20 Април, 2024
0.0261

Да се стимулира хазардерство во време на морална ерозија, не е добро

Објавено во: Колумни 22 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

пишува Д-р Татјана Стојаноска Иванова Повелете купете тикет, верувајте во сопственото знаење и умешност со броевите, посакајте чудо и тоа ќе ви се случи, се магични зборови кои и те како влијаат врз граѓанинот и придонесуваат тој да се одлучи да игра одредена хазардна игра. Она што е специфично, и во одредени случаи зачудувачко, е постојаното иницирање на ваков тип на игри, посебно на мас-медиумите и други пропагандни сретства, за кои постои дефинитивно двојба и во рамките на интелектуалната елита, но и меѓу секој граѓанин, и она што секој го интригира е фактот за леснотијата и одобрувањето од страна на значајни институции на ваквиот тип на игри. Во време на горливи економски проблеми една од можностите е да се испроба сопствената среќа Прашањето кое неминовно се наметнува, а секако е иницирано од игрите на среќа, е зошто совремието, кое изобилува со толку убави и успешни проекти и начини да се задоволи човековата љубопитност и страст за авантуризам, не само што не ги маргинализира игрите на среќа, напротив, се повеќе се етаблираат во општествената сфера? Од тука се наметнува и еден друг суштински проблем - за медиумското покровителство на игри кои го изнудуваат гледачот да потроши дел од своите финансии, а бенефитот ќе биде поголема добивка од таа што ја вложил. Емисии кои се даваат во фреквентно време и кои постојано се рекламираат, како би имале што повеќе консументи. Одговорот за овие прашања и проблеми  не е ни малку лесен и едноставен и се сведува на неколку значајни социолошки белези. Она што првенстевно се изнедрува на површина од поставеното прашање е самиот општествен контекст, односно, времето во кое живееме, и проблемите со кои се соочува обичниот човек. Во време - невреме, во време на горливи економски проблеми, во време на криза и немоќ да се обезбеди егзистенција врз основа на сопствените компетенции на чесен и посакуван начин, една од можностите е да се испроба сопствената среќа и на брз, лесен и без употреба на умствен и физички труд да се добие одредена материјална поткрепа. Велат надежта последна останува и секако таа како психолошка категорија е значаен импулс во потрагата на брз и лесен паричен надоместок, посебно кај категоријата на граѓани кои се маргинализирани и разочарани.  Од друга страна и потребата од дополнителни финансии никогаш не изостанува и една од причините за зачестеноста и фрекфенцијата на играње токму потекнува од човековата желба за остварување на некои замисли и фантазии. Секако дека и хедонистичкиот дискурс не е изоставен, бидејќи желбата за луксузни добра и уживања во работи кои во реалноста не ни се достапни, дополнително ја стимулираат нашата потреба и визија за игри на среќа. Во време на морална ерозија да се стимулира хазардерство е рамно на самоубиство Хазардерство да се потикнува и да се стимулира е далеку од добро, посакувано и позитивно општествено однесување. Цитирајќи го Анри Барик, голем научен ум, овој вид на поттикнување на игри на среќа од страна на сериозни институции би го нарекла морална патологија. Хазардните игри се третираат како општествена девијација, првенствено поагајќи од фактот што не се создава општествено добро, ниту пак корисен општествен производ, човекот се става во ситуација да биде заробен и навлезе во зависност од игри на среќа, а тоа секако подразбира негова алиенација и оденсување кое не е во склад со доброто и општествено посакуваното. Да не говорам за разорното влијание што го имаат хазардните игри врз семејството на оној кој е длабоко навлезен во нив и за губитоците и индивидуални и општествени. Во време на морална ерозија, во време на вредносен вакум, во време на вредносно-морална криза, да се стимулира хазардерство е рамно на самоубиство. Хазардните игри одат рака под рака со друг тип на девијации, тие во суштина го изнедруваат од човекот нагонското, инстинктивното, занемарувајќи го социјализаторското, придонесуваат за урнисување на вредносно-моралниот кодекс кај оној кој практицира хазарни игри и со тоа не само што не придонесуваме за индивидуален и општествен добробит, напротив го разградуваме и она што е со мака создадено. Затоа да се свртиме малку кон попродуктивни начини на стимулирање и кон решавање на горливите проблеми на граѓаните, да ги поттурнеме настрана хазардните игри и нивните експонирани елементи, бидејќи само на тој начин може да придонесеме кон создавање и на индивидуален прогрес, но и на општествено добро и општествена корисност. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок