Честит 1 мај - Денот на македонскиот РОБ!
Објавено во: Колумни 01 Мај, 2020
„Триесет години не крадат. Истите луѓе. Газдите не се
газди. Олигарсите не се олигарси. Тие се само крадци кои со помош на
политичарите успеваа да ограбат еден чесен и наивен народ. Си донесоа закони за
да ги купат фабриките бесплатно, а работниците ги оставија на улица. Си делат
тендери и проценти од парите од даноците што ги плаќаат работниците додека
профитот го носат во даночни раеви. Цела држава, цел народ страда од таа спрега
олигарси-политичари-судии. Затоа што си направија и нивно судство. Како на
берза си купуваат судии. Олигархијата нема политичка определба. Истите кои
работеа со ВМРО-ДПМНЕ, сега работат со СДСМ, после пак со ВМРО. И ова им
одговара на сите, ако под сите мислиме на богатите и политичарите. Тие носат
закони за нив за што добиваат пари, другите се богатат. Освен народот, кој го
плаќа цехот. Целиот овој крах е само нивна вина. Се краде, се местат тендери од
локално ниво на директорчиња, до врв на Влада. Секој само граба и граба и
граба... Нивната алчност не доведе до тоа да имаме никакво образование,
здравство, инфраструктура, иднина. Ги избркаа младите, затоа што им ја украдоа
иднината, ги убија болните со загаден воздух за профит, им го зедоа
достоинството на старите за да се задоволни да имаат за леб и лекови. И сега
цехот на кризата пак ќе падне на сиромашните, заглавени во кредити (со камата
нормално, банките мораат да направат профит 127 милиони евра од солидарност во
кризата), заглавени до гуша за да поминат месец или одмор, за да се почувствуваат
и тие малку како луѓе“.
Има ли што да се слави на 1 мај?!
Овие неколку реченици, срочени во еден ФБ статус на инфлуенсерот и активист на социјалните мрежи Божидар Божиновски како рентген, ја отсликуваат сета наша беда во изминативе трисет години. И материјална, но пострашно и духовна, бидејќи материјалното ни го земаа ( читај: украдоа), и ни го скршија духот. Ова е и болна, неславна честитка за 1 мај, ѓомити Денот на трудот, кој кај нас, наместо со протести за подобри работнички права, се слави со скари и пикници. Да не заборавиме, и во соседна Грција, и во нашиот бисер балкански Охрид, ако „се спаја викендот“. Некој „поситуиран работник“, може да си уплати аранжман и во Дубаи, да си го прослави Денот на трудот. И во тоа, не сме како останатиот нормален Западен свет. Во земји, каде што имаат десетици пати повисока плата, и неколкукратно поголем животен стандард, се протестира масовно, па дури и се случуваат немири, со апсења на лица, кај нас се слави тој ден. А што се слави? Платата од 250-300 евра, во која сте пријавен на „минималец“, или пак се слават работните услови, од кои имате голема веројатност да завршите со некоја физичка повреда, или пак не дај боже да завршите фатално. Пред неколку денови, беше и Меѓународниот ден на заштита на здравјето на работното место. Во Македонија на секои сто илјади вработени, 3-4 на годишно ниво гинеле на своите работни места, како последица од нехуманите и нестандардизираните работни услови.
И за Ромите по она време, 1 мај бил достоинствен празник!
Веројатно 1 мај изгуби смисла, кога пропадна социјалистичка Југославија. Тоа беше празник на достоинството на работникот ширум земјата од Вардар па до Триглав. Немам намера да влегувам во констатации каков бил работниот век и животот на работниците во поранешната заедничка држава, бидејќи сум роден, малку пред нејзиниот распад, но гледав еден документарен филм за кварталот Столипиново, во градот Пловдид, кој денес претставува најголемото ромско гето во соседна Бугарија, и едно од најголемите во цела Европа. Соговорникот од документарецот, маж во поодмината возраст пред камерите, но и на своето внуче му ја претставуваше веќе разрушената и непостоечка фабрика, во која тој и неговата сопруга ги поминале како што и самиот кажа „најубавите години во својот живот“. Без претензии, и без да бидам погрешно сфатен, но штом еден Ром ( за жал Ромите се најмаргинализираната група, и кај нас, и секаде во светот, со највисока стапка на невработеност и социјална исклученост), кој самиот вели дека „живееле нормален живот, и биле интегрирани во бугарското општество по она време“, и со жал се потсетува на убавите за него социјалистички времиња, а денес во овие триесет години демократија, истакнува дека повеќето Роми од неговиот квартал се отфрлени, подложни на престапност и криминал, без елементарни услови за живот и без интеграција, можеме да направиме паралела какви биле правата на работниците по „тоа време“, а какви се денес. Штом социјалистичкиот систем со вработување ги интегрирал Ромите, тогаш и не треба да не чуди носталгијата на нашите родители по фабриките и работните односи, права и привилегии од минатото.
Далеку е Скандинавија, ако одЕш пеш!
Денеска, работникот е роб. Од неговиот труд, мака и пот, некој трупа милиони, во буквална смисла на зборот. Работникот е сведен на ѕвер, фрлен во кафез (конфекцијата), од кој се очекува да ги даде последните атоми од својата сила, за да ја задоволи нахалната, бескрупулозна и алчна потреба на својот претпоставен за енормно богатство. Другари, да не се разбереме погрешно. Не сум против капитализмот, напротив, го сметам како систем кој со своите развојни технологии, компетитивноста и изумите, го однел напред целото човештво, но во оваа и ваква земја, ова не може да се нарече капитализам. Напротив, ова е класично феудално општество, а во некои дејности со примери и на робовладетелство. Во најразвиените земји, оние скандинавските, социјалниот капитализам ( колку и оксиморонски да звучи), е и хуман капитализам. Газдите имаат чувство и грижа на совест, дека тие својот капитал треба да го споделат со општеството, со своите вработени, со идните генерации. Нашите газди имаат чувство, само како да го изиграат законот, и како да му ја исцицаат и последната капка крв на својот работник, не третирајќи го, и не чувствувајќи го за живо човечко битие. Да ни е честит 1 мај, Денот на робот, не на трудот!
Благојче Атанасовски - политиколог* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.