04 Мај, 2024
0.0244

Чуму нов државен универзитет?

Објавено во: Колумни 29 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Деновиве, впрочем како и неделите кои изминаа, во нашата ни мила држава има многу теми и социолошки феномени кои треба да бидат елаборирани и за кои вреди да се пишува. На бројните општествени проблеми кои секојдневно не тиштат, ме асоцираше и забелешката на еден мој истакнат колега од Краков, од Јегелонскиот универзитет, кој интересирајќи се за проблемите и феномените кои се присутни кај нас и кои бараат социолошка експликација, на моите детални објаснувања во еден миг воскликна - о па колешке за вас вашата држава е вистинска лабараторија, социолошка лабараторија во вистинска смисла на зборот. Можеби некој позитивно ќе ја восприема ваквата негова порака, но јас дефинитивно ја сфатив со доза на загриженост, бидејќи тоа значи дека општествените текови не се движат по патот на прогресот, напротив, дел стагнираат, а дел регресираат. Со право и овие денови може да пишуваме за загадениот воздух, кој за жал е наше секојдневие и малку по малку ни го урнисува нашето здравје. Може да се пишува за новинарската етика, за реформите во здравството, за правниот систем и уште многу теми и дилеми да се отворат. Која е потребата, логиката и исплатливоста од нов државен универзитет Приоритет за мене овие денови, од многуте теми е секако предлогот за отворање на нов државен универзитет, предлог кој навидум срамежливо се обзнани, за потоа горделиво, од страна на “изумителите”, да се промовира како нов и ултра добар проект, посебно кај популацијата од одредена етничка група. Што осознавме за тој нов државен универзитет, одредени факти кои се однесуваа на јазикот на кој ќе се студира, локацијата на самиот универзитет, наставниот кадар и уште некои скромни податоци. А да, се разбира и името, ќе го носел на светицата Мајка Тереза, која е синоним и олицетворение на скромност и доблесност. Некако првата асоцијација на името на универзитетот со финансиите кои ги чувме, а кои се потребни за него, не ми соодветствуваа со вредностите што ги пропагираше светицата. Нејсе, она што мене како научник посебно ме интересира е потребата, логиката и исплатливоста од нов државен универзитет. Зошто токму сега се јавува како приоритет изградба на нов државен универзитет - вистинска потреба или добар предизборен политички трик? За да реализирате еден сериозен проект, како што е нов државен универзитет, прво што треба да се има предвид е методолошки добро реализиран пилот проект или лонгитудинална студија која ќе има за цел да ги објасни и даде поткрепа на потребите и целите на самиот универзитет. Јас за таква оправданост, која ќе се базира на сериозна анализа апсолутно ништо не чув. Од друга страна свесни сме дека постојат и други државни универзитети кои ги задоволуваат потребите на граѓаните од различни етнички групи. Дури и по таа основа (етничка) да се сегрегираме, со право може да кажеме дека кај нас има доволно ( да не кажам и премногу) универзитети кои можат во потполност да ги задоволат барањата на студентите по низа основи. Но тука се наметнува и друго прашање, кое сакале или не, ви се изнедрува само по себе - зошто токму сега се јавува како приоритет изградба на нов државен универзитет - вистинска потреба или добар предизборен политички трик? А чуму тој нов државен универзитет кога и веќе постојните не можат функционално да се опскрбат? Уште само неколку факти кои говорат контра предлогот за нов државен универзитет и тоа: ние сме земја која процентуално има најмногу универзитети согласно бројот на жители, ние сме земја каде во секој град, малтене и во село, имате дисперзирани факултети, во години кога се крати на научен опус на професори и кога имате минорен буџет наменет за наука, а истовремено пропагирате стандарди кои се вселенски недостижни, во години кога факултетите кубурат со финансии за развој на наука и печатење на книги, нови истражувачки проекти, кога најстариот и најреномиран универзитет во рамките на своите единици има проблеми со нерешено парно греење, проблеми со прокиснување, нешто што се вика основни услови за нормално функционирање, се нуди нов проект, кој реално иритира и секој интелектуалец, посебно од професорската фела, ќе си го постави следново прашање - а чуму тој нов државен универзитет кога и веќе постојните не можат функционално да се опскрбат? П.С. Се поминува бегло и молчешкум, се некако потајно се аминува, но не е ни чудно кога страшна хипокризија не има и нас зафатено...Кога се глуми скромност и доблесност од една страна за значајни јубилеи, а од друга страна ги вкусувате бенефитите кога сте носител на некоја функција или организатор на некој настан...Е тоа е почитувани мои колешки и колеги, моралната хипокризија од која верувајте на миг ми се гади (извинете на речникот), е тоа е она што почитуваниот Барик го нарекува морална патологија...Е затоа се ни минува така како што ни минува... Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопјеа  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина