10 Декември, 2024
0.0257

Блискиот Исток почнува да гори- Западот крои планови за Украина

Објавено во: Колумни 29 Јануари, 2024

Добивај вести на Viber

Ударот со беспилотно летало врз американската база во Јордан во близина на границата со Сирија само долеа масло во огнот на Блискиот Исток. Тројца американски војници загинаа, а 25 се ранети. Денес или утре ќе очекуваме американски удар-освета. Американскиот сенатор Линдзи Грем тоа најдобро го покажа. „Удар сега! Удрете ги силно!“, напишаа на својата сметка на социјалната мрежа Х. Според негово мислење САД е неопходно веднаш да почнат борбени дејства во Иран. Доналд Трамп, пак, во социјалната мрежа Truth Social напиша дека  ударот го довел светот до опасна линија, за која  трета светска војна станува се пореална. Претседателот Џо Бајден рече дека одговорноста за нападот ја носат радикални военизирани групи од Сирија и Ирак, поддржани од Иран. Тој додаде дека САД ќе ги привлечат кон одговорност виновните и ќе ја продолжат борбата со тероризмот.

Во очекување на американскиот одговор, на друг дел во светот, во Европа војната во Украина продолжува. Не со интензитет како пред неколку месеци, но доволно жестока за да се бројат десетици и стотици загинати секој ден. Перспективите за мир се далечни, но Западот не сака да ја остави Украина без поддршка во борбата со Русија. Таму знаат што му треба на Киев, оружје и пари, но паралелно како да ја подготвуваат земјата за одбрана, затоа што иницијативата на военото поле е на страната на Русија.

Washington Post минативе денови напиша дека плановите на САД за Украина не предвидуваат враќање на загубените територии. Според весникот администрацијата на Бајден работи врз долгорочна стратегија на поддршка на Киев. Таа „ ќе го намали акцентот за освојување територии и наместо тоа ќе се сосредоточи врз помош на Украина, да одбие нови офанзиви од Русија. А, исто така, да ги зацврсти одбранбените и економските можности на Киев. Целта е Украина да стане многу посилна до крајот на годинава. Западот се надева дека Украина нема да загуби нови територии, иако украинскиот претседател, Владимир Зеленски, постојано зборува дека Украина ќе продолжи со офанзиви.

ЗАГЛАВЕНА ПОМОШ

Но, за него најважно е каква ќе биде американската помош. Без американски пари и оружје, нема ништо од неговите офанзиви. Па и целата стратегија што се прави се темели врз американската и европската помош. Во моментов таа е заглавена. Во ЕУ се очекува вонреден самит на кој ќе се „вкрстат копја“ со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој има свои планови за одобрување на пакетот од 50 милијарди евра помош за Украина в наредните години. Тој бара ревизија на помошта секоја година, па давање согласност. Постои голема веројатност предлогот на раководството на ЕУ да помине, ако Орбан добие некои пари што смета дека Унијата треба да му ги даде. Како и да е Украина ќе почека уште извесен период за европските пари.

Во меѓувреме одделни членки на Унијата носат одлуки за еднострана помош. Германскиот канцелар, Олаф Шолц, вчера ги повика европските партнери да ја засилат финансиската и воената помош на Украина. Ова особено, поради проблемите што ги има Бајден да го спроведе во Конгресот пакетот за помош на Украина од над 61 милијарда долари. Шолц смета дека секој во Европа треба да каже како може да го зголеми и да го прошири својот влог. Германската влада веќе предвиде во буџетот за оваа година седум милијарди долари, што, во моментов е повеќе од половина од вкупниот обем на помошта од европските држави. Минативе денови министерот за финансии на Германија Кристијан Линднер изјави дека во долгорочна перспектива Германија сама не може да ги поддржува воените потреби на Украина.

Според Шолц, рускиот претседател, Владимир Путин, треба да разбере дека неговото очекување, да чека додека поддршката на Украина  ослабне, нема да се оствари. Во овој контекст, Шолц смета дека цврстината е важен фактор, кој ќе придонесе кон побрзо воспоставување мир во Украина. Со други зборови, војна за мир. Патем, од Берлин најавија дека Шолц кон средината на месецов ќе оди во САД, кај Бајден, за да ја разгледаат поддршката на Украина. Обично после нивните средби, германскиот канцелар ги менува ставовите околу испораката на некои видови оружје во Украина. Чека „зелено светло“ од Бајден, се разбира низ заеднички договор. Така беше, на пример, со тенковите „Леопард“. Германија не ги даваше се’ додека САД не рекоа дека и тие ќе испорачаат тенкови „Абрамс“. Сега такво нешто може да се случи со ракетите од долг дострел – „Таурус“, кои Германија засега, одбива да и’ ги испорача на Украина, иако Франција и Британија веќе испорачуваат слични ракети.

ФАКТОРОТ ТРАМП

Кога сме кај Франција и Британија овие две држави решија да ја вооружуваат Украина на свој начин. Франција, сакајќи да се „освети“ на Русија за „губењето“  на влијанието во Африка, сега е главна во најавите дека ќе ја снабдува со оружје Украина. Таа е лидер во т.н. Коалиција за артилерија. Од првото заседание на Коалицијата во Париз, Украинците заминаа задоволни од она што им го вети Франција. Некои медиуми пренесоа најави дек Британија е подготвена да купи германски ракети „Таурус“, па да им ги предаде на Украинците. Американците, пак, бараат трети земји од кои ќе купат оружје, за да го испорачаат на Украина. Така е направена зделка со Грција, која има руско оружје. И сега Грција, за американски пари, треба да го испорачува оружјето на Киев. Ако веќе не го испорачала.

Се’ ова се шеми за помош на Украина во отсуство на американска помош. А таа никако да дојде. Пред некој ден многумина помислија дека готово, постигнат е договор во САД за прекинување на блокадата од републиканците во Конгресот за одобрување на пакетот помош за Украина. Демек во Сенатот се договориле и претседателот Бајден се согласил со договорот, да се донесе предлог закон. Спикерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, го критикуваше предлог законот подготвен од сенатот. А Трамп ги повика републиканците да не гласаат за помош на Украина. Трамп сака тоа прашање да биде одложено се’ до одржувањето на претседателските избори, на кои очекува да победи. Многу работи зависат од тоа како ќе биде решено прашањето со мигрантите кои доаѓаат од Мексико, а за што републиканците и демократите имаат различни мислења. Како и администрацијата на Бајден.

Според Washington Post, документот кој што треба да биде донесен, ако се донесе, покрај одобрените пари, ќе отвори пат пролетва да се потпише десетгодишен договор за гаранции на безбедноста на Украина. „Американскиот документ ќе гарантира поддршка на краткорочни воени операции, а исто така создавање на идна украинска воена сила, која може да спречува руска агресија. Тој ќе вклучува конкретни ветувања и програми“, велат извори за весникот. Гаранциите што ќе бидат дадени, можат да ја заштитат идната помош, доколку Трамп дојде на власт и реши да ја прекине. Сепак документот, предлог-законот и за помошта, многу ќе зависи од разврската со настаните во Тексас, каде што локалната власт објави непослушност кон Вашингтон и почна сама да ја заштитува границата.

ПЛАН ЗА ПОБЕДА ИЛИ ПРЕГОВАРАЊЕ

Но има и други мислења за ова. Па така во American Thinker е пренесено едно во кое се вели дека:„Kрајот на американската помош за Украина, кој што се наѕира, не е политичка одлука. Администрацијата на Бајден две години успешно ја водеше меѓународната коалиција, која ја снабдуваше  Украина, ако не со војници, но со воена помош. Чиновниците редовно свикуваа состаноци, се консултираа со сојузниците и привлекуваа воена поддршка од целиот свет. Во Соединетите Држави, мнозинството сè уште ја поддржува Украина. Мнозинството во двата дома на Конгресот го заземаат истиот став. Велат, Сенатот е подготвен да го започне процесот на разгледување на неговиот предлог-закон. Но, одеднаш, од причини кои се сосема нејасни за аутсајдерите, мала група конгресни републиканци - очигледно во напад на политички бес - се подготвуваат да стават крај на сето тоа. И можеби ќе успеат... Мотивите на Трамп се отворено себични: тој сака на границата меѓу САД и Мексико и натаму да царува хаос, за да може да го искористи тој проблем во својата предизборна кампања. Тој не сака Бајден да профитира од какво било можно решение или напредок. И воопшто не му е грижа, што како резултат на тоа Украина може едноставно да остане без муниција“.

Авторот на текстот во American Thinker, тврди дека:„Истапувајќи со поддршка на новиот пакет помош за Украина, американската експертска елита ја демонстрира својата ароганција и презир“. Па така и авторот на горното мислење. Авторот на текстот вели дека „ новиот пакет помош нема да дозволи Украина да победи“, па повикува „ Разработете план за победа или план за преговарање, преземете мерки за да ја смирите загриженоста на Американците за ситуацијата на нивната граница и јавното мислење ќе се промени.Навредувањето на американската јавност само уште еднаш ќе ја потсети, зошто се противи на натамошна помош за Украина“

Интересен став има поранешниот главен командант на НАТО, Џејмс Ставридис. Иако е слушнат и од други луѓе. Ставридис во едно интервју вели дека, според негово мислење, Русија и Украина се истоштени од војната. „Мислам дека до крајот на годинава, можеби, после изборите во САД, ќе имаме момент за потенцијални преговори“, рече Ставридис. Тој смета дека војната меѓу Русија и Украина ќе заврши според “Корејско сценарио“. Украина ќе треба да се согласи со тоа што териториите на истокот од земјата, а исто така и Крим ќе останат под Русија, а Москва со присоединувањето на Украина кон НАТО. Мислам дека контурите на овој договор ќе станат појасни, како што ќе продолжува оваа година“, рече Ставридис.

УШТЕ ЕДНА ШАНСА ЗА УКРАИНА

Некои експерти за конфликти за Business Insider предупредија дека „во отсуство на сериозни корекции и поддршка од Западот, сегашниот пат може на крајот сам да се исцрпи, а Украина ќе биде принудена да преговара со Москва од позиција на послаба страна“. Тие сметаат дека „ако оваа година се искористи паметно, тогаш главните проблеми ќе бидат решени и ако се научат соодветните лекции од офанзивата во 2023 година, тогаш Украина може да има уште една шанса да им нанесе голем пораз на руските трупи“. Се препорачува и стратегија. Таа се карактеризира како „задржување позиции, зголемување на силите, нанесување удари“. Во исто време, одбраната треба да создаде можности за обновување на ресурсите, а ударите треба да го намалат рускиот потенцијал. „Идеално, Украина може да ги „апсорбира“ руските офанзивни дејства, минимизирајќи ги загубите и да ги одреди своите позиции на таков начин што со текот на времето ќе ја врати својата предност “, објаснуваат експертите.  Според тројца експерти, „оваа година мора да се донесат клучни одлуки, колку побрзо, толку подобро, за да се придвижи конфликтот кон попозитивна траекторија“. Тоа подразбира некаков успех на Украина за да може утре да седне на преговори како непоразена. И се разбира нема ништо без помошта од Западот. „Колку побрзо продолжиме да даваме поддршка на претходното ниво, толку подобро“. „Подобро е не само за Украина, туку и за меѓународната заедница“.

Од друга страна Русија сигурно нема да ги чека Западот и Украина со скрстени раце. На Западот се повеќе се појавуваат текстови кои најавуваат војна на Русија со НАТО. Или текстови со кои се сака да се докаже дека Русија се подготвува за голема војна. Толку и толку го зголемила воениот буџет, произведува многу оружје, добива оружје од Иран, Северна Кореја и производи со двојна намена од Кина, Индија и Кина се главни материјални спонзори со тоа што купуваат руска нафта...Од друга страна, Bloomberg објави дека Владимир Путин праќа сигнали, по неофицијални канали, дека е подготвен за разгледување на идни мерки за безбедност на Украина. Но медиумот не вели ништо за тоа дека и Русија бара мерки за својата безбедност, што беше еден од условите кои Западот и НАТО не ги прифатија, по што следеше војната. Според Bloomberg, Путин, наводно е подготвен за откажување од барањето за неутрален статус на Украина и за невлегување во НАТО. Но ќе бара признавање на руска контрола врз териториите освоени од руската армија. Во коментар за изданието прес секретарот на Кремљ, Димитриј Песков, вели дека „Русија била, и ќе биде отворена за преговори за решавање на конфликтот на Украина“, но сака да ги постигне сите свои цели. За нив вели дека претпочитаат да бидат завршени по дипломатски пат, а во спротивен случај воената операција ќе продолжи се додека не се постигнат целите.

Што ќе значи евентуалното постигнување договор во САД за помош на Украина. Попрецизно попуштањето на Бајден на републиканците и задоволување на нивните барања околу миграцијата? Прво, давање помош на Украина, не се знае колку и како, но и прв чекор кон негов изборен пораз. Лавината допрва доаѓа. Зашто републиканците нема да го остават раат и ќе го притискаат. Дај стратегија за Украина. Кои се целите на САД и како ќе се постигнат? Како се трошат парите на американските даночници во Украина? На ред ќе биде син му Хантер Бајден, поврзаноста на претседателот со неговите бизниси, кога беше потпретседател на Барак Обама, а потоа можеби и покренување постапка за отповикување. На Бајден во моментов не му е гајле за десетиците илјади жртви во конфликтот во Украина. Битно е Русија да не „победи“, а по можност да биде „смачкана“. За американскиот претседател е важен неговиот рејтинг со кој ќе оди на избори, а за негово подигање би барал поддршка од воено индустрискиот комплекс, кој заработува огромни пари. А со што се фалат американски официјални претставници, заборавајќи дека тоа е благодарение на украинското топовско месо.

Згора на се’, не се знае како ќе се развива ситуацијата на Блискиот Исток. Вчерашниот напад на американската база може да биде вовед во нови воени, крвави, приказни. Па прашање е дали САД, поточно Западот, ќе успеат да го реализираат својот план за Украина? Дали ќе има време, волја и пари за тоа?

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии