29 Март, 2024
0.0291

Буџетот е за народот, не е ниту за власта ниту за опозицијата!

Објавено во: Колумни 18 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Дебатата за буџетот на Македонија за 2014 година, како по обичај, почна и продолжува со жестока пресметка меѓу власта и опозицијата. Предлагачот на големо обзнани дека предлогот е развоен поради зголемениот износ за капитални инвестиции, додека претставниците на опозицијата го оценија како „расипнички“, поради продолжениот тренд на пораст на непродуктивната потрошувачка и на владиното задолжување за да се финансира најобемниот буџет на земјата, во изминатите две децении независност. И за едната и за другата теза се презентираа бројни податоци, меѓутоа, ниту власта ниту опозицијата не се обидоа да расправаат за нив, туку ги пренагласуваа своите верувања со цел да ја убедат јавноста во исправноста на своите политики, односно на својата критика. Притоа, се исфрлаа аргументи со кои и власта и опозицијата настојуваат да и’ се допаднат на јавноста, за да поверува во нивните концепции за развојот на земјата. Во недостиг на подготвеност објективно критички да се  опсервираат изнесените гледишта паднаа меѓусебни навреди и оптужби од таков карактер што ги засенуваат аргументите во прилог или против предложената буџетска потрошувачка  во наредната година.

Интересно е што за капиталните инвестиции (за што се наменуваат 20% повеќе средства отколку во минатата година) опозицијата не најде за потребно да ја насочи својата  агрументација во барање на одговор, на прашањето,  дали  се потребни вакви вложвања , туку се изразуваат сомневања дека во инвестиционата потрошувачка на владата, и досега,  има корупционашка практика, па затоа се смета дека од капиталните инвестиции најголема корист ќе имаат луѓето од власта. Како потврда на ваквите сомневања се споменуваат примери од Скопје 2014, каде при изградбата на повеќето објекти почетните цени се неколкукратно зголемени, со склучување на десетици анекс-договори.  Од другата страна пак, на јавните сомневања  за криминал во реализацијата на инвестиционите проекти на владата, не се одговара. Запрепастувачки е што не се чувствува одговорност јавноста да се информира што е причината за  неколкукратното зголемување на почетните цени, што го довеле во заблуда инвеститорот во врска со дефинитивната цена на капиталните објекти. Ќе се согласите дека  не е нормално крајната цена на проектите за неколкупати да ја надминува почетната цена. Тоа остава простор за сомневања, најмалку за (не) компетентноста на планерите, па и за можни малверзации. Но, едноставно  се стекнува  впечатокот како тоа да не е важно за власта, односно како таа  да нема потреба пред народот да ја докаже вистината.  И она што е за право ,  ни опозицијата не прави напори сознанијата за евентуален криминал да ги процесуираат. Оттука, може да се каже дека препукувањата за  тоа кој краде повеќе се пукања во празно, како забава за народот. Се’уште нема никаква разрешница за соменвањата на приграбување на огромни средства за лично или групно   богатење. За јавноста ништо не значи кога на сомневањата ќе се укаже дека и другите го правеле истото. За јавноста е битно  да се утврди сторителот и тој  да одговара за таквите дејанија, за да се симне чувството за меѓусебна толеранција на власта и опозицијата за поткраднувањето на државата, во таа смисла „кој ги добива изборите има право и на тоа“.

Од подруг карактер е полемиката околу прашањето дали буџетот за наредната година е развоен. Нормално е што ставовите се спротивставени. И тоа не е лошо, за да се види кој како размислува и што нуди. Понудата и критиките ќе се проверат во практиката, за една, две или три години. Тогаш ќе се види дали обемот и структурата на јавната потрошувачка ќе придонесат за зголемување на економскиот раст и подобрување на стандардот на населението или,пак, како што критикува опозицијата, порастот на задолжувањето спрема странство, со кој се овозможува и голема непродуктивна потрошувачка, ќе заврши со проблеми во сервисирањето на јавниот долг, со сите последици што произлегуваат од тоа на планот на остварувањето на одржлив развој. Се работи за различни пристапи во водењето на развојната политика на земјата. Моменталните предности или слабости во тековните движења не мора да значат ниту дефинитивен успех ниту слом на актуелните политики.  Ако се остварат очекуваните резултати на власта ќе се потврди дека острите критики биле неосновани, меѓутоа, ако бидеме сведоци на пораст на цените, на даноците, на долговите  и други негативни појави (на пример, реален пад на платите) за да се покријат нереалностите во досегашната потрошувачка, не можат да се бараат оправдувања за „арогантната сигурност“ на предлагачот, бидејќи се познати клучните варијабли кои го определуваат развојот.

Треба да се има во предвид дека Македонија е земја чија процент на јавен долго во однос на БДП и не е така сеуште загрижиачки, но брзината со која овој долг расте како и структурата на долгот веќе ја палат црвената сијаличка. Впрочем, на опасноста од порастот на буџетскиот дефицит и на јавниот долг укажа и мисијата од ММФ. Оттука, не  за да и го прави ќеифот на опозицијата туку заради спроведувањето на здрави економски политики власта уште во овој буџет треба да ги скрати ставките од непродуктивната потрошувачка и да  ги одложи за подобри времиња. Тоа сигурно на краток рок може да ја наруши комоцијата во администрацијата, но нема да го наруши остварувањето на клучните цели во развојот, што треба да е цел и на власта и на опозицијата, во името на народот.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?