Божиќна честитка од Сања Божиновска: Празник на светлина и добрина
Објавено во: Економија 07 Јануари, 2025
Во духот на празничната атмосфера, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, им се обрати на граѓаните со искрени честитки по повод Божиќ, упатувајќи порака за љубов, сплотеност и поддршка. Таа ја истакна важноста на овој голем христијански празник како потсетник на темелните вредности на човечноста и заедништвото, нагласувајќи дека Божиќ е време за отворање на срцата и домови, споделување радост и подавање рака на оние на кои им е потребна утеха.
-Во духот на еден од најголемите христијански празници – Божиќ, дозволете ми од мое лично име и во име на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, да упатам искрени честитки до сите граѓани кои го слават денот на Христовото раѓање.
Божиќ е празник кој нè потсетува на темелните вредности на верата и човечноста – љубовта, солидарноста, разбирањето и сплотеноста. Тоа е време кога ги отвораме нашите срца и домови, споделувајќи радост и топлина со нашите најблиски, но и подавајќи рака на оние на кои им е потребна поддршка и утеха.
Во ова време на духовна радост, нека Божиќ биде инспирација за сите нас да продолжиме да градиме заедничка иднина врз основите на почитта, единството и меѓусебната помош. Да го негуваме семејството како столб на општеството и да ги засилиме вредностите на заедништвото кои се од исклучително значење за нашата заедничка благосостојба.
Нека домот на секој верник биде исполнет со мир, благослов и надеж, а празникот донесе светлина и добрина во сите аспекти од животот.
Христос се роди!