21 Ноември, 2024
0.0265

БРИКС мировна – наместо антизападна

Објавено во: Колумни 28 Октомври, 2024

Добивај вести на Viber

Минатата недела во Казањ, главниот град на Татарстан во Русија, се собраа претставници на 35 држави и на ОН и Палестинската самоуправа на Самитот на БРИКС. Бројката на учесници ја поткрепи желбата на Русија да покаже дека нејзиниот претседател, Владимир Путин, не е изолиран во светот, што беше потврдено и од голем број западни медиуми. Во Казањ како земји партнери на БРИКС беа примени 13 држави. Самитот, истовремено, покажа дека БРИКС има и важни прашања кои треба да ги реши, а не се однесуваат на „уништувањето“ на доларот, ниту на „антизападниот“ карактер на организацијата.

Во Казањ, на пријатно изненадување, на површина исплива решавањето по мирен пат на големите предизвици – крупните актуелни и потенцијални конфликти. По две години се сретнаа претседателот на Кина, Шји Џинпинг и индискиот премиер, Нарендра Моди. Тоа се две земји кои се економски најјаки во БРИКС. Истовремено тие имаат нерегулиран територијален спор веќе десетици години. Спор кој доведуваше и до вооружени судири. Од Казањ стигна веста дека двете земји се договориле за начинот на патролирање на линијата на контрола на границата на двете страни, со повлекување на војските, што треба да придонесе за намалување на напнатоста во пограничните реони на Хималаите.

БРИКС им даде шанса и на Ерменија и на Азербејџан, на лидерите на двете земји, Никол Пашинјан и Илхам Алиев да поразговараат за нивните меѓусебни проблеми. Ги седнаа еден до друг на пленарното заседание, а камерите ги фаќаа моментите на нивен интензивен дијалог. Од спорните прашања не се решени 10 проценти, изјави неодамна Пашинјан. Проблемот е врската меѓу Азербејџан и покраината Нахичеван, која се наоѓа на територијата на Ерменија, населена со Азербејџанци. А се граничи со Иран и Турција. Резултатите од нивниот разговор може да се очекуваат деновиве, но факт е дека на заседанието разговорот беше поздравен и од рускиот претседател Путин. Тој го спомна и почетокот на делимитацијата и демаркацијата на границата меѓу двете земји.

Не се „мирисаат“ ни Бразил со Венецуела. Не поради некаков територијален спор, туку Лула да Силва му е лут на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, околу последните избори во Венецуела. Русија ,пак, го поддржува. Путин на заседанието кажа дека Лула да Силва побарал од него да му пренесе некои пораки за Мадуро. Сигурно и Мадуро побарал од Путин да го пренесе неговиот одговор кон Лула да Силва. Па така Путин може да биде посредник меѓу двајцата латино американски политичари.

Во  составот на БРИКС има и други држави кои потенцијално можат да се „скараат“. Иран и Саудиска Арабија и покрај тоа што неодамна воспоставија дипломатски односи се’ уште водат „војна“ преку грбот на Јемен. Тука е и опасноста од напнатост меѓу двете нови членки на БРИКС, Египет и Етиопија. Причина е браната на Нил.

 По сево ова се наметнува и логиката дека не можеш да  бараш деескалација на напнатост или војна, а да не дадеш сопствен пример за тоа. Очигледно БРИКС во иднина ќе мора да поработи на ова повеќе. Кина и Бразил, а и Индија се јавуваат како носители на мировни инцијативи за војната меѓу Русија и Украина. Кина и Бразил, преку нивниот заеднички план и веќе создадената група, „Пријатели на мирот“. Индија, пак, оди по патот на Моди за мир. Тој неодамна беше во Русија и во Украина и, иако порано изјавуваше дека нема намера да биде посредник, сега се нуди да посредува за мир меѓу двете земји.

Темата за конфликтот во Украина ја загатна кинескиот претседател Шји Џинпинг. Според него треба да се бара компромис врз основа на не распространување на конфликтот, откажување од ескалација на воените дејства и од подлевање масло во огнот. Ова е стара кинеска формулација која ги опфаќа и Русија и Западот. Едниот се предупредува од ескалација, а другиот од давање оружје, односно долевање масло во огнот. Конфликтот во Украина беше загатнат и на средбата на Путин со Моди. Индискиот премиер повика на решавање на конфликтот по мирен пат и даде целосна поддршка на што побрзо воспоставување на мир и стабилност. Спроти самитот украинскиот претседател, Владимир Зеленски, во интервју за „Фајненшел тајмс“ и предложи на Москва прекин на обостраното бомбардирање на енергетката. И тоа да биде чекор кон крај на жешката фаза на војната. Но од Русија до ден денес нема одговор на овој предлог. Украина е спомната и во Завршната декларација од Самитот. Во една точка од неа се вели дека учесниците на БРИКС се за што побрзо мирно решавање на конфликтот со посредство на дијалог и дипломатија. Исто така дека тие со задоволство ги одбележуваат „соодветните предлози за посредништво и добри услуги повикани да обезбедат мирно решавање на конфликтот по пат на дијалог и дипломатија“. Очигледно станува збор за кинеско-бразилскиот предлог.

Украинците се задовони од ваквата формулација. Нивното МНР соопшти дека „Русија не успеа да им ги наметне на учениците на самитот на БРИКС своите неоимперијалистички погледи на промена на светскиот поредок и глобалната архитектура на безбедност, по пат на агресија против Украина“. За Украинците станува збор за очигледно фијаско на Москва да се наметне на Глобалниот југ со својата позиција.

Но во Киев како да забораваат дека Путин стави потпис под Декларацијата во која на посреден начин е вграден предлогот за мир во Украина од страна на „Пријателите на мирот“. Тој порано и отворено го поддржуваше тој предлог, како основа за мировни преговори. Сега Путин не ќе смее да мрдне подалеку од тој предлог н неговите пријатели Џинпинг и Лула да Силва. Но да не се заборави дека тој на овој начин, со прифаќање на предлогот на „Пријателите“, практично си ги отвора вратите на Глобалниот југ, доколку Украина не го прифати предлогот на Кина и Бразил, а кој претходно Зеленски го отфрли. Тогаш Москва ќе вели дека еве, кој е против мир и не прифаќа добар мировен предлог, кој и нам многу не ни одговара. Доколку оваа кинеско-бразилска иницијатива успее, тогаш БРИКС ќе добие на значење во светот. Западот тоа нема да го дозволи. И ќе бара мир „според негови услови“. А тие сега се „Русија да не победи“. Порано беа „Русија да биде поразена“. Сега, практично, ќе продолжи антагонизмот меѓу Западот и „Пријателите за мир“, во потрагата на мирно решение на конфликтот. И негови поддржувачи.

Овој пат вратите на БРИКС останаа затворени за проширување. Очигледно на повеќето членки не им е сеедно до каде и колку БРИКС ќе се шири. И со кого. Па се споменуваат и критериуми за избор. Во Казањ се воведе статус земја-партнер на БРИКС. Па со него се стекнаа Турција, Казахстан, Узбекистан, Алжир, Белорусија, Боливија, Куба, Индонезија, Малезија, Нигерија, Тајланд, Уганда и Виетнам.  Некои држави, како Казахстан на пример, се откажаа од членство во БРИКС, давајќи предност членството во ОН. Инднезија, со население од 280 милиони луѓе, во догледен период веројатно ќе биде четвртата земја во светот по број на население членка на БРИКС. Овој пат од статусот земја-партнер на БРИКС извиси Венецуела. Немаше консензус за неа. Бразил беше против. Оттука и потребата во иднина да се разработат некакви критериуми за прием. Според некои медиуми и Индија се противи на целосно членство на Турција во БРИКС, поради тоа што таа има добри односи со Пакистан, со кој, пак, со години е во постојана „кавга“.

Што се однесува до „борбата“ со доларот се виде дека тоа не е лесна работа. Членките на БРИКС ќе се задоволат со некакви механизми за меѓусебните плаќања. Како преоден чекор во воспоставување на трајни решенија за меѓусебната трговија и плаќања. Кина го нема тој проблем. Јуанот е едно од посилните платежни средства во светот. Го користат сите земји што тргуваат со Кина. Русија, според Путин, своите проблеми ќе си ги решава сама, без да ги вклучува во нив другите членки од БРИКС.. Но затоа во Декларацијата  стои дека БРИКС не се стреми да создава нови структури, паралелни на оние меѓународни институции кои постојат. Но сака да го натера Западот за поделба на контролата врз нив. Таков е Меѓународниот монетарен фонд. Но и да бидат повеќе отворени за земјите во развој.

На Самитот не преовладуваше антизападната линија, иако во Декларацијата се зборува за мултиполарен свет, се осудуваат едностраните санкции. Очигледно на самитот, на неговиот затворен дел, ублажен е приодот за поостар однос кон Западот. И е наметнат индискиот приод. Некои извори тврдат дека индискиот премиер Моди се заложил „на светот да му се покаже дека БРИКС не е организација која прави делби, туку дека е организација која работи во интерес на целото човештво“. Моди, исто така, се обиде да ја прикаже инклузивната природа на групацијата: „Формиран од спојот на различни гледишта и идеологии, БРИКС е инспирација за светот, промовирајќи позитивна соработка. Нашата различност, меѓусебно почитување и нашата традиција да се движиме напред со консензус се основата на нашата соработка. Нашиот квалитет и духот на БРИКС ги привлекува другите земји на овој форум. Уверен сум дека во иднина заедно ќе ја направиме оваа единствена платформа модел за дијалог, соработка и координација“, рече тој.

Времето ќе покаже колку БРИКС ќе може да биде организација која со помирлив тон ќе се однесува кон Западот и кон остварувањето на своите цели.  А самитот, со големиот број делегации покажа дека обидот да се изолира Русија доведоа до тоа, таа во најголем дел да биде изолирана само од Западот и сите оние кои се под негова контрола.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Доналд Трамп го проби мразот околу војната во Украина

Доналд Трамп го проби мразот околу војната во Украина