23 Ноември, 2020
0.0263

Букет

Објавено во: Колумни 22 Март, 2020

Морам да признам, од оваа временска дистанца, дека „Букет“ не беше во прв план во тие 70-ти години за генерацијата која „пролетуваше“. Што ќе рече почна да дрежди на корзо, да оди по матинеа (игранки во раните попладневни часови по фискултурни сали и маалски домови на Социјалистичкиот Сојуз), да пие кафе во „Македонија“ и да бега од часови за да оди на фудбалски натпревар.

Корзото беше еден вид зараза, егзем што мора да се исчеша секојдневно, навика што не се стекнува туку се наследува. Ај што цела младина од рано навечер па се до последните градски автобуси за дома вртеше во долги збиени редови во круг по Маршал Тито, Вељко Влаховиќ и покрај Самоисхрана до плоштад, па накај Кенан и Панта до Мост и назад, постоеја друштва на стојачи на тротоар. Тие како сколовранци наредени на жица меѓу две бандери цупкаа и гледаа „како жаба у тињак“ во редовите шетачи нема ли да ја видат „особата“, да и дофрлат нешто од типот „и ти ли фати дечко“ во немоќта од нелојалната конкуренција.

Е овие стојачиве први доаѓаа, а последни го напуштаа теренот - секој со својата освојувачка судбина и среќа. Лесно им беше летно време. Бавчите на Арапска, кај Јоле и Почу, во Македонија беа прибежиште по корзото. Тука се разви една угостителска фела наречена „еден пие другите гледаат“. Пари секогаш се немало, а келнерите гледаа низ прсти, белким некогаш ќе имаат и пари, важно да им влезе кафеанската чивија.

Зимно време приказната беше друга. Премрзнати во лити капутчиња и со кондурчиња со тенок ѓон ќе се распрснеа по околните врталишта на топлење. Тука беа Ванила, карши Алија Хоџиќ, слаткарница Пошта, Пелистер, Метропол и уште некои (на кои сега не се сеќавам доволно) во предност, поради близината.

Во Букет се одеше со посебна идеја, со гастрономско-пијачки мерак. „Идеме у Букет на грејано вино и помфрит“ гласеше најавата што ја следеа само најупорните и најиздржливите. Требаше да се дојде до Нова Македонија во бараката во која главно по цел ден седеа новинар, глумци и бадијалџии. Дали ќе има место беше друго прашање.

Внатре не толку топло, но добро зачадено и непроветрено. На масите со чаршафи флекосани од вино, шкембе чорба и од маслото на шопска салата седат стиснати до непристојана дистанца гости од најразлична провиниенција, од кои  подоцна не малкумина се здобија, оправдано или не, со звањето боем. И тоа скопски боем! Им годело тоа,верувам, а не ни знаеле дека боемот е кавалер, убаво воспитан, знае да свири најмалку на еден инструмент, рецитира убаво и добро „држи“ пијачка, а дома ретко се прибира! Овие нашиве боеми имаа петки само по пиење. Кога еднаш-двапати се почувствува сето ова, нешто како да те влече во Букет. Можеби тоа доаѓа со времето-корзото се заменува со кафеана.

Денес е лесно - кафиќи и биртии колку сакаш. Боемштина на скопски начин ич. А можеби и не е така. Не сум бил во најновиот Букет !!!! Тој има своја тазе приказна! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Маја Санду ќе ја трга Молдавија понастрана од „Линијата на огнот“

Маја Санду ќе ја трга Молдавија понастрана од „Линијата на огнот“

Зошто барањата на Екатерина Захариева можат да ги поништат македонско-бугарските односи

Зошто барањата на Екатерина Захариева можат да ги поништат македонско-бугарските односи

Македонија има (фудбалска) иднина

Македонија има (фудбалска) иднина

Партиските патриоти за по дома

Партиските патриоти за по дома

Контролинг - инструменти за зголемување на ефикасноста и профитабилноста на банката

Контролинг - инструменти за зголемување на ефикасноста и профитабилноста на банката

Предизвикот Карабах

Предизвикот Карабах