22 Октомври, 2019
0.0207

Да не остане се’ на промена на телефонскиот број и мобилниот уред на премиерот

Објавено во: Колумни 27 Јули, 2019

Премиерот Зоран Заев деновиве промовираше Предлог-план за одлучна акција против ширењето на дезинформации. Искажувањето на премиерот и текстот на планот предизвикаа дебата во јавноста, па сите ги заборавија темите кои ден пред тоа ја зовреа неа. Но тоа сме ние, мајстори за дефокусирање. Речиси веќе триесетина години. А токму дефокусирањето е дел од специјалните мерки за заблудување на јавноста. Исто како што се дезинформациите и пропагандата. Веста што ја соопшти премиерот не е лажна, ниту дезинформација, дури е и обнадежувачка. Но како да е продукт на потсмевот на кој беше подложен по обнародувањето на неговите разговори со „Порошенко“ и „Столтенберг“ , пранкерите Вован и Лексус од Русија.

Се чини дека токму тој настан ја забрза работата врз домашната задача - и Македонија да се приклучи кон битката со дезинформациите. Тренд е да се зборува и да се бори со дезинформациите. Згора на тоа, кога Велика Британија го води Западот во пропагандната војна со Русија, кога и во ЕУ се формирани институции кои треба да ја заштитат од руските дезинформации, а од друга страна во Русија официјално се публикуваат содржини за кои Русите сметаат дека се дезинформации, ние, бидејќи сакаме да бидеме дел од ЕУ, да не бидеме покусур, се вклучуваме во таа војна. Особено, ако Британците даваат пари за битка со дезинформации. 

Сето ова не е ништо ново. Мислам на дезинформациите и пропагандата. Да навратиме на Тројанската војна. Париз ја украде убавата Елена од царот на Спарта Менелај. Ахајците и Данајците, меѓу нив и Одисеј тргнале во војна со Тројанците. Но не можеле да ја добијат. Па подготвиле измама. Направиле дрвен коњ во кој биле сместени најдобрите борци. На него напишале дека е дар од боговите за Тројанците.  Данајците го пратиле грчкиот шпион Синон да им ја пренесе веста и да ги убеди Тројанците да го примат „подарокот“ од боговите во нивна слава, а дека Данајците заминуваат. Свештеникот Лаокон предупредувал на измамата, но Тројанците не послушале. И нормално биле поразени. Пренесено во денешно време медиумски писмен човек нема да ја прифати веста-дезинформацијата од шпионот Синон дека коњот е дар од боговите. Па така Троја ќе остане непобедена. Напразно „медиумски писмениот“  Лаокон извикал „Се плашам од Данајците дури кога носат подароци“.

Ова е сторија од антиката. Но во медиумите меѓу првите кој што излезе со „лажна вест“ која доведе до манипулација со луѓето е познатиот режисер и глумец Орсон Велс. Специјалната емисија, драма, за празникот Ноќ на вештерките, „Војна на световите“ емитувана на 30 октомври 1938 година на CBS е најпознатата во историјата радио драма во светот, која до ден денес е еден од водечките примери за тоа како медиумите можат да манипулираат со јавното мислење.

Пред некој месец вакво нешто, се разбира не до тој степен, беше направено и на германската ЗДФ, кога водителот најави дека „додека се емитуваат вестите руски трупи се навлезени во Естонија“. За потоа да соопшти дека „тоа не е точно, но може да биде реалност“. За среќа денес гледачите и читателите имаат можност да се информираат од повеќе извори, па ваквата најава не предизвика големо внимание, но затоа беше осудена од страна на Русија.

Не треба да го заборавиме и нашиот град Велес. Тој стана светски познат град во 2016 година поради скандалот со лажни вести. Велешани тогаш произведоа стотици лажни вести поврзани со изборите во САД во поддршка на Доналд Трамп. Де, Хилари Клинтон е ова, де она, де Папата го поддржува Трамп. Вести со ваква содржина беа препечатувани и во сериозни медиуми. До толку личеле веродостојни. Лагата се претвори во вистина, без да има министерства за вистина и за пропаганда. Наскоро терминот „лажна вест“ беше прифатен од сите, а не остана имун и Доналд Трамп, кој  некои американски весници и телевизии нарекува генератори на „лажни вести“.

Сето ова покажува дека денес и демократиите не се имуни на дезинформации. И таму има медиуми кои можат да дезинформираат, но исто така има и такви на кои воопшто не им паѓа на памет такво нешто.Кои ги почитуваат новинарските стандарди. А што станува со клептократиите? Има ли таму потреба од борба со дезинформациите. Оние кои доаѓаат од надвор и оние кои се раѓаат внатре. Секако дека има голема потреба, токму во напорите од клептократски тие да станат демократски држави. Јас така ја сфаќам намерата на владата. А дека таа е сериозна покажува и Предлог – планот во кој има безбедносни и проактивни мерки. Особено интересна е точката во која се вели дека: „ Владата ќе формира акциска група за борба против дезинформации и напади на демократијата, составена од претставници од Канцеларијата на претседателот на РСМ, претседателот на владата на РСМ, собранието на РСМ, владата, кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, МВР, МО, МНР, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенција за разузнавање и други, чија задача ќе биде анализирање и следење на појавите на дезинформирање на јавноста и координирање на борбата против ширење на дезинформациите“.  Не помалку е интересна точката во која се вели дека: „ РСМ ќе поттикне соработка со Европската комисија и ќе побара вклучување во Системот за брзо предупредување за ширење на дезинформации (rapid alert system), со цел размена на информации околу содржината и темите на кампањите за дезинформации низ Европа“.

Може да се смета дека со наведеното погоре завршуваат напорите за битка со дезинформациите од надвор се разбира откако таа акциска група ќе се формира и ќе почне со работа. И кога ЕУ ќе не вклучи во Системот за брзо предупредување за ширење на дезинформации. И тогаш слободно ќе можеме да се вклучиме во пропагандните војни. Не само со Русија. Поранешниот специјален обвинител на САД Роберт Милер на неговото сведочење во средата во надлежна комисија во Претставничкиот дом зборувајќи за дезинформационите кампањи и за руското он-лајн политичко мешање забележа дека „Тие го прават тоа додека ние седиме овде и се очекува тие да го прават тоа и во следната изборна кампања“. Но, Милер исто така соопшти дека не само Русите, туку и „многу други земји“ развиле слични способности и се однесуваат според руското сценарио. Милер предупреди дека и тие и Русија ќе се насочат кон изборите за претседател во 2020 година. Инаку некои истражувачи велат дека кратката листа на земји кои применуваат операции на влијание преку интернет и мешање надвор од нивните граници ги вклучува: Саудиска Арабија, Израел, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Венецуела. А можеме да замислиме каква е долгата листа. Богами, ќе имаме широк фронт и сериозни противници во дезинформирањето.

Работата на акциската група не завршува само со спротивставување на дезинформациите од надвор. Што правиме со оние од дома.  Некои ги викаат „лажни вести“. А чим е лажна, тогаш дезинформира. Високата експертска група на Европската комисија за лажни вести и онлајн дезинформации поимот дезинформација го опиша како : "Термин кој ги вклучува сите форми на лажни, неточни или залажувачки информации кои се осмислени, презентирани и промовирани со цел да се наштети на јавноста или заради стекнување профит".

Оставајќи ги настрана пропагандните војни важно е што во светот во битката со дезинформациите денес се вклучени од научници, експерти од големите социјални мрежи, па се до медиумски организации. Секој ја води битката на свој начин и на свој терен. Медиумските организации преку медиумската писменост, а гигантите од интернетот со креирање на се’ нови и нови алгоритми. А, еве, ние со предлог-план кој допрва треба да се разработува. Во планот има оставено многу простор за медиумите и медиумските заедници. Па се најавува национална стратегија за медумска писменост. Па се најавува дискусија, па се споменува саморегулација и корегулација, па ќе има проекти за текстови во кои ќе се пишува за борбата со дезинформации, па соработка со проверувачи на факти...

Вака на хартија работите се чинат предизвикувачки. Но нешто недостасува. Никаде не се вели дека битката со дезинформациите нема да ја укине слободата на говорот. Зашто да не заборавиме дека денес во многу демократски, а не клептократски земји, има поединци кои заговараат  ограничување на слободата на говорот. Дури и во земји членки на ЕУ. Во планот се споменуваат разузнавачи, контраразузнавачи, МВР, а слобода на говор отсуствува. Страв да те фати утре од целиот овој напор да не излезат закони, како во Русија, за лажни вести и за навреда на власта. Да не произлезе цензура. Нема ништо ни за тоа како ќе се води битка со изворите на лаги „ со цел да се наштети на јавноста или заради стекнување профит".

А изворите на лаги не се само медиумите. Последниве најчесто се пренесувачи на лаги искажани во некој државен кабинет или седиште на партија и компанија. Некои поединечно, а некои колективно. „Маслинкарите“ на пример. Но и оние кои се „блиски“ на власта. Како таа ќе се откажува од нив? Или пак слободните стрелци- човек медиум. Не е јасно дали функционерите, партиските членови и бизнисмените ќе се опфатат со медиумската писменост? Или тие веќе се описменети? А од праксата е видно дека резултатите се катастрофални.

Во сето ова ме плаши едно, знаејќи како кај нас се спроведуваат реформи или зафати како овој најавениов. Да не се сведе се’ на промена на телефонскиот број и мобилниот уред на претседателот на владата на РСМ, како и имплементирање на безбедносен протокол за негови дигитални комуникации. Ама и тој да не се заборави па да не им поѕвони на „Порошено“ и „Столтенберг“ од новиот телефон.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Што после Макроновото „не“?

Што после Макроновото „не“?

Организации на земјоделците, фактор на конкурентност на земјоделството

Организации на земјоделците, фактор на конкурентност на земјоделството

Не треба да се запрашаме зошто, туку како?

Не треба да се запрашаме зошто, туку како?

„Аутомат-клуб“

„Аутомат-клуб“

Макрон го предава Западен Балкан на неевропските сили

Макрон го предава Западен Балкан на неевропските сили

Градот на светлината е мрачен град за нашата европска иднина

Градот на светлината е мрачен град за нашата европска иднина

Зелено пазарски пинг-понг

Зелено пазарски пинг-понг