Бизнисменот Кирил Гогов му ги предаде маркетите на Кит-Го на косовската Вива Фреш
Објавено во: Економија 31 Мај, 2023 07:45
Штипскиот бизнисмен Кирил Гогов од вчера повеќе не е сопственик на ланецот маркети Кит-Го, откако официјално заврши превземањето од страна на косовската компанија Вива Фреш. Тоа е објавено и во Централен регистар по поднесена пријава.
Управувањето на местото на Гогов го превзема Кораб Хоџа од Приштина, а засега нема преименување на називот на компанијата. Вива Фреш е косовска компанија која се занимава со малопродажба во Косово и регионот, а најголема инвестиција во Македонија му е превземањето токму на Кит-Го кое траеше повеќе од една година.
Кит-Го редовно е меѓу првите ланци маркети со најголеми приходи во Македонија и во изминатите години редовно бележи обрт од околу 60 милиони евра. Од она што е познато со Гoгов е дека својот интерес сега го насочува кон производството на електрична енергија од обновливи извори.
Косовската компанија Вива Фреш договорот за купување на ланецот маркети Кит-Го го постигна оваа година, откако речиси по една година Комисијата за заштита на конкуренција даде дозвола да се овозможи превземањето.
Неофицијално, Вива Фреш за сите маркети на Кит - го ќе искешира над 50 милиони евра. Косовската компанија веќе поседува еден хипермаркет во скопско Топанско Поле. На светскиот пазар во 2021година Вива Фреш има остварено вкупни приходи во износ од 223.737.171 евра, од кои во Македонија се 6.896.598 евра.
КИТ-ГО Штип во Македонија има 58 маркети од кои 5 се лоцирани во Скопје. Со превземањето, Вива Фреш на пазарот со малопродажба ќе има концентрација од 13,22 отсто, според Комисијата за заштита од конкуренција.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




