БОРБАТА НА ЕУ ЌЕ БИДЕ - ДА СЕ СВЕДЕ ИНФЛАЦИЈАТА НА 2 ОТСТО, БЕЗ ДА СЕ ВЛЕЗЕ ВО РЕЦЕСИЈА
Објавено во: Колумни 11 Јануари, 2024
Борбата на водечките земји од ЕУ ќе биде да се сведе инфлацијата на посакуваната стапка од 2 отсто, но без да се влезе во рецесија. И тоа, според мене ќе биде успех, ако така, Европејците ја добијат битката
Нека е среќна 24-та. Имено, оваа е четврта после пандемиската 2020-та, би додал. И така, во новава нема позитивни изненадувања, туку ќе преовладуваат наследени и надополнети кризи, а ништо спектакуларно. Глобалниот свет влегува со старите проблеми од минатата година, надополнет со една нова војна поврзана со Израел и Газа, која, нема да се прелее надвор од границата на Израел, ако се исклучат делумните пушкарања со Либан. Но, како што вели една убава мисла: „Почетокот на нешто ново носи надеж за нешто големо, сѐ е возможно.“
Така, се сеќавам, на почетокот на октомври, лани, ме побараа од Вашингтон, од државната телевизија „Гласот на Америка (Voice of America)“, и тоа, баш кога сите бевме затечени и во шок од состојбите во Израел, јас требаше да дадам економско мислење во насока на конфликтот, за тоа, како, истиот ќе се одрази врз глобалната економија, а со тоа и кај нас. Тоа беше исто, како што во април, претходно во САД, во студиото на истата државна телевизија, американците ме прашаа - за стапката на просечна инфлација за 2023-та во Македонија. „Како да ја кажеш вистината, а да не погрешиш, од тогашно стојалиште. Замисли, од стојалиште во април, ти, како носител на монетарна позиција, треба да дадеш коментар од Вашингтон за крајот на годината (31.12.2023 – за стапка на просечната инфлација). Малку ризично“, си велам. Ѝ така би, ден денес! Како за 9,5 отсто инфлација, така и за растот од 1,2 отсто (јас тврдев за 1,1 отсто) на македонската економија, но го погодив и распонот на конфликтот во Израел, кој, остана само во Газа. Шега на страна, не сум видовит, ниту пак тоа ми е намерата, туку еден цел сет на слободни часови, а за сметка на семејството, ги трошам во создавање на силни контакти со многу влијателни надворешни пријатели, високи структури од Германија и Израел, и по некој супер американец... Имено, таквите пријателства се лична инспирација за читање и анализи, а со тоа, сум на мисла дека се создаваат услови да може човек да напише, и по некој збор, а нешто различно од т.н. стручна јавност, која е непроменлива на врвот и најпаметна сиве овие 30-тина години.
Економскиот раст на земјите од еврозоната во 2024 година
Во новата 2024 година, предвидувањата на меѓународната стручна јавност, а со тоа и кај нас, се во насока на ризици кои се однесуваат на зголемените геополитички тензии (воените конфликти во Украина и Израел), па со тоа ние граѓаните треба да очекуваме постепено, но сигурно забавување на економскиот раст во 2024 година, а умерено во 2025 година. Со други зборови, тоа подразбира живеење на ефектите од затегнувањата на монетарната политика насекаде во глобални рамки, па и кај нас, во изминатите две години (2022 и 2023). За стопанството, ова треба да подразбира и една непопуларна (не многу убава) вест, а тоа е дека ќе опстојува евентуалното задржување на високите каматни стапки подолг период, баш така како што вели ЕЦБ и останатите.
Оттука, економскиот раст во земјите на еврозоната ќе достигне нешто над 0,5 отсто или многу блиску до рецесија, поточно 0,6 отсто се состојбите за 2023 година. За новата 2024 година, проекциите на ЕЦБ се дека земјите од еврозоната ќе имаат раст на БДП, на слично ниво како и минатата или 0,8 отсто. Во 2025, пак, растот ќе достигне стапка од 1,5 отсто. Од ова, може да се извлече заклучок дека борбата на водечките земји од ЕУ ќе биде да се сведе инфлацијата на посакуваната стапка од 2 отсто, но без да се влезе во рецесија. И тоа, според мене ќе биде успех, ако така, Европејците ја добијат битката.
Инфлацијата во 2024 година
Согласно проекциите на ЕЦБ, просечната инфлација во 2024 годинаво земјите од еврозоната ќе биде 2,7 отсто. Веќе во наредната година, ако таа се сведе на стапка околу 2 отсто, а при тоа економијата на ЕУ не влезе во рецесија, како што се ѝ нивните прогнози (раст за 2024 од 0,8 и 2025 од 1,5 отсто), според мене, тоа ќе биде равно на голем УСПЕХ на ЕЦБ и ЕУ економските политики. Останува да видиме. Но, морам да додадам - за ваквата позитивна прогноза на ЕУ, војната во Украина мора да подзастане. Да се смири до крајот на летото годинава, за што, сум на мисла дека се работи на тоа. Во спротивно, ако има сосема неочекуван и негативен расплет на жариштата, се ќе оди во друг правец.
Македонската економија во 2024 година
Просечната инфлацијаво 2024 година во македонската економија ќе биде на ниво на просечно проектираната на ЕЦБ за земјите од еврозоната или нешто под 3 отсто. Како што знаеме, просечната инфлација за 2023 година е над просекот на земјите од еврозоната (5,4 отсто) или изнесува 9,5 отсто, согласно податоците на ДЗС.
Економскиот раст за 2023 година во македонската економија ќе биде нешто околу 1,2 отсто, додека во новата 2024 година ќе бележи раст од околу 2 отсто. Иако, деновиве, Светска Банка излезе со проекции, кои, се за малку по оптимистични од нашите, но еве, како и за лани, така и годинава, ние во АБИТ и Хајделберг Институт ќе го држиме овој курс на контролерско предвидување (прогнозирање) на македонската макроекономија за 2024 година. Имено, најновите јануарски проекции на Светска Банка за економскиот раст на регионот, се следни: Косово на врвот, со стапка од 3,9 отсто, потоа следуваат: Албанија и Црна Гора со 3,2 отсто, Србија со раст од 3 отсто, Босна и Херцеговина со раст од 2,8 отсто, Хрватска со 2,7 отсто, Македонија со 2,5 отсто и на крајот е Бугарија со 2,4 отсто.
Од билансите во 2023 година, за македонската економија, можам да ги издвојам како причинители за малиот раст на БДП, најнапред силниот пад на бруто инвестициите во третиот квартал од годината, а потоа и падот на јавната потрошувачка. Од друга страна, по компоненти ако ги видиме државните биланси, растот од 1,2 отсто на БДП е поткрепен од нето-извозот, личната потрошувачка и индустриското производство.
проф. д-р Синиша Наумоски,
Претставник на управата и контролинг професор на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје и АБИТ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.