Борче Марковски втора година по ред најголем добитник на тендери, си го надмина сопствениот рекорд
Објавено во: Економија 12 Август, 2025 07:50
Борче Марковски, бизнисменот од Битола кој никогаш не бил виден во јавност, со својата градежна компанија „Марковски Компани“ втора година по ред има најголема вкупна вредност на склучени тендери во државата.
Според објавениот извештај на Бирото за јавни набавки за 2024, лани Марковски има склучено договори во вкупна вредност од 4,495 милијарди денари, претежно со АД ЕСМ за ископ на јаглен и јаловина,како и за помошна механизација.
Ова е годишен рекорд за Марковски со безмалку 75 милиони евра. Со договори во вкупна вредност од 53 милиони евра, исклучиво склучени со АД ЕСМ, битолската градежна компанија беше најголем тендерџија од сите други и за претходната 2023 година. „Марковски компани - Борче“ тогаш за прв пат се најде на првото место на табелата на БЈБ по вкупна вредност на склучени јавни набавки од сите други економски оператори.
„Марковски компани“ е на врвот и покрај тоа што новото раководство на ЕСМ лани раскина еден договор од 46 милиони евра, а БЈБ ја суспендира компанијата од учество на тендерите. Беше активирана банкарската гаранција во износ од 120 милиони денари поради тоа што, како што беше кажано, добитникот на тендерот не успеал да ги испорача договорените количини на јаглен во континуитет, поради што операторот директно ја загрозил енергетската стабилност на државата. Беше споменато и нарушување на геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино.
Договорот беше со важност од 18 месеци, односно до август 2025 година. „Марковски компани“ имаше и подизведувачи, меѓу нив и две фирми од Струмица, кои политиката и медиумите низ годините често ги поврзуваа со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кога беше опозиција, ги критикуваше договорите на тогашната владина гарнитура со Марковски, но скоро потоа склучи договор со компанијата со образложение дека дале пониска цена.
Овој градежен оператор со околу 300-тини пријавени работници две години по ред е на врвот по остварени добивки помеѓу најуспешните македонски фирми.Во 2023 имаше добивка од 13 милиони евра, а за 2024 билансот покажува 11,5 милиони евра.
А.К.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа




