28 Март, 2024
0.0259

Цуцулига

Објавено во: Колумни 26 Август, 2019

Добивај вести на Viber

Ако за нешто ми е жал од старите скопски „знаменитости“ тоа се бандерите,задолжително намачкани со прегорено масло и електричните воздушни водови со жалните сколовранци стиснати еден до друг на ситниот дожд или со мокриот снег што успеал да се задржи се до изутрина на тенките жици.

Но, пред се и над се тоа се цуцулигите и змајовите што својот горд лет над главите на восхитените дечишта го завршиле на жиците долго павтајќи се на ветерот се додека ги снема и се додека некој нов експонат не се најде на нивно место.Цуцулига е примитивно летало направено од едно поголемо парче поквалитетна хартија(во крајна линија и од весник),кое со превиткување и цепкање го добива својот конечен лик за час.Потребен е канап со малку поголема должина што се врзува на двата раба на хартиената  детска занимација и леталото е подготвено да се вивне.Цуцулига се леташе во секое време,но најчесто во долгите летни денови,а нејзиниот сопственик до изнемоштеност со крената глава ја следеше се додека во момент на невнимание не заврши на жиците .Некни ме восхити со својата спретност стариот пријател и малку постар соученик од Четврта скопска, Русе, кој сега по цели половина век и повеќе направи цуцулига со горда опашка што според неговото тврдење е главниот дел на леталото.

Не е појмливо,просто напросто,мајсторот за цуцулиги да не знае како се прават змајови шарените убавци што со години го крстосуваа небото над Гази Баба и Калето,но и насекаде низ Скопје каде што има ширинка.Потребни се неколку парчиња трска што се поврзуваа  во облик на делтоид или правилен петоаголник,потоа флис-папир(по можност во неколку бои),растеглива хартија за опашката и многу,многу долг канап.За да полета змајот потребна е и помош од некого-првин се затрчува тој што ќе го лета змајот  и помошникот координирано го отпушта леталото кое понесено од воздушните струи полека се издигнува нагоре.Имаше денови кога над нашите глави се надлетуваа(кој повисоко„тачка“ ќе го искачи шарениот убавец ) по неколку змајови.Проблем настануваше ако дувне посилен ветер што ќе го однесе во несакан правец или ако поради неспретност на „летачот“ канапот се заплетка,повторно,меѓу електричните водови и ќе остане да се лелее на ветерот се додека не се направи нов змај,поубав и поголем,на гордост на цело маало.

Најчесто змајови се правеа и во аероклуб,но како почетна и преодна фаза до конструирањето и изработката на едрилици и подоцна авиони од најразличен вид.Едрилицата беше со долги и лесни крила направени од малку дрво и многу тенка хартија.Членовите на клубот ги летаа во посебни прилики,на аеромитинзи,а беа чести учесници и на дефилеата по повод на Денот на младоста на градскиот плоштад.Врв на знаењето и на аеро-вештината беше изработката на авион со моторче на бензински погон што умешните градители ги летаа над нашите глави во круг врзани за сајли и со несносна врева, се додека не се испразни малото резервоарче за гориво.Жоро, мајсторот за едрилици и авиончиња, својата љубов спрема летањето и височините подоцна ја преточи во професијата пилот и тоа ни помалку ни повеќе туку на вистинските светли грдосии „боинзи“ и „каравели“на ЈАТ.

Сегашниве наши деца и внуци летаат со виртуелни летала на компјутерските игри,а уште од мали се шетаат со авиони по целиот свет почувствувајќи ја уште рано-рано возбудата што  можеби ја имале и  Дедал и Икар....   


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?