19 Март, 2024
0.0255

Да постанеме најдобри во полето на културниот натпревар

Објавено во: Колумни 17 Јануари, 2020

Добивај вести на Viber

Последните случувања со македонската ракометна репрезентација, и номинацијата на „ Медена земја“ во две категории за Оскар, ни докажува колку тоа ние, како нација сме желни за успех. На ова политички распаднато општество, кое се дави и тоне во ендемска корупција, целосна партизираност и исполитизираност, поделба по сите шавови, единствено индивидуален или колективен спортски или културен успех може да ја сплоти поделената и раскарана нација. На  нашиот  перцепирано- меморизиран најголем херој од поблиското минато Георги Николов Делчев  му се припишува култната реченица „ јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Токму на тоа поле, филмската продукција на „ Медена земја“ постигна неверојатен успех за македонски услови, со еден исклучително скромен буџет се пласираше во финалето на оскарите и сето тоа беше дочекано со воодушевување од македонската ( ФБ) јавност. Од друга страна пак, непоминувањето на првата фаза од ракометното Европско првенство на нашите ракометари доведе до разочарување од  нашите „ спортски херои“, на кои бевме навикнати во изминатите години да се радуваме на релативно успешни резултати, поимајќи го ракометот како спорт во кој можеме да се натпреваруваме и со најдобрите.

Што е денес национален идентитет?!

 За жал, на последново ракометно првенство, за прв пат се случи и реална партиско-политичка поделба на македонските навивачи во однос на односните ракометари. До таму го допревме дното, за кое, за нас и под самото дно има уште, па самата ракометна репрезентација да си ја поделиме по партиски предзнак. Универтизетскиот професор Љубомир. Д. Фрчкоски, често пати во своите ТВ расправи и дебати по однос на македонскиот национален  идентитет ја исфрла и промовира тезата дека Македонија како мала по територија  и население земја, со скромни военобуџетски капацитети, мала и релативно ограничена  економија, безизлез на отворено море, во однос на своите поголеми и помоќни директни и регионални соседи може само и единствено да се мери токму преку спортско- културните успеси, и дека токму на овој план, ние можеме да бидеме „ рамо до рамо “ со најдобрите. Па ако сакате, и една Србија, која во светски рамки воопшто не е голема и меѓународно позната земја, денеска најголемиот свој амбасадор на планетата Земја го има токму во ликот и делото на Новак Ѓоковиќ, кој  веројатно претставува најголемата српска спортска гордост. По добро, и во минатото, оваа нација била претставувана  по спортските успеси на нејзините кошаркари, одбојкари, ватерполисти, па дури и фудбалери. На индивидуален научен план, најголемото српско „ достигнување“ е можеби најголемиот научник на сите времиња Никола Тесла, по кој денеска меѓународниот аеродром во Белград го носи тоа име.

Банални идентитески расправи!

Впрочем, во  дваесет и првиот век, депласирано е ние да се заровуваме во идентитетските расправи за тоа „ чиј е Гоце Делчев“ , бидејќи прво таа расправа ништо добро нема да ни донесе по нашиот иден државно- општествен развој, особено на евроатлански интеграциски план, и второ сто пати сум напишал, и не е веќе за пишување, ниту за кажување дека ниту ние некогаш ќе  прифатиме дека самиот Гоце Делчев се „ чувствувал за етнички македонски Бугарин“, ниту пак некогаш и некаде источните соседи ќе прифатат дека  споменатиот револуционер се чувствувал за Македонец во етничко-национална смисла на постоењето. Меѓу другото и таа паритетна Комисија за „ утврдување на фактите и за докажување на потеклото на Гоце Делчев“ е премногу банална, па дури би рекол и смешна, бидејќи тоа е како да сакате да помешате вода и масло, и да очекувате дека  ќе добиете некој микс од кој би биле задоволни и двете страни. Што значи, минатото е минато, и не може да се промени, но уште повеќе ниту децениски утврдените перцепции за историските настани, дела и ликови не може да се променат, бидејќи секој балкански народ и држава, си има свои историски нарации и толкувања на истите.

Спортско-културни успеси за горда нација!

Ние како општество, како нација, треба сите наши сили, енергии и моќи да ги пренасочиме кон нешто денешно, реално, видливо кое ќе ни донесе меѓународен успех. Доказ за тоа е медена земја, па дури ако сакате доказ се и европските титули на ракометниот клуб „ Вардар “ кој два пати не искачи на европскиот трон. Има ли поубаво чувство во „ полето на културен натпревар “ вие да сте први, или да сте меѓу најдобрите, особено што сте помала држава, со скромни финансиски перформанси. Погледнете ја и блиска нам Хрватска. Со четири милиони жители, Хрватите се едни од најдобрите светски фудбалски репрезентации, ( актуелни сребрени на СП), едни од најдобрите ракометни и ватерполиски репрезентации. Зарем тоа не е гордост за една нација, зарем тоа не е чувство на возвишеност? Овие горенаведени примери од нашите поранешни југословенски републики се доказ дека упорноста, тактичноста, стратегијата, вложувањето и концептот за успешна спортска нација и не се недостижни. Само треба добар план, искрено вложување од сите засегнатни и заинтересирани страни, и многу верба во тоа, и резултатите ќе си дојдат сами по себе. Македонија изобилува со скриени таленти, на кои доколку им се овозможат одлични услови за ослободување на нивниот потенцијал и талент, може да донесат меѓународни спортски и културни успеси. Тоа оваа земја како држава, но и како општество им го должи на тие луѓе, но и на сите други. Не после да се чудиме за масовното иселување, и општото бегство од оваа земја. Успешните раѓаат победници. Оваа држава, каква и да е, победници веќе дала. Во ликот и делото на  Кире Лазаров, Тоше Проески, Горан Пандев, Симон Трпчевски, Влатко Стефановски ние сме успешна и горда нација. Време е овие и вакви национални богатства да ги мултиплицираме. 


Благојче Атанасовски - политиколог 

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?