ЦРН БИЛАНС ДОАЃА ОД ТИБЕТ, РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ: Следувале уште 49 потреси по најсилниот
Објавено во: Свет 07 Јануари, 2025
Кинескиот претседател Си Џинпинг нареди да се испратат сите расположливи сили во Тибет за да се спасат што е можно повеќе луѓе по земјотресот со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот.
Тој, исто така, повика на превенција од катастрофи, соодветно преселување на погодените жители и ефикасно справување со последиците од несреќата, објави новинската агенција Ксинхуа.
– Неопходно е да се зајакне следењето на земјотресот и рано предупредување, брзо да се дистрибуира итна помош за спасување, да се забрза поправката на оштетената инфраструктура, да се обезбедат основните потреби на населението и да се гарантира безбеден зимски период за сите – рече Си.
Земјотрес со јачина од седум степени според Рихтеровата скала утринава ги погоди областите Тингри и Шигаце во Тибет.
Во радиус од 20 километри од епицентарот се наоѓаат три града и 27 села во кои живеат речиси 7.000 жители. Властите ја потврдија смртта на 95 лица, додека 130 се повредени. Многу згради се урнаа, а екипите бараат преживеани под урнатините, јавуваат кинеските државни медиуми.
Трусно подрачје
По земјотресот, сеизмолозите забележаа 49 последователни потреси.
Земјотресите во Кина најчесто се регистрираат на Тибетската висорамнина или нејзините рабови, област која е сеизмички активна поради судирот на индиската и евроазиската плоча, предизвикувајќи издигнување доволно силно за да се промени висината на Хималаите. Ова е кревка област каде земјотреси се регистрираат речиси секој ден, а речиси 4.800 луѓе загинаа во најсилниот регистриран земјотрес од 8,7 степени, кој го погоди Тибет во 1950 година.
Агенцијата АП потсети на најсилните земјотреси регистрирани на ова подрачје.
Во мај 2008 година, земјотрес со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала во провинцијата Сечуан однесе речиси 90.000 животи, а многу други се исчезнати и се претпоставува дека се мртви.
Две години подоцна, во април 2010 година, земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала во провинцијата Кингхаи уби 2.698 луѓе.
Во април 2013 година, во земјотрес со јачина од 7 степени во провинцијата Сечуан загинаа 196 луѓе, додека во јули 2013 година, земјотрес со јачина од 6,6 степени во провинцијата Гансу однесе 95 животи.
Во август 2014 година, во земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтер во провинцијата Јунан загинаа 617 луѓе. Во септември 2022 година, земјотрес со јачина од 6,8 степени во провинцијата Сечуан однесе 93 животи, додека во декември 2023 година, земјотрес со јачина од 6,2 степени во провинциите Гансу и Кингхаи уби најмалку 126 луѓе.
фото: EPA-EFE/XINHUA / LIU YOUSHENG