28 Март, 2024
0.0254

Чуму духовно чествување и духовни празници

Објавено во: Колумни 21 Јуни, 2013

Добивај вести на Viber

На ден Духовден или Задушница кај секој верник се мешаат чувствата, ред тага, ред болка, можеби по некоја насмевка поттикната од евоцирање на спомените, ред  потиштеност, ред сеќавања...И така се редат мисли и спомени за оние кои не се веќе меѓу нас, а биле дел од нашиот живот, ни исполнувале мигови на среќа, сме споделувале заеднички моменти, некагаш заедно сме се радувале, а некогаш заедно сме тагувале. И на моменти солзите непречено течат, емоциите се исполуваат на површина, а разумот мудро молчи, оставајќи не да се исплачеме за оние кои не се со нас, а многу ни недостасуваат. Можеби суровоста на животот е токму во губењето на оние кои се дел од твоето опкружување, но поентата на животот е во новите  предизвици Навираат прашања, посебно кога чествуваме вакви празници, прашања кои си ги поставуваме сами на себе, но и ги дебатираме со другите, нам ближни и драги луѓе, доброманерници и собеседници. Едно нешто често пати провејува во низата размисли, а тоа е прашањето чуму духовно чествување и духовно празнување, дали само на овие денови треба да се сетиме на оние кои не напуштиле, дали моменти и настани кои не прават тажни и кои ги вадат на површина нашите чувства кои ни предизвикуваат болка и жал треба посебно да се чествуваат...И на сите прашања еден заеднички именител, одговорот да, аргументиран и потврден. Во ова совремие кое го битисуваме, во оваа урбана машинерија во која секојдневно сме втурнати, во ова време на раскинување со суштестевни сегменти кои го чинат животот-живот и те како е потребно да се присетиш и да им оддадеш почит на ближните, кои не напуштиле, но оставиле печат во одредено време, печат длабоко вкоренет во нас. И можеби суровоста на животот е токму во губењето на оние кои се дел од твоето опкружување, но поентата на животот е во новите  предизвици, новото утре, кое треба да се живее и да се сподели со оние кои се тука, со големи чекори итај напред, но не го заборавај минатото. На народот не можеш да му го скратиш правото како сака да чествува Она што можеби мене лично ми пречи и донекаде преставува вулгаризација на религиското чествување е севкупната материјална изложеност на оние кои ги чествуваат тие празници. Поаѓајќи од економските издатоци за самиот чин, се до брдото храна и напитоци кои ќе се изложат на вечните почивалишта. Но на народот не можеш да му го скратиш правото како сака да чествува, посебно ако е дел од неговиот традиционален дискурс, иако можеш да сугерираш и укажеш на канонското чествување. Поентата е во интегративната функција на религијата, во нејзината мобилизација на секој член од семејството, кој барем тие денови поминува дел од своето слободно и драгоцено време со своите ближни, членови на семејството, споделува мисли и размисли и едноставно е дел од нешто кое и те како треба да се чува и преставува посебна вредност, а тоа е семејството. Љубовта, почитта, пријателството, сомилоста, благочастието, добродетелтта, се вредности кои ги подзабораваме, а на кои се присетуваме на вакви чествувања Но она што посебно интелектуално ме инспирира на овие празници и ми ги вади на површина моите ставови и гледишта се поимањето на одредени вредности, кои за жал се губат во современите текови на живеењето, а кои се суштински за човековото битисување. Љубовта, почитта, пријателството, сомилоста, благочастието, добродетелтта, се вредности кои ги подзабораваме, а на кои се присетуваме на вакви чествувања.  Размисли ми навираат кога гледам како во вакви моменти се враќа прегратката, топла и искрена, погледот втренчен кон собеседникот со кого нешто споделуваш, милозливоста во понудувањето на рака и поздравувањето, размисли кои ми го загатнуваат прашањето зашто само во овие мигови и на вакви чествувања доброто се исполува од нас, зашто мора да има некој религиски настан за да бидеме хумани, алтруисти, за да подадеме и примиме рака од некој познаник, да ислушаме и забележиме некој кој пред тоа не сме го сметале за многу вреден за наш разговор со него, зашто ретко сме добри, честољубиви, пријатеслки настроени, а често сме егоисти, егоцентрици, индивидуалисти... Мудроста стара вели споделена тага е помала тага, а споделена радост е поголема радост Поентата на живеењето е во споделувањето, во радувањето, во давањето и делењето, на нешта и активности со мили и драги луѓе, со оние кои те опкружуваат, сакаат и почитуваат. Мудроста стара вели споделена тага е помала тага, а споделена радост е поголема радост. Е токму оваа сентенца ни го дава одговорот на потребата од чествувања на празници, било да се духовни или државни, потребата од интеракција, од взаемност, од давање и примање на нови нешта, мудри мисли и совети, потребата од споделување на убост и радост, но и тага некогаш, бидејќи животот ни носи се и ако сме сами ќе не однесе ветерот во неповрат. Да не дозволиме ништо и никој да ги однесе во заборав оние кои ги сакаме, да не ги изгризе рѓата на времето спомените кои се дел од нашите животи, да бидеме доволно мудри и добри за да градиме заедно со нашите пријатели и семејства односи и релации на пријателство, поддршка и да шириме вредности кои ќе значат напредок наш, на блиските и на општеството.  Чистата мисла, душа и ум нека бидат суштествен сегмент на нашиот животен хабитус. П.с. Посветено на оние кои ни значеле, сме ги сакале, но и на оние кои ни значат, ги сакаме и ни го облагородуваат нашиот живот.... Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?