20 Април, 2024
0.0322

Болни решенија за крај на војната во Украина

Објавено во: Колумни 23 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Редакциски уводник објавен минатиот четврток во „Њујорк тајмс“, возбуди украински политичари и дел од експертската јавност. Тоа беше изненадување за нив, бидејќи Америка е главниот сојузник на Киев. Дотолку повеќе што станува збор за влијателен медиум кој има добри врски со американската политика. Уводникот треба да се смета како став на Редакцијата на весникот, но тој сигурно е изграден врз одредени сознанија. А можеби е и пробен балон.

Што напиша „Њујорк тајмс“? Поентата, насловот е „Војната во Украина станува посложена, а Америка не е подготвена“, а во него мислење дека Украина ќе мора „да донесе болни територијални одлуки“ за да постигне мир во војната со Руската Федерација. Весникот, посебно, пишува дека Американците сочувствуваат со страдањата на Украина, но додава дека „популарната поддршка за војна подалеку од брегот на Соединетите Држави нема да продолжи бесконечно“, а „инфлацијата е многу посериозен проблем за американските гласачи отколку Украина и нарушувањата на глобалните пазари на храна и енергетските превозници веројатно ќе се зголемат“.

„Примамливо е да се гледа зачудувачкиот успех на Украина против руската агресија како знак дека, со доволно американска и европска помош, Украина е блиску до враќање на Русија на нејзината позиција пред инвазијата, но тоа е опасна претпоставка“, пишува весникот. Редакцијата на „Њујорк Тајмс“ верува дека воената победа на Украина над Русија, како резултат на која Украина ќе ја врати целата територија окупирана од Руската Федерација од 2014 година, „не е реална цел“. Авторот смета дека „Иако руското планирање и борби беа изненадувачки невешти, Русија останува премногу силна, а Путин вложи премногу личен престиж во инвазијата за да отстапи“. Според негово мислење, „нереалните очекувања“ би можеле дополнително да ги вклучат САД и НАТО во „скапа и долготрајна војна“.

„Русија, колку и да претрпе загуби и е неумешна, сè уште е способна да предизвика бројни уривања во Украина и сè уште е нуклеарна суперсила со навреден, нестабилен деспот, кој не покажува посебна наклонетост кон постигнување договор преку преговори“, се вели во текстот. И се додава дека Украинците се „оние кои треба да ги донесат тешките одлуки“, бидејќи токму тие се оние кои се борат, умираат и ги губат своите домови како, резултат на руската агресија и „токму тие треба да одлучат каков може да изгледа крајот на војната".

„СПАСУВАЊЕ НА ОБРАЗОТ“ НА ПУТИН

Во текстот се вели дека:„Ако конфликтот навистина доведе до вистински преговори, украинските лидери ќе мора да донесат болни територијални одлуки што ќе ги бара било каков компромис...Како што продолжува војната, Бајден, исто така, мора јасно да му стави до знаење на претседателот Владимир Зеленски и неговиот народ дека има граница за тоа колку далеку ќе одат САД и НАТО против Русија, и граници на оружјето, парите и политичката поддршка што тие можат да ги дадат. За Украина е важно одлуките на украинската влада да се засноваат на реална проценка на нејзините средства и за тоа уште колку уништувања таа може да издржи. Судирањето со оваа реалност може да биде болно. Тоа е она што владите имаат обврска да го направат, а не да бркаат илузорна „победа“, се вели во уводникот.

Ваквото пишување очигледно ги вознемири Украинците. Следеа критики. Главниот украински преговарач и советник во Кабинетот на претседателот Михаил Подољак рече дека станува збор за многу чудни изјави. „Многу е кул кога седиш некаде во топла канцеларија, пиеш кафе, надуено момче или девојче, и размислуваш за глобалните светски проблеми: „Каква Украина? „Нека даде нешто“, и така натаму... Но, зарем овој што вели: „Ајде да се откажете од нешто“ не сака да дојде овде и да разговара со семејства чии роднини и блиски биле дрско убиени или силувани? Не сака да разговара со нив? „Њујорк тајмс“, што е проблемот? Пиј кафе овде, седни во Буча, седни со нив, во нивните уништени куќи, речи им: „Што? Не сакате да дадете?..“, рече Подољак. Според советникот, доколку Украина направи отстапки на Руската Федерација, Русија во иднина ќе сака да заземе уште повеќе украински територии. „Одлуката за тоа како ќе заврши војната ќе ја донесат само два ентитета: народот на Украина и претседателот“, рече тој. Инаку пред извесно  време Подољак објави дека голем број политичари од Европа и понудиле на Украина да направи отстапки за суверенитетот за да му го „спаси образот“ на Путин. „Секоја отстапка за Руската Федерација ќе значи Минск-3, а со тоа и одложена војна... Ние свесно нема да се согласиме на тоа во ниедна форма“, нагласи тој.

За Тимотеј Милованов поранешен министер, а сега советник во Кабинетот на претседателот, авторите на уводникот во весникот биле жртви на руската пропаганда. Пренесувајќи го ставот на „Њујорк тајмс“ дека воената победа над Русија со што како резултат ќе стане враќањето на Украина на целата територија окупирана од Русија во 2014 година „ не е реална цел“, Милованов вели дека весникот не објаснува зошто така се мисли. Заклучокот на весникот противречи на податоците и фактите тврди Милованов. За него авторите се жртви на руската пропаганда, која е многу ефикасна во Русија. Која ги контролира мислите на Русите, а исто така влијае и врз странците кои живееле таму. Како поткрепа на ова тој  вели дека весникот има дописништво во Москва, но не во Киев. Милованов им советува на новинарите од „Њујорк тајмс“ да отворат дописништво во Украина, да ги проучат настаните во Украина и да не бидат жртви на руската пропаганда. Тој бара да се пишува дека Русија треба да ја повлече војската, да почне да плаќа репарации и да бара компромис. Исто така дека Русија е авторитарен режим со агресивна армија. И дека има нуклеарно оружје. И дека сето тоа претставува закана за мирот во Европа и во светот. И дека однесувањето на Русија нема да се промени. А за да дојде до промена Русија треба да биде победена...

СЕКОЈА ВОЈНА ЗАВРШУВА СО ДИПЛОМАТИЈА

Но за некакво повторно вклучување на дипломатијата пишуваат и украински експерти. Виктор Небоженко, директор на социолошката служба „Украински барометар“. На својот ФБ профил тој напиша претседателите на САД и на Русија Џо Бајден и Владимир Путин се подготвуваат наесен годинава да ја завршат војната во Украина! Според него ако на Бајден му е потребна воено-политичка победа како доказ за неповратноста и правилноста на американската политика во Украина, на Путин му е сеедно. Кој бил и каков бил пораз во војната тој ќе го прикаже за своја историска победа. „Путинската Русија исплашена од санкциите, војната, авторитаризмот и заканите од изолација, поразот на Кремљ во Украина ќе го прикаже за геополитичка мудрост, само да не биде полошо“, пишува Небоженко.

Сето погоре кажано некако не оди со она што се случува во реалноста. Украинскиот министер за надворешни работи, Димитриј Кулеба, како и Американците и Британците, па и други сојузници на Украина, вели дека мора да се оди до победа во војната со Русија. Победа за него е ослободување на окупираните територии, вклучувајќи ги Крим и Донбас, исплата на репарации, судења на воени злосторници. Потоа зацврстување на место за Украина во европските интеграции. Тој додава дека секоја војна завршува со дипломатија. Украина е подготвена да седне да преговара со Русија за да заврши војната и да си ги врати окупираните територии.

Советникот во кабинетот на претседателот Зеленски, Алексеј Арестович, во едно интервју изјави дека  Украина ќе дојде на линијата на фронтот пред 24 февруари. И доколку Русија тогаш не седне да преговара тогаш Украина ќе ги освојува Донбас и Крим со сила. Иако за тоа ќе бидат потребни многу жртви меѓу Украинците. Според него Русија не е свесна дека за месец до два Украина ќе биде на врвот на својата воена подготвеност. Оружјето се добива од Запад. Со мобилизација нема проблеми. Тој го цитира претседателот Зеленски, според кого ќе има преговори со Русија кои треба да бидат праведни за Украина. И дека војната ќе биде крвава, но крајот ќе биде дипломатски.

За тоа дека украинската војска ќе биде подготвена за месец до два и дека ќе тргне во противофанзива, зборуваше и Руслан Левиев од Conflict Intelligence Team од Русија, кој моментно е надвор од земјата. „Некаде после месец и половина до два украинската страна ќе почне голема контраофанзива. Многу е големо барањето во јавноста за тоа. Украинските генерали и Зеленски го прифаќаат мислењето на јавноста. Ресурси има. Објавена е воена состојба. Нова воена техника веќе доаѓа. Во тој период ќе видиме пресврт на ситуацијата во полза на Украина. Најверојатно тие ќе почнат од Донбас и ќе се обидат да ги пресечат патиштата за обезбедување на руската армија“, смета Левиев. Според него, повикувајќи се на западното разузнавање во Украина има околу 80.000 руски војници. А Зеленски неодамна соопшти дека под оружје има околу 700 илјади Украинци. Лавиев не знае дали ќе има мобилизација во Русија.

АМЕРИКАНСКИ СПЕЦИЈАЛЦИ ВО КИЕВ

Дека нешто се случува на релација САД-Русија може да се суди според  разговорот на државниот секретар на САД Лојд Остин и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на американско барање. Тие разговараа за прв пат од почетокот на војната во Украина. Американците ги повикале Русите итно да ја прекинат војната. Од разговорот се пренесе дека бил „професионален“, без некакво решение. Се чини дека сепак нешто било договорено. Зашто по некој ден разговараа генералниот командант на американската војска Марк Мајли и началникот на Генералштабот на руската војска Валериј Герасимов. Тоа е  нивен прв разговор од почетокот на руската инвазија на Украина на крајот на февруари.„Воените лидери разговараа за неколку прашања врзани за безбедноста и се договорија дека врските за комуникација ќе останат отворени“, кажа портпаролот на Мајли. И министрите и генералите имаа што да си кажат. Русите за користењето на американски разузнавачки податоци во украинските операции и снабдувањето со оружје. Американците за тоа дека нема да престанат со испорака на оружје и нови притисоци. 

А можеби е разговарано и за идејата да се пратат американски специјалци во Киев. Wall Street Journal, соопшти, повикувајќи се на американски чиновници, дека американски воени лица и дипломати разгледуваат таква опција. Целта е да се обезбедува амбасадата. Поконкретно тие ќе бидат разместени само за одбрана и безбедност на амбасадата која се наоѓа во зона на дофат од руски ракети. Наводно оваа инцијатива се уште не е пратена ниту до Државниот секретар Остин, ниту генералот Мајли, ниту до претседателот Бајден. Ако му го дадат предлогот тој тогаш ќе мора да бира меѓу избегнување на воено присуство на САД во зона на воени дејства и реална закана за безбедноста на американската амбасада. Засега Стејт департментот ја осигурува безбедноста на дипломатските седишта со силите на корпусот за чување на Службата за дипломатска безбедност.

„Администрацијата настојува да ја балансира загриженоста на Стејт департментот дека сигурниот, видлив безбедносен систем во амбасадата би можел да го испровоцира рускиот претседател Владимир Путин, што би барало одвраќање на потенцијален напад врз американскиот персонал и доволно сили за негово враќање доколку повторно избијат непријателствата во Киев. “, - забележува WSJ. Се планира во одбрана на амбасадата да бидат поставени десетици  воени специјалци. А се разгледува и обновувањето на одредот за обезбедување од морската пешадија.

НИКОГАШ НЕ ВЕЛИ НИКОГАШ

Во сето ова Русите бегло споменуваат преговори. Првиот човек на преговарачкиот руски тим Владимир Медински, помошник на Путин, вели дека преговорите се замрзнати, а иницијативата за тоа доаѓа од Киев. Ние за тоа сме подготвени, вели Медински. Тој не заборава да каже дека големо влијание врз одлуката на Киев има Западот. „Поддржувајќи ја Украина Западот максимално му наштетува на „својот геополитички, како што сметаат, конкурент и противник, Русија“. Не станува збор на Русија да и се направи нешто лошо. Станува збор за да дојде до распад на Русија. Западот не е прв кој сака такво нешто“, рече Медински, додавајќи „никој ништо не успеал да постигне“.

Како што стојат сега работите не може да се исклучи дека до септември ќе дојде до мировни преговори. Западот поаѓајќи од своите интереси, кога виде дека Украина успешно и се спротивставува на Русија и дека Украинците можат да бидат топовско месо, во неговата борба со неа, реши да им помогне до максимум. Сега треба да ги дочекаме наредните два месеци. Да ги видиме резултатите од украинската контраофанзива. Зеленски вчера рече дека деновиве дневно гинат од 50 до 100 нивни војници. А кога ќе почнат силните борби таа бројка ќе оди многу нагоре. Борбите ќе бидат крвави, а потоа ќе настапи дипломатијата, според Зеленски. Како и да заврши контраофанзивата решенијата за крај на војната ќе бидат болни. „Њујорк тајмс“ ја посочи Украина, но тие можат да бидат болни и за Русија. Но никако не треба да се заборави од вид тврдењето на весникот дека „инфлацијата е многу посериозен проблем за американските гласачи отколку Украина и нарушувањата на глобалните пазари на храна и енергетските превозници веројатно ќе се зголемат“.

А Бајден и Путин тешко дека ќе седнат на преговори до крајот на своите мандати. Вчера и Русија, како и САД порано, даде список на над 900 Американци на кои им е забранет влез во Русија. Таму е и Бајден. И државниот секретар Антони Блинкен,  кој  во една шега во петокот на Универзитетот  Џорџтаун, рече дека од кабинетот не му дозволиле да дојде со гитара и да му ја запее на Путин песната од Тејлор Свифт „Никогаш нема да се помириме“. Тоа нема да било дипломатски, му рекле. Но, во политиката важи правилото:„Никогаш не вели никогаш“. Се е до интересот.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок