едното летно сo бавча на последниот кат на Домот. Излези од дома и дрежди по цел ден. Оние што беа стасани да имаат девојка средбите ги закажуваа на платото пред Клубот (да не денгубат од играта)-тоа што неповратно губеа од наставата беше помалку важно.

Мора да се признае-бевме навлечени на играта на металната топка што со флиперите ја упатувавме на одредени делови од полето за игра, покриено со дебело стакло, а погодокот се означуваше со посебен препознатлив звук,а бонусот со завршна мелодија(за нас врвна рапсодија и ода на мајсторството).

Сипаници неретко се одлежуваат и на постара возраст.И ние ја одлежавме,свесно или несвесно оваа детска задолжителна фаза во невреме и сме тука кај што сме,главно живи и здрави(како кој)...

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Нестабилни движења на извозот и увозот на македонското земјоделство

Нестабилни движења на извозот и увозот на македонското земјоделство

Денот на Републиката

Денот на Републиката

Три децении од паѓањето на берлинскиот ѕид – (не)научени лекции

Три децении од паѓањето на берлинскиот ѕид – (не)научени лекции

Се нуди политички „трет пат“- по којзнае кој пат

Се нуди политички „трет пат“- по којзнае кој пат

Влијание на перењето пари врз развојот на националната економија

Влијание на перењето пари врз развојот на националната економија

Уметнички кварт

Уметнички кварт