Бајден и Путин ќе си ја „честитаат“ годишнината од војната во Украина
Објавено во: Колумни 20 Февруари, 2023
Неделава што почнува ќе биде во знакот на годишнината од почетокот на војната во Украина. Лани на 24 февруари се случи руската инвазија на украинска територија. По тој повод Украинците од поодамна најавуваат „голем настан“ во Обединетите нации. Но тој најверојатно ќе падне во сенка на „честитките“ што ќе си ги испорачаат американскиот претседател, Џо Бајден и неговиот руски колега, Владимир Путин, уште утре.
Како што е веќе најавено Џо Бајден ќе престојува во Полска од денес до среда. Таа посета очигледно е многу добро и наменски подготвувана. Токму во предвечерието на руска инвазија на Украина. Само пред некој ден во Европа, во Минхен беше американската потпретседателка, Камила Харис. А можеше на Минхенската конференција за безбедност да дојде Бајден, а не по два дена од нејзиното завршување да летне за Европа. И тогаш, од Минхен, да почне да ја реализира програмата на посетата. Но, не, тој сака посетата да остави трага барем на два до три дена од 24 февруари. Во тие рамки и со „многу значајна реч“, како што најавуваат Американците.
Што ќе каже Бајден? Во медиумите веќе протекоа некои информации, а вчера се јави и државниот секретар Ентони Блинкен. Речта на Бајден е планирано да биде пред лидерите на „Букурештанската деветка“ во која влегуваат Бугарија, Чешка, Словачка, Унгарија, Полска, Романија и Латвија, Литванија и Естонија. Се некогашни членки на Варшавскиот пакт или делови од Советскиот Сојуз. Украинскиот министер за надворешни работи Димитриј Кулеба, да не остане покусур, изјави дека речта на Бајден ќе биде „значително позначајна“ од онаа на Путин во Федералното собрание. Според претставникот на Белата куќа, Џон Кирби, Бајден во текот на својот настап ќе се обрати лично кон рускиот лидер. Претходно оттаму беше најавено дека Бајден ќе се обрати и до рускиот народ. Според индискиот канал CNN-News18, „Бајден во својата реч ќе се заблагодари на НАТО и ќе им оддаде признание на украинските сили за нивната храброст во спречувањето на инвазијата на Путин“. Според каналот, некои експерти сметаат дека Бајден ќе раскаже и за тоа како САД „го сплотија светот за да се поддржи украинскиот народ. Кога тој ги заштитува својата слобода и демократија“. Новинарите од каналот сметаат дека американскиот лидер ќе му „испрати порака“ на Путин, сигнализирајќи и на Москва дека Вашингтон нема намера да ја сопре поддршката на Киев.
Претседателот Путин ја симна неизвесноста кога пред извесно време беше соопштено дека ќе има редовно обраќање до Федералното собрание. Според Димитриј Песков, портпарол на Кремљ, Путин ќе им додели посебно внимание на темите поврзани со „специјалната воена операција(СВО)“. „Целиот наш живот сега се врти околу темата на СВО. И таа, на еден или друг начин влијае врз нашиот живот, врз животот на континентот. Па затоа, секако, вреди да се очекува дека претседателот ќе додели многу внимание токму на неа“, изјави Песков. Што конкретно ќе каже не се најавува, но не се исклучува и тој да им посвети внимание на сојузниците на Украина.
„Големиот настан“ што поодамна го подготвуваат Украинците и нивните сојузници во ОН, наиде на потсмев во рускиот Совет на Федерацијата. Владимир Џабаров, заменик претседател на Меѓународниот комитет во Советот, рече дека тоа би можело да биде капитулацијата на Киев. Но потсмевот настрана, Украинците многу очекуваат од тој настан неделава. Станува збор за резолуција која Украина и нејзините сојузници ќе ја предложат на Генералната асамблеја на ОН. Во неа ќе се зборува за неопходноста од што е можно побрзо постигнување траен мир, кој ќе и обезбеди независност и суверенитет на Украина, единство и територијана целосност. Таа ќе ја повикува Русија веднаш да ги повлече војските од територијата на Украина.
Станува збор за планот од десет точки кој лани есента го обнароди претседателот на Украина Владимир Зеленски. План за „достигнување на мирот“. Меѓу десетте точки, меѓу другото се зборува за обезбедување на нуклеарна, прехранбена и енергетска безбедност, размена на заробениците според формулата „сите за сите“, воспоставување на територијална целосност на Украина, давање на меѓународни гаранции на Украина, како и покривање на загубите на Украина за сметка на руските активи замрзнати на Запад. Изминатиов период Украина беше во дипломатска офанзива за придобивање поддржувачи на „мировниот план“ на Зеленски. Тој вчера во интервју за „Кориере дела сера“ изјави дека планот предвидува гаранции од САД, Кина и други големи држави. Зеленски се надева дека Пекинг во однос на конфликтот се „придржува до прагматична позиција“, инаку, според негово мислење, има ризик од трета светска војна. Неговиот план бил насочен кон достигнување мир во цел свет.
Но и Кина најави свој мировен план за Украина. Во Минхен Кулеба се сретна со поранешниот кинески министер за надворешни работи Ван Ји, сега прв човек на Канцеларијата на комисијата за меѓународни односи на ЦК КПК и член на Политбирото. Кулеба веројатно барал од Кина да го поддржи планот на Зеленски. Но, Ван Ји изјавил дека не сака одолговлекување на кризата во Украина и нејзино проширување, и дека Кина е подготвена да работи со меѓународната заедница за спречување на натамошно влошување на ситуацијата и постигнување мир. Тоа, на обичен јазик, значи дека Кина нема да ја поддржи Украина. И, според Ван Ји, кинеските власти по повод годишнината од кризата во Украина ќе подготват документ за позицијата на Кина за решавање на кризата. Кинескиот став е дека и во најсложени ситуации е „неопходно да се даде шанса на мирот“. Документот, слободно може да се нарече и „план за мир“, во кој ќе бидат вградени „предлози за воспоставување мир од страна на претседателот Шји Џинпинг“. Според Ји, кинеските власти ќе соработуваат со други земји за решавање на украинската криза со политички методи и сметаат дека е недозволиво конфликтот да прерасне во нуклеарна војна во која „ќе нема победници“.
Кинескиот план, во зависност од поддршката, може да ја спласне еуфоријата на Украина за планот на Зеленски и на Западот. Кулеба во Минхен веќе реагираше знаејќи дека Русија и Кина се стратешки партнери, па повика на Кинезите да не им падне на памет во планот да стават нарушување на територијалната целосност на Украина. Наредниве денови Шји Џинпинг ќе се јави со „излагање за мир“. Иако деталите не се знаат Кинезите веќе ги повикаа Русија и Украина да го прекинат огнот и да почнат преговори за мир што побрзо. Предлогот на Кина сигурно е направен во согласност со Русија. Кина, бидејќи Западот сега не сака да преговара со Русија, може да биде нејзин посредник.
Дека работите не се едноставни потврдува и дијалогот меѓу САД и Кина во Минхен, меѓу Ентони Блинкен и Ван Ји. Американците и се заканија на Кина доколку и помага на Русија околу војната во Украина. Ван Ји одговори дека не прифаќаат некој, САД, со прст да ги посочува дури и да вршат притисок, насочен кон кинеско-руските односи. Притоа тој дадава дека карактерот на тие односи е во формулацијата: „сеопфатно парнерство и стратешка соработка, кои се засноваат врз неврзување, неконфронтирање и ненасочување кон трети земји“. Тој побара од САД да „придонесат кон политичко решавање на кризата во Украина, а не да подлеваат масло во огнот и да бараат можност за извлекување полза за себе. Ван Ји, иако не ги спомна САД, укажа дека некои земји го урнаа веќе постигнатиот договор меѓу Украина и Русија за прекин на огнот, постигнат лани во март во Истанбул.
Така стојат работите на политички план денес. На воен борбите продолжуваат. Се гине на обете страни. Украинците предупредуваат дека Русија може на годишнината од инвазијата да извршат големи напади. Западот вети оружје, но тоа бавно доаѓа. „Политико“ пишува дека од кај Бајден бараат Украина да почне со напади. Со она оружје што го има. А Украина бара ново оружје и уште муниција. Ако ги нема, тогаш како ќе ја достигне целта на Западот, на Русија да не и се дозволи да победи во војната?
Што покажа изминатава година? Го потврди она што го пишувавме во Фактор уште првите денови од војната. Дека станува збор за пресметка меѓу САД и НАТО од една страна и Русија од друга. Украинците се само добро обучено и опремено топовско месо. Се потврди дека на сплотеноста на Западот се работело уште во декември 2021 и дека таа не падна од небо веднаш по инвазијата на Русите. Дека НАТО и САД не сакаа да разговараат со Русија за нејзиниот план околу дефинирањето на Украина на воен и политички план, околу ширењето на Алијансата...Дека Русите ги реализираа најавените воено-технички мерки, доколку за тој план не се разговара.
Дека „Минските договори“ биле само параван за јакнење на Украина на воен план со можна цел - офанзива за враќање под нејзина контрола на териториите заземени од сепаратистите во 2015 година. Дека во меѓународните односи настанува период кога меѓународни договори архивирани во ОН, нема потреба да се спроведуваат. Дека веќе нема доверба во меѓународната политика, ниту меѓу политичарите и покрај постигнати договори. Тоа значи дека, ако некому утре во Македонија му текне, може слободно да не спроведува веќе постигнати договори. Се разбира Македонија не е Украина и големите сили ги заболе уво за неа, но ова само како пример.
Дека Русите на воен план беа жртви на погрешната процена за лесно и триумфално влегување во Киев. Дека не беа подготвени, ни логистички, ни комуникациски. Дека како да беа заборавиле дека Украина веќе осум години се подготвува за војна под закрила и обука од страна на натовски инструктори. Дека корупцијата и бирократијата во војската го покажуваат своето лице токму кога е најтешко. Дека неуспесите на воен план доведуваа до често менување на генералите или обратно. Дека платеничките единици и доброволните единици можат во одреден период да го урнат ореолот на способноста на армијата.
Годинава што помина покажа дека санкциите и контрасанкциите си ја покажуваат силата. Најголем губитник од нив е Европа. Секако и Русија, која ги изненади санкционерите со отпорноста на нејзината економија, што не значи и дека така ќе продолжи. Најголем добитник се САД. Нивните енергетски компании, според Бајден, имаа остварено профит од над 200 милијарди долари за една година. Да не ја споменуваме воената индустрија. Петте големи воени компании работат во турбо ритам за да ги задоволат потребите на Украина, но и се поголемите нарачки на оружје. Па, зајакнувањето на доларот. Па, отворањето на новите работни места. Така што над 100-те милијарди долари дадени на Украина за нив ќе се вратат неколкукратно повеќе.
Бројот на загубите на двете страни е огромен. Турскиот „Хурседа хабер“ повикувајќи се на проценка на израелски Мосад пишува дека до 14 јануари Украина загубила 302 авиони, 212 хеликоптери, 2.750 беспилотни летала, 6320 тенкови и други оклопни возила, 7.360 артилериски системи, 497 системи за воздушна одбрана, 157.000 загинати, 234.000 ранети, 17.230 запленети, 234 загинати воени инструктори од НАТО(САД и Британија), 2.458 загинати војници од НАТО (Германија, Поска, Литванија...) и 5.360 загинати наемници. Русија пак има 18.480 загинати, 44.500 ранети, 323 заробени, уништени се 23 авиони, 56 хеликоптери, 200 беспилотни летала, 889 тенкови и други оклопни возила, 427 артилериски системи и 12 системи за воздушна одбрана. Ова се проценки, но сигурно бројките се големи.
Да не заборавиме дека Американците уште пред некој месец, Марк Мили, првиот човек на Здружената командана американската армија, изјави дека загубите на двете страни се по над стотина илјади. И Урсула фон дер Лајен есеноска спомна бројка од над 100 илјади загуби на украински војници, по што веста беше повлечена. Како и да е, бројките на загубите се огромни. Иако извори од Украина и од Русија тврдат дека тие се под 10 илјади. Според американско разузнавање вкупните загуби на Русија, загинати и ранети, до крајот на јануари изнесуваа над 188 илјади луѓе. Украинците велат загубите на Москва се над 140 илјади. Но ни едните ни другите не ги кажуваат украинските загуби.
На меѓународен план Русија падна во изолација кај Западот. Тоа е нешто што најмногу го боли Путин, иако и Емануел Макрон и Олаф Шолц, францускиот претседател и германскиот канцелар знаеја да го бараат за разговор. Обидот на САД за воведување санкции кон Русија го поддржаа помалку од 40 држави. Многу повеќе земји ја осудуваат Русија за инвазијата, но кога станува збор за санкциите работите се подруги. Тоа значи дека многу држави немаат доверба во САД и во Западот воопшто. Дипломатските притисоци од САД и Британија врз Индија, Бразил, Јужна Африка, Индонезија, Аргентина и други земји од Азија и Африка не го даваа саканиот резултат. Индискиот премиер Нарендра Моди, по тој повод во една прилика изјави, парафразирам:„ние треба да бараме мировно решение, а не да распалуваме војна“. Првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг, па Жозеп Борел се водеа од геслата „војна за мир“ или „ескалација за деескалација“.
Се покажа дека нема расположение за мир. Сите се за војна. Војна без крај. Украина сака да ги протера Русите на позиции пред 1991 година, а Русија сака да ги задржи освоените територии, кои веќе ги внесе во својот Устав по одржаните „референдуми“. САД и Г-7 најавуваат нови санкции кон Русија. Може да очекуваме на 24 февруари или пред тоа тие да бидат воведени. Во области каде што досега ги немало, ако има такви. Останаа дијамантите, титаниумот...Има закани кон трети држави „кои и помагаат на Русија во „СВО“ или кои ги одминуваат веќе воведните санкции“. Не е исклучено одново да зајакне притисокот врз Индија и посебно врз Турција, која сега, поради земјотресот е многу ранлива. Само прашање на ден е кога Србија ќе се приклучи кон државите кои ја санкционираа Русија.
Има уште многу работи што вреди да се кажат за годишнината од украинскиот конфикт. На пример, за пропагандата, како дел од специјалната војна. Западот не е уверен дека Русија може да се урне од внатре. Анкетите покажуваат дека Путин се’ уште има голема поддршка кај населението. Западот знае дека национализмот и етничките конфликти се најопасни за Русија. И сега се префрла да ја игра играта на таа карта. Веќе се организираат „референдуми“ он-лајн, за отцепување на територии од Русија. Под нам познатото мото во предвечерието на распадот на Југославија. На пример, „Хрватска ради, Београд се гради“...Сега наместо Београд стои Москва. Луѓето треба да „гласаат“ за независност на Урал, Сибир, Калининград...
За крај, да бидеме во чекор со времето. Можеби тоа ќе биде и иднината на вооружените судири кога ќе дојде време за преговори или за мир. Украинскиот портал „Страна“ ја искористил мрежата ChatGPT за да побара пет варијанти за договор за мир меѓу Украина и Русија. Едно и исто барање новинарите го поставувале пет пати. Договор за мир. И добиле пет различни варијанти на договор. За секоја било потребно 30 до 45 секунди. Првата варијанта била најнеутрална. Договор од 10 точки, кој вклучуваат примирје, преговори за сеопфатна економска соработка, почитување на територијалната целосност на двете земји и создавање на заедничка комисија за вградување на нормите на спогодбите. Таму имало и точка за некористење воена сила и решавање на конфликтите по дипломатски пат. Освен тоа, потписниците се согласни да има меѓународни набљудувачи, кои би го следеле спроведувањето на договорот.
Втората варијанта била најмногу проукраинска. Таа бара од Русија да ја повлече војската од Украина, и од Крим, и да и ја даде контролата на границата. Во исто време таму имало точка дека двете страни треба да им обезбедат права на жителите на Донбас. Во третата варијанта на договорот имало норма за тоа дека Русија треба да ја прекине поддршката за сепаратистичките групи, а Украина да спроведе децентрализација и да им даде на регионите повеќе јазични права. Во четвртата варијанта имало пропишано,обврски на Украина да ги почитува правата на рускојазичното население(во тие рамки и образованието) и да им даде право на културна автономија. А Русија имала обврска да ги повлече војските за 90 дена. Во петтата варијанта немало никаква конкретна содржина.
Во очекување на „славјата“ по повод годиодишнината од војната, се чини машиниве како да се поумни од луѓето!
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.