Бидете алтруисти наместо етноцентристи
Објавено во: Колумни 03 Март, 2016 09:30
Апсурди во ова наше секојдневно битисување има многу, доволно е да отворите дневен весник или да погледнете информативна емисија на некој медиум или пак да отворите некој сајт на интернет и да се уверите во апсурдите. Катадневно ќе прочитате и чуете и многу нелогичности кои ќе ве натераат да се запрашате дали се можни нештата, или дури и да почнете да се сомневате во сопственото перцепирање на општествените феномени. Деновиве токму и сме сведоци на настани кои, лично мене, а верувам и многумина добронамерници, ги натерале да се запрашаат дали јас логички размислувам и дали во ова сурово наше секојдневие дојде нормалното да стане патолошко и обратно?
Глобата за “неоданочените и непријавени коприви” е поголема од неговата месечна пензија
Познатиот научник Барик често употребува еден термин “морална патологија” и лично сметам дека овој поим е доста прикладен за одредени наши секојдневни феномени. Во тој контекст е и еден настан кој беше и медиумски експониран, а се однесуваше на апсурдноста на можноста за егзистенција, условите за нејзино остварување и нашето правосудство. Имено, човек кој се бори катадневно со егзистенцијални проблеми, личност која чесно гледа да заработи за себе и за својата фамилија за да може да ја прехрани, човек кој се грижи за своите деца и внуци да имаат корка леб за да можат да го преживеат денот е осуден со глоба поради продавање на врзопчиња коприви без да поседува соодветна пазарна тезга. Некој можеби и ќе рече па треба да плати наемнина, но ве молам тој чесно си заработува и продава само еден производ-коприви по минимална цена и заработува минимално, но доволно за основни животни намирници, велам основни, бидејќи самиот спомена колку е неговата дневна заработка. Да е иронијата поголема, целото негово семејство се издржува со неговата пензија, а глобата за “неоданочените и непријавени коприви” е поголема од неговата месечна пензија. За “злото и гревот ” кои ги сторил добронамерниот и чесен човек има судска пресуда и потврда на истата.
Тој што одлучува не јаде сено
Тажна приказна која многумина ги онеме, неможејќи да веруваат дека одредени судски пресуди, за криминали и злосторства, се игнорираат, се носат смешни одлуки, се прават преседани, а за вакво дело одма ажурноста на судството проработи. Сево ова почитувани ме потсети и на вицот во кој си разговараат двајца затвореници, едниот го прашува својот цимер од ќелијата за што е осуден и овој снебивајќи се му одговара за еден стог сено и казната ми е година дена затвор, разговорот продолжува со обратно прашање и другиот вели јас сум за кражба на милион евра и сум исто осуден на една година, на запрепастеноста на првиот како за толку различни злочини добиле иста казна вториот цинично му одговорил-па тој што одлучува не јаде сено.
Добронамерноста на некои луѓе и ми ја врати вербата во човекот
Нејсе, поентата на случката и нејзиниот краен епилог ме потсети на добронамерноста на некои луѓе и ми ја врати вербата во човекот. Млада девојка, по етничка припадност Албанка, по религиска определба муслиманка, со сиот свој кредибилитет, желно и несебично се заложи да ја експонира приказната на осудениот човек и да му помогне со хуман гест да ги собере парите за казната. Заложувајќи се максимално Нора Шаќири ја крена на нозе целата јавност, грижливо и емотивно со искрена реакција се втурна во собирање на донации за казната на човекот. Ваков гест го прават луѓе со големо срце и искрена душа, луѓе кои како вредности и морални норми ги имаат доблеста, хуманоста и алтруизмот, луѓе кои не се обременети со национализам и омраза, луѓе кои го сакаат и почитуваат и етнички и религиски другиот, луѓе кои го сакаат пред се и над се човечкото во човекот. Браво Нора, ти си хероината на оваа колумна, ти си таа која покажа и докажа дека хуманоста и алтруизмот не познаваат етничка и религиска обоеност.
Кој си игра со оган на крај самиот ќе се изгори
Орлите и крстовите не ве прават поголеми верници ниту возљубени во сопствениот етникум, етноцентризмот го потхрануваат слаби и неизградени личности, тие се хранат со него, го потенцираат и величаат, личности кои не го гледаат поширокиот општествен контекст, луѓе за кои космополитизмот е мисловна именка, личности за кои интеркултурализмот е непоимлив поим, луѓе кои што со поинаквите од себе живеат едни покрај други а не едни со други. Да престанеме со мерење кој е поголем верник и кој поголем религиски или етнички симбол ќе покаже, да престанеме со верска и етничка омраза, да престанеме со подгорување на верски чувства, бидејќи знаете кој си игра со оган на крај самиот ќе се изгори.
Д-р Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет-Скопје
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:





