Автоголот на Зеленски
Објавено во: Колумни 28 Јули, 2025 08:59
Добри вести за Америка дојдоа вчера од Шкотска. Американскиот претседател Донлад Трамп на својот приватен имот ја прими шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, по што, по едночасовна средба излегоа со изјави дека САД и ЕУ постигнале трговски договор, неколку дена пред крајниот рок што го даде Трамп, 1 август. Наместо заканата од најавените 30 проценти, сега европските производи во САД ќе се увезуваат со царина од 15 проценти.
За Доналд Трамп тоа е „најголема зделка од сите досега постигнати“. Пред некој ден со Јапнија се договорија за инвестиции во САД во вредност од 500 милијарди долари. Сега членките на ЕУ, според договорот, кој допрва треба да биде потпишан, до крајот на мандатот на Трамп ќе купуваат од Американците енергенси во вредност од 250 милијарди долари годишно, или вкупно 750 милијарди. Исто така, Европската Унија се обврзува да вложи во инвестиции во САД 600 милијарди долари, не вклучувајќи ги тука постојните инвестиции. Конечно членките на ЕУ ќе купуваат американско оружје, кое ќе можат да го даваат кому сакаат и колку сакаат. Според Трамп, и на Украина. Досега САД имаа дефицит во размената со ЕУ од над 300 милијарди долари. Сега се очекува само од царините во американскиот буџет да се влеат 90 милијарди долари годишно. Фон дер Лајен истакна дека битно е што ЕУ ќе се откаже од руските енергенси и ќе ги купува од САД. И течен природен гас, и нафта и нуклеарно гориво. Таа ништо не спомна по која цена ќе биде купувањето на енергенсите, но нагласи дека „зделката носи стабилност и предвидливост за граѓаните и бизнисот од двете страни на Атлантикот“.
Европа сега ќе треба да собира пари за купување американско оружје, колку што може, и да го дава на Украина. Некој ќе рече на Зеленски, но како што стојат работите по „автоголот“ што тој си го даде минатата недела, не се знае дали тој ќе ја прими помошта или некој друг украински политичар. Со едно итно гласање Врховната рада на Украина (парламентот) практично ја одзеде независноста на антикорупциските тела во таа земја, формирани со западна помош, пред се’ од САД. Беше одземена автономијата на Националното антикорупциско биро и на Специјалното антикорупциско обвинителство. Претходно власта не сакаше да го спроведе законот и да го назначи првиот човек на Бирото за економска безбедност, кој беше избран на конкурс. Автономијата на антикорупциските тела практично беше поништена и тие беа ставени под капата на државниот обвинител, човек неодамна назначен од власта. Еден од мотивите за носење на новиот закон беше и наводното руско влијание во редовите на НАБУ, што се случи по претреси и апсења на детективи од НАБУ, од страна на Службата за безбедност на Украина.
КОРУПЦИЈА
Во Украина се крене голема врева по носењето на законот, бидејќи се сметаше дека тоа е атака на власта врз антикорупционерите. Причината за неа поддржувачите на антикорупционерите ја гледаа во работата на НАБУ и истрагата на кривични дела против луѓе блиски на Зеленски. Се споменува голема корупција во зделки за производство на беспилотни летала од страна на компании блиски до опкружувањето на претседателот.
Потезите на власта паднаа под удар на амбасадорите на Г-7 во Киев, кои изразија вознемиреност по повод ситуацијата со НАБУ. И претставникот на ЕУ во Украина најави можност за укинување на помошта во случај на отказ од реформите. Се јавија и претставници од ЕК. Но, Зеленски молчеше. Веројатно очекуваше се’ да заврши без голема врева, и дека ЕУ ќе го поддржува, бидејќи е во војна со Русија и за Европа. Според некои извори во Канцеларијата на претседателот сметаат дека Трамп нема да ги спасува антикорупциските структури, бидејќи тие своевремено водеа војна против него. Во 2016 година. Во предвечерието на изборите, кога се појави и т.н. „Рашагејт“, кој деновиве одново ја бранува американската јавност.
Беше разбранета и украинската јавност и почнаа спонтани собири против чекорите на власта. Имаше повици за оставки на Зеленски и шефот на неговата канцеларија, Андреј Јермак, кого го сметаат за лидер во сенка. Западни медиуми почнаа да пишуваат за авторитарноста на Зеленски. Собирите не прекинуваа и многумина се потсетија на настаните од минатото, од „обоените револиции“ во Украина. Го обвинуваа Зеленски дека ја „предал Украина и идеалите на Мајдан“. Дали овој пат ќе има нова револиција? Во Киев веќе се зборува за судир меѓу „грантисти“ и „антигрантисти“. Првите се луѓето од НАБУ и нивни поддржувачи и разни организации кои во минатото, до доаѓањето на Трамп, добиваа грантови од САД и се обучувале во САД.
Ним им се приклучуваат и некои олигарси, поранешниот претседател, Петар Порошенко, на пример, со сета своја медиумска и материјална моќ. Но и со надвиснатото над него обвинување кое што може да го однесе во затвор. Тука е и Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев, кој беше дел од протестите, но и е на тапет од власта, па му се заканува отстранување од градоначалничката функција, ако не и судење. Од друга страна е Јулија Тимошенко, некогашната премиерка на Украина. Таа вели дека антикорупциските тела се знак за колонизација на Украина. „Не треба да се прикажува за патриотизам претворањето на Украина во бесправна колонија...И ние гласавме за таа глупост(создавањето на НАБУ и САО), мислејќи дека всушност ќе има борба со корупцијата. Но, каде се кривичните дела? Ги нема бидејќи борбата со корупцијата е по избор. Тие бирааат кој е свој, а кој е туѓ“, изјави Тимошенко во Радата, кога се усвојуваше законот.
СВИТКАНА ОПАШКА
Поделбата во општеството која што најавуваше да стане поголема, а која тлее од порано, и посебно се’ поголемата масовност на протестите го натераа Зеленски да си ја свитка опашката. Не изостанаа и укажувањата од лидери на ЕУ, дури и од фон дер Лајен, за враќање на законитоста. Па Зеленски ги свика претставниците на НАБУ, САО и Националната агенција за спречување на корупцијата, заедно со раководителите на СБУ, Военото разузнавање, Министерството за внатрешни работи и Државното обвинителство. Пораката до НАБУ беше дека истрагите за милијарди не треба да се влечкаат со години без законски казни. А антикорупциската инфраструктура треба да работи без руско влијание. И дека нема објаснување зошто Русите до ден денес можат да добијат нужна информација. Претставниците на НАБУ и САО, по средбата побараа да се укине законот со кој им беа одземени овластувањата. И им се заблагодарија на граѓаните кои излегоа на протести.
Украинскиот претседател веднаш најави дека ќе го укине новиот закон и ќе донесе нов со кој ќе се гарантира независноста на антикорупционерите. Тој треба да се најде во парламентот неделава. По скратена постапка, иако парламентот беше заминал на летен одмор. Виновен за спорниот закон го нарече парламентот. Демек тој бил одговорен за измените со кои антикорупционерите ја изгубија независноста. А за нив гласаа најмногу претставниците од неговата партија! Како секој политичар од Истокот и тој се прогласува за невин. Па како вистински демагог вели:„ Многу е важно да зборува јавноста. Јас го почитувам мислењето на јавноста. Сметам дека е сосема нормално да се реагира, кога луѓето нешто не сакаат, кога не им се допаѓа. Луѓето рекоа – се мора да биде по закон. За мене беше многу важно, ние правилно да чуеме и региравме.., рече Зеленски. Но заборави да каже дека беше подложен на критики и од Западот. И медиумски и политички. Од оние кои до вчера го обожаваа. Сите бараа од Зеленски преданост во борбата со корупцијата. Имаше и закани за намалување на финансиската помош од ЕУ.
Погодени се и сенаторите Линдзи Грем и Ричард Блументал, главни поддржувачи на Зеленски и автори на законското решение за нови санкции кон Русија. Блументал вели дека се надева оти Зеленски и во иднина ќе се придржува на принципите на прозрачност и борбата со корупцијата. „Од тоа зависи неговиот авторитет и поддршка“, нагласува Блументал. Но изјавите на Блументал, на Линдзи Грем и други „јастреби“ за поддршка на НАБУ се условени и од стравувањето дека поради активирањето на темата корупција во Украина, ќе паднат во вода сите убедувања на Трамп да ја продолжи помошта на Украина и да го зголеми притисокот врз Русија. Впрочем и ќерката на Кит Келог, специјалниот пратеник на Трамп за Украина, го осуди одземањето на овластувањата на НАБУ. „Тоа решение е навистина неверојатно, зачудувачки глупо. Доаѓа во најнесоодветно време, имајќи ги предвид неодамнешните позитивни чекори во политиката на САД“, напиша таа во еден пост. Во друг додаде дека сега „е особено кревок и опасен момент за Украина“, додавајќи дека „надлежноста н ефикасноста на НАБУ И САО во борба со корупцијата на високо ниво е спорно прашање“. Од друга страна противниците на Зеленски, републиканци, ги поддржуваат протестите како доказ дека треба да прекине поддршката на Зеленски, а него да го тргнат од власта. Да не заборавиме дека Трамп, неодамна, одново напомна дека биле украдена многу милијарди помош на Украина.
ЕУ НЕ Е ЧЕСНА
Во очекување на гласањето во украинскиот парламент може да се зборува за последиците од чекорот на власта. Нејзините противници веќе повикуваат на промени. Приврзаници на Порошенко бараат создавање нова коалиција во парламентот. Да дојде до промена на претседателот и раководството на Радата. Да се формира Совет за национално единство, составен од парламентарна и непарламентарна опозиција, кој ќе ја води земјата. Во нив да влезат „грантисти“ и малите опозициони партии. Зеленски да вети дека нема да оди на втор мандат. И да се посвети на војната. Ова зборува дека доаѓа и до борба меѓу партиите, но и олигарсите исправени пред можност од судење, со политиката. Се’ ова што се случува доаѓа во најнеповолен момент за Украина. Политичките борби можат да се пренесат и меѓу војската. И тоа да влијае врз нејзиниот борбен дух. Може да влијае и врз некои можни одлуки на Трамп. За помош на Украина или за притисок врз Русија. Има мислења дека со тоа е поврзана и иднината на Зеленски. Прашање е само дали Трамп ќе сака да го спасува од несакан развој на настаните во Украина или, пак, да го урне, како човек за кого смета дека е пречка кон мирот на Украина, како што има еднаш изјавено.
Затоа е многу важно она што сега се случува во Украина, кога таа е во воена дефанзива да не дојде до дестабилизација, хаос, да не се знае кој јаде, а кој пие, во власта и во војската. Веројатно до тоа нема да дојде. Зеленски, од кого веќе некои чувствуваат замор, се’ уште ја држи власта во свои раце. Тоа што некои го викаат диктатор или автократ не допира до него. Битно му е што за него ќе кажат лидерите на државите со кои комуницира најмногу. Британија, Фрамција или Германија. Секако и САД, но врската со Трамп му е многу полабава.
Што се однесува до Европа и ЕУ, деновиве во Украина почнаа да зборуваат за нејзината чесност кон Киев. „Европска правда“, чиј сопственик е еден од „непријателите“ на Зеленски, во саботата објави редакциски коментар под наслов:„ Молчењето ја убива демократијата. Западните партнери треба да ја сменат политиката во односите со Украина“. Во коментарот се вели дека една од причините за „повлекување“ на Зеленски, била реакцијата на народот. Но и неочекуваниот притисок од Западот, повеќе од европските партнери, а помалку од САД. Редакцијата тврди дека Зеленски бил уверен дека ќе нема жестока критика. Тоа произлегуваа од фактот што меѓу европските политичари, од 2022 година, дејствува фактички мораториум за критички изјави во однос на Украина и нејзината власт. Исклучок е Виктор Орбан. „Европските лидери од мејнстримот цврсто се придржуваат до тоа правило“, пишува во коментарот. „Се оди до таму што дури не е време за критика зад затворени врати, Затоа што е војна. Затоа што не треба да се даваат адути на непријателите на Украина. Затоа што Киев треба да се поддржува во секакви услови“. Авторите пишуваат дека Зеленски го гледал молчењето на Комисијата, дури и во скандалозни случаи. Па Киев се однесувал како имун на критики. И сега одеднаш критики! Мораториумот на критика на Киев на почетокот на воениот пат имал смисла. Но целосното отсуство на критика и штети на земјата. Ги поткопува реформите. Ја убива иднината, велат новинарите.
Од Редакцијата ја повикуваат ЕУ кон чесност. Таа е едниот од патиштата за помош на земјата. Според нив, тоа што се случи деновиве, кога критиката на западните партнери стана решавачка, најважен фактор што го убеди претседателот и неговата администрација да го сопрат нападот врз антикорупциските органи е очигледна илустрација на тоа, дека партнерите на Украина треба да ја променат тактиката и политиката во општењето со Украина. Европска и реформирана Украина, која што живее според правилата, ни треба и нам, граѓаните на Украина и на нашите држави-партнери, се вели во коментарот. Украинското граѓанско општество и слободните медиуми се подготвени и натаму да работат на тој пат. Од Европските партери се бара само да бидат чесни во односот со Киев.
Може ли Украина да му прости на Зеленски? Тоа не е главното прашање. Зеленски треба да се запраша дали тој може сам да си прости за она што го направи. Она што му го урна за еден ден ликот што го градеше од 2019 година. Очигледно глумење лик во тв-серија, не е исто со глумење во реалноста. Не само што си нанесе удар себе си. Удри и врз мислењето на политичарите и на медиумите во светот за него. Па сега веќе се зборува за корумпираниот, за авторитарниот Зеленски, а луѓето на протестите го нарекуваат предавник и го хранат со пцости. Но најболен ќе биде ударот врз преговарачкиот процес. Кој знае што треба да се случи, па Зеленски да излезе сув од измочаната кариера. Оставката е најблаго решение. Во спротивно ќе се потврди дека е авторитарна личност. Освен ако не го спаси „чесноста“ на Европа. Да го почекаме 31 јули.
Мирче Адамчевски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





