15 Декември, 2025
0.0364

СДСМ се „пере“ од Груевски – Се враќа ли опозицијата на „антирежимските“ корени

Објавено во: Анализа 28 Ноември, 2025 11:21

Добивај вести на Viber

Дали обидот на СДСМ да го нападне ЗНАМ за поддршка на Груевски и да го „осуети“ наводниот план за амнестија на поранешниот премиер и осуден бегалец од Македонија, конечно е знак дека социјалдемократите се враќаат на своите опозициски корени но, и дека ја научиле лекцијата од грешките на Димитар Ковачевски и кокетирањето со идејата за можната коалиција со Груевски, Данела Арсовска, Стевчо Јакимовски, Левица и ДУИ.

Опозициските сурогати се почесто зборуваат за Никола Груевски во нивните анализи и јавни настапи, тој секако е нивна ноќна мора и непреболена фрустрација, но и „лесна“ мета кога сакаат да го „налепат“ на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Стратегијата ќе ја објасниме подолу во текстот, но уште на старт да фрлиме малку сомнеж на нејзината „брилијантност“.

Дали навистина вреди да се вложува толку енергија во „антигруевизам“, кога Никола Груевски побегна токму во мандат на Заев и Спасовски, како успеа тој магично да ја премине границата и да добие азил во Будимпешта, баш во деновите кога требаше да биде спроведен во затвор на одржување на казната за пресудите во предметот на СЈО. Разочарувањето на барањата за правда беа една од причините за изгубената поддршка на „шарените“ кон СДСМ и последователните изборни порази во последните неколку години.

„Филипче ми текна, а да ги нападнеме за груевизам“

Сепак, еве да и дадеме шанса на опозициската „логика“ и како нападите врз „бабарогата од Будимпешта“ може да им донесат политички поени.

СДСМ без притисок од изборни кампањи и лоши рејтинзи има простор да поработи на својата опозициска лична карта и да се профилира повторно како „антирежимска“ партија. Го нападна ЗНАМ преку нивниот министер за правда дека го штитат Никола Груевски, со тоа што Игор Филков не поднесува ново барање за екстрадиција, што би значело и поистоветување на активистите на ЗНАМ со некогашните груевисти.

Првата цел е да се прикаже СДСМ како партија која иконски е политички непријател на Никола Груевски, а не партија кој размислувала некогаш за политичка коалиција и поддршка од привремениот азилант во Будимпешта, во надеж дека ќе „помогне“ да се оттргнат вмровски гласачи од Христијан Мицкоски, продуцирајќи приказна за практично непостоечки раскол меѓу „учителот и ученикот“.

Втората цел е да се направи обид сите опортунисти кои размислуваат да се преселат во ЗНАМ, како партија која е на власт, да се вратат во своето јато, и да се дискредитираат актуелните кадри кои се откинаа од сдсмовското ткиво. Филков на обвинувањата на пратеникот Миле Талески од СДСМ одговори дека моментално Никола Груевски се уште го ужива правото на политички азил во Унгарија и токму затоа било кое барање за негова екстрадиција ќе биде одбиено од унгарските власти.

Талески исто така обвинува дека постои сценарио во политичките кулоари за враќање на Никола Груевски на голема врата во Македонија, за што се очекува и негова амнестија.

СДСМ исто така сака да го изедначи актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ со раководството на партијата во времето на Груевски кога беше обвинуван дека Владата ја води на авторитарен начин, а дека партиската контрола над институциите довеле до заробена држава.

„Не го ситнете отпорот“

Ако за нешто ја „бива“ СДСМ, тоа е да биде во опозиција. СДСМ таа улога „удобно“ ја извршуваше цели 11 години, а кога имаше најсилно опозициско влијание на своја страна успеа да го придобие гласниот невладин сектор и активистите за заштита на човековите права, како и популарните твитерџии во тоа време.

Но, сега сме 2025 година, а не 2014 година, на власт е Мицкоски, а не Груевски, а лидер на СДСМ е Филипче, а не Заев. И како што посочивме уште на почетокот, грешката на Ковачевски беше увереноста дека постои „раскол“ меѓу актуелниот и претходниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Факт е дека Христијан Мицкоски по убедливата победа на локалните избори ќе има многу посилна позиција како партиски лидер и на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се одржи наскоро ќе има отворен пат да ги „исчисти“ сите груевисти и кадри кои не му се целосно лојални.

И уште нешто, „лепењето“ на груевистички етикети врз Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ воопшто не е нешто од што тие би се срамеле, дури напротив, би се гордееле дека ги продолжуваат проектите и политиките на Груевски во инфраструктурата, националните теми, конзервативните позиции и меѓународните конфронтации, но добро е барем да се направи дистинкција со опозицијата бидејќи СДСМ беше и треба да биде АНТИПОД на овие политики. 

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Позадината на „Договорот на векот“: Преземањето на Warner е многу повеќе од стримингот на Netflix и HBO Max

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување

Анѓеловска: Ризично е да се потпирате на ВИ алатки и ботови за правно советување