Брнз: Прифаќањето на францускиот предлог значи дека конечно ќе имате место на масата за пристапни преговори
Објавено во: Македонија 08 Јули, 2022 16:31
Со отворено писмо до јавноста се обрати амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.
Таа наведува дека Македонија донела тешки одлуки, а сега треба да донесе уште една таква одлука.
„Токму заради предизвиците со кои се соочивте и оние со кои може да се соочите во иднина, САД ве охрабруваат да продолжите по тој пат со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ. Не ви треба потсетување дека низа влади и пошироката јавност две децении работеа и сеуште работат на пристапувањето кон ЕУ. Како сојузник, партнер и пријател, ние имаме реален интерес во обезбедувањето на вашата Евро-Атлантска иднина. Го одиме овој пат заедно од 2004 година, спроведувајќи програми и обезбедувајќи помош во реализирањето на вашите аспирации и за НАТО и за ЕУ. Ја остваривте првата аспирација. Сега сакаме да ве видиме како ги остварувате придобивките што произлегуваат од активниот процес на пристапување кон ЕУ и ги користите правата како земја членка на ЕУ“, вели амбасадорката.
Додава дека пристапувањето кон ЕУ ќе ја направи Македонија посилна. Зачленувањето во меѓународна организација, уште повеќе учеството во тие процеси, е напорна работа и бара тешки одлуки.
„Тоа веќе го знаете. Веќе сте носеле такви одлуки. Но, прифаќањето на овој предлог значи дека конечно ќе имате место на масата за пристапни преговори. Тоа ве става во истата просторија со земјите-членки на ЕУ, од кои многу се ваши блиски партнери и сојузници. Европската комисија ќе ги прима вашите тимови во Брисел и ќе испраќа свои експерти тука на терен, за да го спроведат процесот на скрининг и самите да станат сведоци на живото демократско општество овде. Откако ќе ги започнете преговорите ќе имате повеќе алатки на располагање и, благодарение на новата методологија, ран пристап до фондовите и програмите на ЕУ, кои ќе можете да ги користите за реализација на сопствените цели и изградба на иднина каква што посакувате за себе и за вашите деца. А тогаш кога ќе бидете членка на ЕУ, ќе имате еднаков глас внатре во Унијата, исто како што сега имате во НАТО. Прашањата содржани во предлогот се технички и ви беа презентирани без многу време за јавна дебата. Разбираме дека предлогот не е таков каков што вие би го подготвиле доколку би имале можност еднострано да ги диктирате условите – но тој го признава македонскиот јазик и идентитет и ги заштитува од понатамошни предизвици. Иако можеби не е совршен, предлогот го прави она што е потребно: ги заштитува вашите клучни интереси и овозможува отпочнување преговори и динамичен процес на скрининг. Според нашето прагматично гледиште тој претставува реално најдобра можност конечно да ја придвижите вашата земја напред на патот кон ЕУ, истовремено зајакнувајќи ја вашата улога во одлучувањето за сопствената иднина“, наведува амбасадорката.
Вели дека изборот е да продолжиме напред како суверена нација.
„Знаеме дека одлуката е тешка. Но одлуката ќе остане ваша и кај вас и низ целиот пристапен процес. Кога ќе сте на преговарачката маса, и кога ќе сметате дека вашите забелешки не го добиваат потребното внимание, ќе имате можност да направите различни избори. Но, треба да го направите првиот чекор за да стасате до вториот. Суштината на демократијата е слободата на избор. Суштината на пријателството е да ги поддржуваме одлуките на нашите пријатели и да повикаме на храброст во времиња на предизвици. Како ваш пријател, Соединетите Американски Држави се надеваат дека ќе го изберете најдоброто за вашата земја денес, а и за нејзината иднина“, додава Брнз.
Инаку, во Македонија веќе почнаа блокади со цел власта да го отфрли францускиот предлог.
Можеби ќе ве интересира
Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер
Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“
ЌЕ СЕ ОДЛАГА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА АДМИНСТРАТИВЦИ – службите не се подготвени, но додатоците на плата ќе се зголемат
СЕКОЈА ЗЕМЈА ИМА СВОИ ТОП СУВЕНИРИ: Што најчесто купуваат странците во Македонија?
Одреден е притвор за Стафа, а Љупчо Пецов - Ѓаволот е лицето за кого се обидел да поткупи судија
Отворен граничниот премин Богородица по четири часа блокада
Филипче повторно повика пратениците да ја потпишат декларацијата на СДСМ за мигрантите
МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани
„ВИСТИНАТА Е ДЕКА МИНАТАТА ВЛАСТ ИЗРАБОТИЛА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРИФАЌАЊЕ МИГРАНТИ 2017-2027“: Мицкоски за темата со мигрантите




