06 Декември, 2025
0.1636

Бостан

Објавено во: Колумни 04 Август, 2019 10:50

Добивај вести на Viber

Се вели дека од Преображение интензивно се јаде грозје и престанува капењето.Како стојат работиве капачката сезона ќе потрае,грозје се јаде уште малку отпорано,а сега се уште е сезоната на бостанот.Лубеници и дињи на секој чекор,не само по пазарите и пилјарниците.Евтини,багатела,а контејнерите преполни со остатоци од бостан,како скопјани да не се засладуваат со ништо друго,туку само со дињи бадатки и лубеници мраморки,на пример.

Мерак ме фаќа по некои времиња кога немаше фрижидери,а лубениците ги ладевме по маалските чешми-стави некој предмет за да го спречиш прекинувањето на дотекот на чешмовачата и остави ја лубеницата со саати под силниот млаз.Никогаш не се случуваше лубеницата да исчезне-неретко на тој начин се ладеа пива и шишиња бело вино за шприцер.Мајсторите- пазарџии имаа посебни мали тајни да познаат и изберат зрела и слатка лубеница-ја потчукнуваа,ја крцкаа со стегање,ја вртеа петелката и ја меркаа шарката на кората само таа да биде слатка како мед и да не биде презреана.Од корките на летниот плод домаќинките знаеја да подготват и слатко што се служеше само за гости и на слава,а ние децата знаевме скришно да и влеземе на теглата со слатко и скоро да ја испразниме,а потоа се знае „ќе игра мирко“-дреновото стапче што заземаше видно место во секоја куќа каде што имаше дребна челад(па ќотекот е излезен од рајот,нели).

Лубеница се носеше и на плажа и се ладеше во Вардар.Имаше денови кога во близина на брегот  во плиткото,заградени со камења со кои изобилуваше прекрасната река се нишкаа и добиваа„ работна температура“ по десетина крупни и округли како топки лубеници.Добиваш парче лубеница-резенка и гризеш од црвената и преслатка срцевина,а лепливиот сок се слеваше по голото исончано торзо.Ја фрлаш со еколошка несвесност корупката и по принципот„ како први така други“ рипаш у вода и хигиенскиот проблем е решен.

Покрај светулките што веќе ги нема или не ги гледам вечерите ги красеа фењерчиња направени од издлабени помали лубеници.Тие или не се погодиле или пак црвената како крв срцевина се јаде со лажицата со која се длаби идната летна скопска атракција.Во така подготвената корка со нож се сечат разни фигури,делови од лицето-уста,очи, нос и уста.На округлиот врв се врзува сиџимка,во внатрешноста се става запалена свеќе и откако фењерчето ќе се поклопи со горниот дел од лубеницата оставен за капак се тргнува низ маало,па понекогаш и подалеку.Не знам зошто, но во темните ноѓи без месечина ваквите рашетани осветлени направии ни изгледаа некако застрашувачки и таинствени.

Кога потпораснавме и почнавме да излегуваме по корзо и срамежливо у кафана лубеницата си ја задржа својата улога на трпезите дома,а дињата доби некоја поинаква содржина .По урнекот на блискоисточните мезиња-мастика со таан или со парче диња,кафанџиите у Скопје се сетија на „пијана диња“.Отсабајле се длаби дињата од семките и другиот материјал што не е за јадење,во неа се истура коњак,по можност бадел,се затвора со капачето од горниот дел на дињата и се става во фрижидер.Вечерта се служи како ладен десерт,бидејќи сиот алкохол се впил во меснатиот и полн со егзотични мириси и вкусови плод.Погодете од прва зошто специјалитетот се вика пијана диња,ништо не си се напил, а дома си одиш маглосан и добро расположен.Па сепак бостан си е бостан и покрај летните лудории.... 


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?