05 Април, 2020
0.0268

Бакли и Куси

Објавено во: Колумни 12 Јануари, 2020

Батали го него-има уште две-три кречења,па тој нашол да збори!Израз што често може да се слушне за некого што стасал до третото доба и полека го завршува животниот циклус.Овде,во текстов, кречењата се клучниот момент.Порано,демек кога бевме далеку поневозрасни дома се молерисуваше,кречеше,безмалку еднаш годишно.Главно сите за Велигден,а многумина и за славата на куќата.Според тие тогашни тајминзи за годишно освежување на домот на дотичниот од почетокот на текстот му останале година-две да му се порадува на животот.

  Но,затоа,пак,според сегашната зачестеност на таа важна домашна активност,еднаш на пет-шест години и поретко,тој има убаво да си поживее,фала му на Господа!

  По неколку лета поминати без молерисување,од разни причини,па може да се каже и финансиски,кога поднамале денот,кога утрата и вечерите станаа свежи,кога тревата не мораше да се полива секојдневно зашто тоа го правеше многу поуспешно утринската роса,за да пречекаме дома важни гости едногласно решивме да кречиме.

Порано ми беше многу лесно.Со оваа работа се зафаќав јас и со сесрдна помош на сопругата успешно ја докрајчував,со бајги флеки по прозорците и врз подот,со овде-онде шарени бели површини.И нејсе,има неколку години наназад како пазариме молери.Морам да признаам.Откако тие влегоа за да си ја завршат работата за која ги плаќав,сфатив дека моето кречење било ептен аматерско,ама поминувало,како-така.

Не распишав тендер за молер,но зедов само неколку броеви на мобилен телефон и изборот веднаш ми падна на Бакли.Молериште од Дебар маало.Од дете работи со старите познати и прикажани,повеќе боеми отколку молери,Конте и Мачки,за да почне сам,заедно со Куси од Маџар маало,да работи и да се здобива со муштерии во ова к,т време,ем луѓето се без пари,ем секој се претставува за молер,мора да се работи,стечајци колку ти душа сака.

Бакли го немав видено одамна,многу одамна.Тој е од срцето на Дебар маало.Со брат му Бучки-Ангеле и дедо му живееја на крајот од улицата Дане Крапчев,во близина на истоименото Домче и Зоолошката градина.Оваа улица летно време вриеше од луѓе,во делниците од жени и деца кои носеа подни покривки,единствените беа чергите исткајани од остатоци на разни ткаенини,на перење на Вардар.Сликите беа исти-на количка со чкрипаво и искривено тркало врз купот черги седи најмалото дете,а во карванот има уште понекое.Тие поголемите се задолжени за торбата со леб,малку сирење и домат јабучар и за гордо носење на рамо на задолжителната пиралка.Попладне со точак од работа на Вардар ќе им се приклучи и домаќинот,ќе се пуштат заедно со него неколку пати со автомобилска гума по брзаците и доцна,скоро приквечер по истиот пат дома.

Бакли не успеал да се ожени.Од немуакает.како што ми рече.Не е многу зборлест,но тоа не му пречеше да го испрескака компањонот затоа што со мокра крпа го избриша она малку боичка што прсна по паркетот.Зборовите му ги влечам со клешта.Го терам да се потсети на старите мајсторишта,но и големи мераклии за чашка.Мачки до последниот момент му даваше на ракчето да пие со помош на инка,Конте во една пригода ранет со нож трчаше по крадецот на гулаби се до слаткарницата Апче кај Техничко.Во муабетите за задолжителните гулаби главниот збор го има Куси,кој и ден денес лета гулаби,живее во Паркови и зеленило,во срцето на третиот дел на паркот.Знаејќе дека се има занимавано и со понакви активности,поради кои често уште како дете го снемуваше на подолг период, го потсетувам Бакли само на луѓе и настани,што рака на срце ги имаше заборавено,па јас со мојата меморија му ги освежував.Го потсетувам на соседот што заглави во Идризово поради тешки кражби,ми текна на Ерменците кај кои беше пронајдено украденото злато,но и на обесениот  чајник во еден двор во кој наводно беше пронајден револвер,за кој ние како деца со страв раскажувавме.Не би бил молер ако не е мараклија да се напие.За волја на вистината кај нас не пивна ни капка-или ја претерал минатата вечер,чекајќи да фати на калдилница или не му беше згодно да побара,откако јас извадив само кисела вода и понудив бурек со јогурт.Кај има пијачка нема работа.А откако завршија со работата,зедоа пари и Бакли и Куси веднаш му ја штурнаа.Двајцата мали и спечени,малку поголеми од малата скала што ја донесоа на точак со која и двајцата се движеа како вистински циркузанти од стариот скопски циркус што долго беше на стариот влез на золошка.

Не зажалив што ги ангажирав Бакли и Куси.Ако требаше,до колку ја утнеа работата, ќе викнев некој друг,но тие не потфрлија,оставија место за реклама и фалба,ја оставија вратата отворена,како што се вели.Најмногу не зажалив што се потсетив на многу живи и починати легенди на Дебар маало,на кафеаните,гулабите,на фудбалските натпревари...убаво е да се сеќаваш на минатото,кога ќе ти останат уште неколку кречења!

Куси го среќавам често на пони од пред пола век и на клупите покрај Партизанска со болната сопруга,а Бакли се пресели на оној свет-не знам дали и таму кречи или дрежди пред кладионица? 


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Жива музика.....

Жива музика.....

Каков третман треба да има деловната тајна

Каков третман треба да има деловната тајна

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Сите сме во загуба...само лихварите – не!

Време на лажна совест и свест!

Време на лажна совест и свест!

Образованието во доба на корона (дел втори)

Образованието во доба на корона (дел втори)

Тарзан фризура

Тарзан фризура

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!

Европски и економски перспективи на Македонија во време на Корона!