14 Мај, 2024
0.0323

Чествување и празнување на денот на жената – кај сме и што направивме?

Објавено во: Колумни 07 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Жената е капка роса, пустински ветер што тивко и милно го гали песокот, таа е нежна, милна,топла и  силна, благодет и живот дарува. Жената е цврста карпа, оној тврд орев кој колку и да го притискаш и угнетуваш нема да попушти пред налетот на тежината. Жената е извор вода од која се напојуваат младите души, жената е книга со мудрости, никогаш не доизречена и недоразбрана. Жената е вечна муза и инспирација на поетите, сликарите, боемите, вечна тема на нивните поеми и слики. Таа е опеана и овековечена во многу бајки, песни, слики, многу стихови ненатпеани и мисли ненадминати се инспирирани од жената,  а од  нејзината убост, итрина,мудрост, интригантност и борбеност онемувале и најголемите виртуози на својот занает. Женската кауза за мене е пред се и над се Со повод и со причина пишувам за жената, можеби ќе бидам осудена дека тоа го правам на 7 март-ден господов петок, само еден ден пред Меѓународниот ден на жената-8 март, но спремна сум да го превземам ризикот, да го носам “гревот” на душата и товарот на плеќите, бидејќи сепак женската кауза за мене е пред се и над се. Дефинитивно тоа не ме оправдува зошто повеќе и почесто не говорам за жената, за нејзините права, обврски, должности, иако пишувајќи за мајката во повеќе случаи симболично и суптилно говорам и за жената, но во ова наше секојдневие кое го битисуваме и во оваа наша лабараторија имаме толку општествени феномени кои се значајни, а не доволно протолкувани и истражени. Нејсе, сакам искрено, субјективно и објективно, со чиста мисла и размисла, научно, социолошки, за миг феминистички, со доза на позитивен набој и пред се женски да проговорам за улогата и статусот на жената денес, во нашето општество, за чествувањето и празнувањето на денот на жената и за потребата се уште да се ставаат на пиедестал на мошне значајни прашања-прашањата поврзани со жената денес. Треба уште едукација и борба за да се дојде до она посакувано и вистинско, идентично и изедначено ниво на двата пола Во современото општество, вклучувајќи го и македонското, има голем напредок и неколку чекори напред во однос на правата, одговорностите и статусот на жената денес, во однос на децении наназад. Компарирајќи ги државите од Европската Унија и Балканот се воочуваат одредени разлики, посебно во полза на политичките и раководните функции што ги заземаат жените, но сепак позитивниот пример што го следиме, не става во рангот на држави кои ја почитуваат и ценат женската кауза. Можеби за многумина воведувањето на позитивни квоти во политичкиот дискурс е дискриминирачки, но јас од еден поинаков агол тие позитивни квоти ги оправдувам, бидејќи без нив и без нивната обврзувачка моќ во едно делумно традиционално општество, многу малку жени ќе можеа да ги покажат своите компетенции во политиката и да се докажат како мудри и добри политичарки. Впрочем за ова говорат и фактите и ако се направи споредба со почетоците на македонскиот плурализам ќе се види таа нагорна линија во политичката сфера, пред се во бројот на пратенички и министерски места. Секако за тоа посебна благодарност и ловориките треба да се дадат на невладиниот сектор и форумите на жените кои се изборија во рамките на своите матични партии да го воведат системот на позитивни квоти. Невладиниот сектор, посебно организациите на жени, преку позитивни примери, пред се од државите кои се високо рангирани во однос на женската кауза, преку низа едукации, трибини и семинари успеаа да едуцираат жени, кои иако беа доволно образовани и самосвесни, сепак им беше потребен поттик и поддршка за нивна политичка мисија или отворање на сопствен бизнис. Секоја чест за таквите активности и секоја личност која била дел од таква едукација или одреден настан ги знае бенефитите од истите. Секако дека ова се само дел од напредните дејанија, идеи и активности кои придонеле за напредок и солиден статус на жената во совремието, но не се доволни и конечни и треба уште едукација и борба за да се дојде до она посакувано и вистинско, идентично и изедначено ниво на двата пола. Она што навистина ми пречи е прославувањето на празникот кај нас и со право често велам една вулгаризација и искривоколчување на вистинската кауза Говорејќи за жената, а во пресрет на меѓународниот ден кога се чествува таа, она што посебно ми пречи е вулгаризација на празникот. Во вистинска смисла на зборот чествувањето и празнувањето треба да доликува и соодветствува на основната кауза на која почива овој ден. Она што го очекувам е да се говори за правата, статусот и улогата на жената денес, да се одржат трибини на кои признати и познати жени, секоја во својата област, ќе го пренесат своето искуство и ќе охрабрат други припаднички на женскиот пол. Од друга страна можеби треба и да се организира мирен протест чија цел ќе биде кревање на глас против насилството и угнетувањето на жената, или протест чиј мотив ќе биде против дискриминацијата и сексуалната злоупотреба на жената. Очекувам масовно да се говори и пишува за борбеноста на Флоренс Најтингел, Клара Цеткин  и други познати и признати жени кои оставиле длабок печат во историјата. Она што навистина ми пречи е прославувањето на празникот кај нас и со право често велам една вулгаризација и искривоколчување на вистинската кауза. Купување на поклони, дар-дарувања од страна на мажите, кои само тој ден решиле да ја изненадат својата дама, полни кафеани, музики, алкохол и чочеци на маса. Разиграни жени и по некој директор, раководител или менаџер кој со тој ручек или вечера решил да се покаже и да се искупи за неправдите кои директно или индирекно им ги нанел на своите вработени. Телефонски јавувања, смс-пораки и илјадници честитки и букети со една сентенца клише Среќен празник и за многу години да ни е денешниов ден. А многумина од тие жени што ќе добијат цвет или ќе поиграат елено моме или пајдушко работат под минимални услови и за минимални плати, дел од нив се со нерешен работен статус, дел од нив, се жртви на насилство, ден од нив се дискриминирани. Затоа за мене е недостојно ваквото одбележување на празникот но ќе треба да се направи рефреширање и менување на свеста за да се чествува овој празник достојно. П.С. И да, ако ме прашувате дали уште треба да се говори за женски права и прашањата поврзани со женската кауза да бидат приоритетни ќе ви одговорам дека се додека постојат избори за мис, каде се оценува женското тело и се третира жената како предмет, се додека осамнуваат реклами за хот-лајн линии со кои се праќа порака дека сексот со жената може да се купи и се потценува љубовта, се додека постои дискриминација и насилство, се дотогаш прашањата за женската кауза ќе бидат добредојдени и неминовни. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка