Благопријатно или контаминирано делување на фејсбук?

Објавено во: Колумни 08 Март, 2013 09:33
Да се биде во склад со современите општествени промени, да се биде информиран за секојдневни суштествени содржини, да се биде во контакт со илјадници луѓе чии мисли, дела, фотографии и активности, намерно или случајно, ги согледуваш и споделуваш значи дека си “ин” или фејсбук корисник. Ерата на глобализација е и ера на интернет технологија и во контекст на влијанието што денес го имаат социјалните мрежи може со право да се истакне дека тие во нашево совремие се еден од најмоќните фактори на влијание и социјализација.
Современите социолози сериозно ги третираат прашањата поврзани со позитивното и негативното влијание на социјалните мрежи врз луѓето, при што нема општо прифатен став аргументиран про или контра нивното користење и значење. Дефинитивно постои поделеност, односно, на вагата на аргументираност за моќта и потребата од нивна постојана експлоатираност не превагнува ни еден тег.
Желба и потреба за фејсбук Позитивниот дискурс кој се наметнува од луѓето кои се фанатици во употребата на социјалните мрежи, посебно фејсбукот, потенцира неколку предности кои во време на брзи транформации и потреба од постојани и нови информации се и насушни за многумина, посебно за оние на кои им е неопходна брзата, навремена и прецизна информираност. Таканаречените “фејсбук-манијаци”, назив кои сами го имаат смислено, ја отвораат и потребата за проширување и сериозно проучување на нови типови на зависност, кои би биле рамо до рамо со веќе стандардните зависности од алкохол дроги, психотропни супстанци и сл., а тоа е зависност од социјални мрежи. Фактите кои тие ги ставаат на пиедестал на врвни аргументи се следниве: брзата и навремена информираност, следење на секојдневните настани, согледување на суштествени општествени феномени од различни аспекти и критички осврт кон истите, споделување на информации и ставови, можност за проверување на мислење (или пилот проект) за одреден настан, проблем или активност, обид за креирање на јавно мислење, проверка на сопствените знаења и ставови, согледување на поддршката (за оние на кои таа им е неопходна), наметнување на влијание, можност за склопување на нови пријателства и обновување на постојните, комуникација со драги луѓе кои се физички и просторно далеку. Вака гледајќи ги се добива впечаток дека насушна е потребата од социјални мрежи и дека животот без нив би ни бил далеку потежок и покомплициран. „Лајк“ и „поук“ (боцкање) наместо допир и насмевка Алиенацијата-оттуѓувањето е еклатантен пример за оние кои се врзани и зависни од социјалните мрежи. Тезите кои ги наметнуваат оние кои критички се насочени кон преголемото значење и употреба на фејсбукот се следниве: зачестеното и неконтролирано користење на социјални мрежи носи здравствени проблеми и тоа соматски-премор, проблеми со вид, со рбетен столб, но и психолошки-анксиозност, агресија, страв. Посебно кај младите луѓе може да се случи затворање во себе си, станување интровертен, алиенирање од групата на врсници, живеење во еден виртуелен свет, кој е далеку од посакуваниот, вистинскиот, реалниот. Создавањето на лажни профили, преставувањето во нечие друго лице и сосема поинакво светло ја отвора можноста и за губење на сопствениот идентитет и создавање на двојни личности. За луѓето кои се окупирани од социјалните мрежи апстрактното станува реално, ирационалното станува рационално, виртуелното станува објективно. Прашањето кое се наметнува и ги остава со подзинати усти сите се однесува на следново: Дали вистинскиот допир, гушкање, бакнеж и насмевка, вистинските и реални солзи, таги и болки можат да се заменат со „лајкови“, „поукови“ (боцкања) и виртуелни насмевки и бакнежи? А за злоупотребата на социјалните мрежи во поттикнување на насилство и агресија, подгревање на страсти, подведување на лица и нивно насочување кон омраза на етнички, културно и религиски другиот, стигматизирање и стереотипизирање, употреба и злоупотреба на луѓе и настани е за во следна прилика, а дотогаш нека остане дилемата за благотворното или контаминираното влијание на социјалните мрежи. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет СкопјеМожеби ќе ве интересира
Трамп брза, Путин одолговлекува, Европа исчекува, Украина очекува...

Кремљ се враќа преку вештачките ѓубрива. Како Орбан и помага на Москва да ја врати контролата врз стратешката компанија во Полска

ТУРИЗМОТ КАКО ПРОЗОРЕЦ КОН СВЕТОТ - колумна на Влатко Сулев
