28 Ноември, 2024
0.0292

Берзата – мотор на капитализмот

Објавено во: Анализа 21 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Берзата на хартии од вредност е еден од основните белези на пазарната економија и капитализмот. Тоа е во основа место каде што може да видите колку сте добар во тоа што го работите, т.е. како ве вреднува пазарот. Како што нашиот труд некогаш не е доволно вреднуван така и резултатите на компаниите не секогаш имаат пропорционален ефект на цените на нивните акции. Некогаш се мачите и работите по цел ден, а платата ви е премногу мала, додека некои други не работат ништо, но, ете, успеале да дојдат по поголеми примања од вас. И повторно, токму така е и на берзите. Постојат компании што се превреднувани, но сите ги сакаат, и компании што се потценети, кои и покрај тоа што се добри, во даден момент вредат многу малку. Акциите ги купуваат луѓето, а луѓето, и покрај општото мислење, се нерационални суштества. Поради тоа графиците на движењата на цените на акциите личат на стрмни угорници и големи провалии. Баш како и во животот. Сепак, на долг рок работите на берзата и во животот си доаѓаат на свое место. Во државите каде што капитализмот и пазарната економија имаат поголема традиција берзата е составен дел од животот. Речиси секое второ семејство во САД има удел во некаков тип отворен фонд. Една петтина од целокупната актива што ја поседуваат овие семејства е во форма на удели во фондови. Овие фондови имаат актива поголема од 12 трилиони долари. Истата е пласирана во финансиски инструменти низ светот. Секако, од движењето на цените на акциите зависи и дел од пензиите што ги добиваат луѓето што инвестираат во фондовите. Во таква ситуација веројатно е лошо да одите во пензија во време кога берзата паѓа и одлично кога берзата е на пикот. Поради сите овие причини веројатно е јасно, луѓето се многу заинтересирани за тоа што ќе се случува на пазарите. Берзата во Њујорк има дневен промет од околу 150 милијарди долари. За еден ден таму се вртат пари колку што нашата земја може да произведе за 15 години. Влоговите се големи, има многу играчи и секој сака свој дел од колачот. Берзата е место на кое може да заработите по две основи. Доколку верувате во тоа што го работи некој друг или доколку верувате во тоа што го работите вие. Доколку сте користеле ајфон од првата генерација, доволно било да ја сфатите револуционерноста на производот и да инвестирате во компанијата. Благодарение на генијалноста на Џобс и на вашата доверба во него во период од неколку години, ќе сте се стекнеле со значително богатство. Едноставен принцип на инвестирање - купувај акции на компаниите што ги сакаш најмногу, затоа што такви како тебе веројатно има многу. И, секако, вториот начин е вашиот труд да биде вреднуван од пазарот. Културата е поставена на таков начин што секој успешен претприемач има сон неговата компанија да котира на берзата. Потоа, со текот на времето, благодарение на работењето, целиот труд ќе биде наплатен. Нормално е да барате место каде што ќе видите колку сте добар во тоа што го работите. Примерот на Риџард Брансон, еден од најголемите претприемачи на нашето време, го покажува ова. Веројатно кога го започнал проектот да доставува плочи по пошта, не помислувал дека компанијата Вирџин ќе биде гигант, кој ќе вреди милијарди, но секако имал сон и го знаел местото на кое каде ќе наплати. Нормално, морал да се среќава со алчни банкари, брокери и слични посредници, но без нив не се може, тие се крвотокот на овој процес. Македонија е млада држава. Да не заборавиме дека Њујоршката берза е стара три века. Биле потребни многу години да се создаде систем каков што постои денес. Ќе треба време таквата култура да дојде и кај нас, но мора да се работи на тој случај. Потребно е да функционира правниот систем. Инвеститорите и претприемачите треба да бидат заштитени преку правниот чадор на земјата. На тој начин многу мали бизниси ќе може да се охрабрат да излезат и да котираат. Не смее да постои страв дека кога ќе ги покажете парите или успехот, некој ќе дојде да ви ги земе. Берзата треба да биде токму такво место, место каде што сите ќе може да видат колку вредите. Кога ќе успееме да поттикнеме еден круг нови компании да се појават да котираат и кога сите ќе видат дека системот работи, процесот ќе биде веќе почнат и нема да се врати назад. Но, за се е потребно време, да се надеваме дека правилно ќе го искористиме. Милан Димитриоски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.