Добивај вести на Viber
Бугарските политичари одржаа лидерска средба во обид да ја смират јавноста и да ја уверат во стабилноста на банкарскиот систем. Тие едногласно побараа од граѓаните да не ги извлекуваат парите од банките по невистинитите информации за банкарска криза во земјата.
„Политичките партии и институциите, кои учествуваа во консултациите, ја декларираат својата решенот и готовност да ги обезбедат неопходните ресурси и да се преземат сите неопходни мерки за гарантирање на банкарската стабилност во земјата“, изјави бугарскиот претседател Росен Плевнелиев.
„Парите на граѓаните и на фирмите, вложени во банкарските институции во Бугарија, се сигурни и гарантирани. Банките ќе продолжат да работат во нормален режим. Бугарија е членка на Европската унија, Валутниот борд е стабилен и ќе се почитува до влезот на Бугарија во еврозоната. Располагаме со доволно резерви, средства и механизми, за да се справиме со сите обиди за дестабилизација и ќе застанеме зад секоја банка, која е подложена на напад“, увери тој.
Според него, во Бугарија нема банкарска криза, но има криза на доверба и криминален напад врз банкарскиот систем, за што ги повика да дејствуваат полицијата и правосудните органи.
Бугарските власти денеска соопштија дека уапсиле три лица под сомнение дека подготвувале завера за дестабилизација на банкарскиот систем, ширејќи лажни информации за несигурност на комерцијалните банки во земјата.
Под истото обвинение вчера беа уапсени уште две лица. Акцијата започна откако поголема група граѓани, водени од лажни информации, побарале да си ги повлечат своите пари од бугарската Прва инвестициска банка, втора по големина банка во Бугарија.
Минатата недела со ист напад се соочи и четвртата банка во Бугарија „Корпбанка“, која заради барањата на клиентите за повлекување на парите, беше преземена од Централната банка на Бугарија.