11 Декември, 2018
0.3135
    ALK 8149.06    0.8%     GRNT 810.87    1.36%     KMB 4932.79    2.35%     MPT 46443.88    0.75%     MTUR 4850    -0.58%     MZPU 607    0%     OHB 6545.4    1.52%     PTRS 3075    0%     RMDEN16 97    1.04%     RMDEN17 96.5    0%     RZLV 68    0%     SBT 1802    -7.59%     STB 1278.3    1.18%     STIL 121    0.83%     TEL 295    0%     TNB 13999.97    0%     TTK 1233    -0.91%

Бачев&ко.- новите руски надежи!

Објавено во: Колумни 10 Август, 2018

На што спадна Русија? Главна нејзина надеж во Македонија да биде маргиналецот Јанко Бачев и неговата „Единствена Македонија“. Во време кога во Македонија има препукувања околу спогодбата со Грција на Бачев му се приклучија уште дваесетина, исто така, организации на маргиналци, очајници и мешетари. Демек ќе го бојкотирале референдумот за прифаќање на спогодбата со Грција.

Е, токму Бачев и 28-те организации на маргиналци, очајници и мешетари се најдоа во извештаи на руски агенции. Ги претставуваат како невидена сила. Бачев, како што се пренесува тврди: „Веќе е разбирливо дека референдумот ќе пропадне, затоа што Македонците не сакаат да го менуваат името на својата држава. Македонците не се гледаат себе си како дел од ЕУ и НАТО, тие сакаат стратешка алијанса со Русија и членство во Евроазискиот економски сојуз, сојуз кој гарантира процут на македонскиот народ и неговата држава“. Кои јадни Македонци се гледаат себе си во стратешка алијанса со Русија и членство во ЕАЕС? Да ги прашаат приврзаниците на бојкотот сигурно е дека мнозинството од нив не би сакало да оди со Русија. Па во секоја анкета над 60-70 проценти од испитаниците се за ЕУ и НАТО. Бачев зборува за масовен отпор на граѓаните кој „раѓа паника во македонскиот парламент“! Небаре е Ленин, кој на своите сопартијци им велел,„ние сме мала партија, но колку е подлабока кризата, толку подобро за нас“. Паниката, според бачевбила повод за „марионетската влада во Скопје реши да се спротивстави со итрина, па референдумот нема да биде задолжителен, туку консултативен“.

Правото на слободно изразување на сопствената волја е неприкосновено, така и за Бачев и 28-те организации на маргиналци, очајници и мешетари. Но тие ќе бидат губитниците на референдумот. Дотолку повеќе што и ВМРО-ДПМНЕ нема да го бојкотира него. И не само тоа, туку ќе учествува и во уставните промени. А Бачев&ко. најавуваат отпор. Би било добро за Бачев&ко. по референдумот да се обидат да останат обединети и на наредните избори да се обидат да направат нешто. Но ако се има предвид дека се составени од маргиналци, очајници и мешетари, тие ќе се распаднат уште во првите часови по референдумот. Сега, веројатно,главните меѓу нив, ги држат заедно парите од „спонзорите“.

Руските експерти кои не заземаат страна се свесни дека се можни протести во Македонија, но се сомневаат дека тие ќе се одразат врз конечното решение. „Ситуацијата е нестабилна, но се’ се прави конфликтот да се изглади, во тие рамки и од странските посредници, кои го организираат тој договор“, вели научниот соработник од Институтот за словенски студии при Руската академија на науки АлекандарПивоваренко. Според него, европските партнери на Македонија во новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицковски, гледаат политичар способен за договор, па затоа тој не би бил заинтересиран за заострување на политичката ситуација.

И специјалистот за Источна Европа од Московскиот центар Карнеги, Максим Саморуков,  смета дека Македонците позитивно се однесуваат кон перспективите за интеграции во меѓународните сојузи. И дека во Македонија луѓето и натаму ќе се нарекуваат себе си Македонци, а новото име ќе фигурира само во официјалните документи. Тој ја нагласува „желбата на Европа и САД да направат од Македонија земја за пример во регионот, која се откажа од корумпирани лидери, донесе нова програма на реформи, за што треба да се награди со опиплив прогрес во интеграциите во евроатлантските структури“.

Што се однесува до позицијата на Русија кон сето ова, Саморуков смета дека „Русија сега нема зошто да се тепа за Македонија“. Тој се сомнева дека Русија „ќе се обиде да го попречи договорот, особено поради тоа што нема никаква сериознаподдршказа тоа во Македонија, а малите маргинални проруски партии немаат влијание врз овој процес“.Саморуков вели дека „Македонија и била интересна на Русија, се додека ја гледаа како алтернатива на Бугарија за изградба на гасоводот „Турски тек“, но сега одново се разгледува бугарската варијанта“. Најверојатно Русија ќе истапи со осуда, кога ќе почне процесот на стапување на Македонија во НАТО и кога, најверојатно, од неа ќе биде побарано да воведе санкции против Русија, но сето тоа ќе биде мала загуба за Русија, смета Саморуков.

На 13 јуни годинава рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по повод Преспанскиот договор изјави: „Ние секогаш нагласувавме дека се залагаме за наоѓање договор за тој проблем без мешање од надвор, без поставување на вештачки рокови и услови. Зборувавме дека ќе поддржиме решение кое ќе одговара на интересите на Грција и на Македонија и кое ќе се потпира на широка општествена поддршка. Се надевам дека вчера објавениот договор ќе биде токму таков“.

Што претставува за Лавров широка општествена поддршка? Ќе покаже референдумот, односно резултатите од него. Овој пат на Лавров за се она што ќе се случува околу референдумот, најверојатно, ќе му реферира новоназначениот амбасадор на Русија во Македонија, Сергеј Баздникин. Досегашниот амбасадор, Олег Шчербак, е ослободен од должноста, по осумгодишно службување во Скопје.Неблагодарно е да се шпекулира замената на Шчербак, но најверојатно тој заминува и поради возраста. Има 68 години.

Новиот, Баздникин, е речиси дваесетина години помлад од него. А доаѓа од позицијата заменик директор на департманот за надворешно политичко планирање. Во 2006 година бил шеф на канцеларијата на амбасадата на Русија во Приштина. Од отворените извори може да се дознае дека Баздникин бил во Приштина за време на интересни настани за иднината на Србија и нејзината тогашна покраина.

Тогаш, како и сега биле во тек сериозни преговори за уредувањето на односите. Па во еден текст на белградска „Политика“ од април 2006 година се цитира изјава на Баздникин, кој вели дека „кое било прифатено решение за статусот на Косово и Метохија, ќе биде меѓународен преседан и ќе се користи за решавање на други конфликти во светот, вклучувајќи ги и оние кои се присутни во Заедницата на независни држави“! Според него долгорочно решение на косовското прашање може да биде само она за кое ќе се договорат двете страни, Белград и Приштина. Оттогаш се поминати 12 години и сега двете страни одново се наоѓаат пред предизвик за договор. Во меѓувреме, во 2008 година Косово прогласи независност. Токму тоа решение денес Русите го земаат како меѓународен преседан и го користат во конфликти во ЗНД! Крим, на пример, Абхазија, Осетија...Сега меѓу Косово и Србија се подготвува жежок дијалог, а Баздникин ќе биде сведок одблизу.

Со оглед на горното може да се зборува дека Баздникин добро ги познава не само состојбите на релација Белград-Приштина, туку и во регионот. Веројатно и во Македонија. Но, нему нема да му биде лесно да се справи со наследството што му го остава неговиот претходник.  А тоа е оценката дека Русија индиректно ги спонзорира некои од опозиционите политички сили во државата, дека се спротивставува на влегувањето на Македонија во НАТО, дека до последен момент ја поддржуваше претходната криминалната власт...Ако се има предвид ескалацијата на односите со Грција, тука може да се додаде и противењето на договорот од Преспа.  Односно мешање во односите меѓу Македонија и Грција. А во тие рамки наводните обиди на Русите да влијаат врз решение за признавање на Македонската православна црква која има побарано од признавање од Константинополскиот патријархат. Како и „спонзорирањето“ на протести во двете земји од страна на руско-грчки бизнисмени.

Навистина голем товар за Баздникин. Ако сака да си го олесни прво што треба да направи да крене раце од Бачев&ко.Тие не се надеж, туку ортома. Која само ќе му ги врзува, во напорите да ги врати руско-македонските односи на некое ниво, на пример, како што беа пред повеќе од десетина години. Во времето на АгаронАсатур, Владимир Солоцински...Со оглед на тоа што е приврзаник на соработка со невладини организации тогаш ете му простор да ја гради иднината меѓу Русија и Македонија. Исто како што тоа го прават неговите колеги во Словенија. Нека се збогува со намерите да влијае врз одењето на Македонија во НАТО и ЕУ. Тоа е завршена приказна. Се разбира ако од Кремљ не му дале некоја друга задача.

Мирче Адамчевски

.


Можеби ќе ве интересира

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ

Плоштад Слобода

Плоштад Слобода

Американците испратија ултиматум до Русија, таа пак како да не го забележува

Американците испратија ултиматум до Русија, таа пак како да не го забележува

Помирувањето како предизвик

Помирувањето како предизвик