Добивај вести на Viber
Катастрофалните поплави што го зафатија црноморскиот регион на Варна предизвикуваа откажување на резервациите и ги доведоа на работ на очај бугарските туристички работници, кои стравуваат дека сезоната ќе биде целосно загубена.
Природната стихија предизвикала откажување на резервациите особено од руските туристи, потврдуваат од бугарското Министерство за економија и енергетика.
Во оваа фаза нема откажување на туристите од западните земји, кои вообичаено порано го планираат својот годишен одмор. Очекувањата се дека само неделава во одморалиштата на Црното Море во Бугарија ќе пристигна 180 илјади туристи, а за цел јуни бројката ќе достигне околу 720 илјади, што е сепак помалку од претходните очекувања.
Лошото време и дождовите ги намалува и посетителите на т.н. „викенд одмор“ кој станува особено популарен во споледните години, особено за Бугарите, но и за жителите на соседните Македонија, Србија и Романија, велат бугарските власти. Според податоците на Институтот за анализа и оценки на туризмот, бројот на вакви патувања се намалува за дури 60% годинава, а „викенд туристите“ се насочуваат кон Грција и Турција.
Од бугарското Министерство за економија истакнуваат дека дел од медиумите покажале „преувеличена“ слика за ситуацијата со невремето во одморалиштата и со тоа задале удар на бизнисот на хотелиерите. Туристите се почесто бараат варијанти целосно да го откажат патувањето или барем да го променат терминот на резервациите.
Сепак, лесно е вината да се префрли на медиумите. Но, поплавите во Бугарија покажаа и сериозен проблем поврзан со инфраструктурата во одморалиштата. Во еднен од најголемите туристички центри Сончев брег, на пример, воопшто нема атмосферска канализација за дождовните води, што предизвикува сериозен проблем при обилни дождови.