19 Август, 2019
0.0176

ДАЈТЕ ДРУГИ „ДЕЦА “

Објавено во: Колумни 02 Август, 2019

Последната  изјава на претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, дека  најбитно  од се е  „ политичките партии, да ги усогласат своите ставови околу носењето на законите“, уште еднаш ја докажува беспредметноста на постоењто на македонскиот законодавен дом. Чуму ни е „ храмот на демократијата“, кога во него  нашите народни избраници се претворени во кукли на конци, управувани од  далечински управувач од  централата на матичните партии.  За споредба, во лулката на демократијата, имено во британскиот парламент, неколку пати, пратениците од  конзервативната партија на премиерката  Тереза Меј, упорно одбиваа и  го отфрлаа предлогот на својата лидерка и воедно премиерка за планот за Брегзитот на оваа земја. Значи, пратениците одлучуваат по  сопствена  воља, со својот вредносен светоглед, нималку плашејќи се за својата политичка иднина, за разлика од пратениците кај нас , па скоро и во сите балкански земји. Каде не доведе сето тоа?

Маката на авторитарното општество

Во полураспаднати  клиентилистичко- партитократски општества, каде што членовите  и функционерите на  една политичка партија, својот активизам и вклучување  во истата го гледаат само и само за задоволување на своите лукративни и материјални цели и интереси, а не  се активираат поради споделување на идеолошки  светоглед  со таа партиска организација. Авторитарната  политичка култура, во комбинација со изборниот модел, создаде совршен спој за раѓање на авторитарни- султан партии, каде што целокупната политичка моќ е сконцетрирана во рацете на  лидерот, и неколкумина лојални  околу него, најчесто два-тројца, и сами претставуваат „ господари на животот и смртта“ во партијата, а кога ќе ја освојата власта, се и господари на животот и смртта и во државата. Едноставно е,  опозициската партија, нејзиниот лидер, заедно со целокупното членство, мечтае  да ја освои власта, не за да биде поразлична од постоечката владејачка партија  туку  да го прави истото , што го прави  партијата на власт, бидејќи управувањето , т.е во нашата ситуација владеењето со државата, значи располагање со енормни финансиски ресурси и нивна реалокација. Повеќе од  две и пол децении,  владејачките елити кај нас, а и на Балканот, создадоа  едни „ заробени“ општества во кој поединецот нема многу избор и излез. За кариерно напредување , патот е партиската книшка и послушноста.

Авторитаризмот ја зафати и „ старата демократска “ Европа

Подјармувањето на медиумите, судско-обвинителскиот систем, НВО секторот, па дури и сфери како културата, образованието и спортот се иманентни за балканските автократи. Поривот и желбата да се контролира се , ја создава и раѓа авторитарната држава, во која демократијата игра само фасадна улога. Изборите, постојат само колку формално да постојат, и да се изглуми демократски процес, а во суштина на денот на гласањето се се знае. Гласовите веќе во партиските штабови се пребројани , победникот е повеќе од јасен и само се чека затворањето на избирачките кутии за да се прогласат „ скандинавски избори“, како што своевремено заклучи една екс  наша министерка, денеска  првородка- осуденичка. Балканските автократи во занесот на својата моќ, не застануваат тука, туку најчесто одат и понатаму, веќе навлегуваат и во сферата на тоталитаризмот, бидејќи суспендираат ингеренции на другите власти, кои треба да претставуваат принцип на „ баланс  и сопирачки“ во една нормална парламентарна демократија. Еклатантен пример е Егродан во Турција. Од  друга страна бранот на авторитаризмот кој е „ автохтон“ балкански производ, не ја одмина и западна „ цивилизирана “ Европа. Италија на Салвини, Унгарија на Орбан, Полска на Качински се примери кои од  нивните  партнери и сојузници во Брисел се оценети како „ проблематични демократии“. Се поставува прашањето, зошто во високоразвиени, и западни парламентарни демократии се јавува бран на популизам и авторитаризам, односно зошто се повеќе  антиестаблишмент политичари, добиваат се повеќе и повеќе народна поддршка, и во некои земји, како што се погоренаброените се веќе и владејачки партии/ коалиции? И една Америка, односно нејзините граѓани го избраа „ илебералниот“ Трамп за свој претседател, давајќи црвен картон на дотогаш вкотвените политички елити, кои од „ позадина “ ја контролираа и владееја најмоќната  држава во светот. Едноставно е, самите политички елити, низ Европа, Америка, Јужна Кореја, Јапонија, во суштина касти, со текот низ времето станале толку бирократски и оттуѓени од реалните проблеми на своите граѓани, и тоа предизвикало своевиден бес и револт кон нив, односно повеќе граѓаните не го сакаат „ испробаниот рецепт“, туку бараат нешто ново .

Некои нови „деца“ на политичкиот хоризонт

Пример за такво нешто ново е политичката сцена  во најголемата европска земја Украина, каде што на скорешните предвремени парламентарни избори, Украинците ги збришаа старите политички касти, воведувајќи нова ера во политичкиот живот во Украина. После изборот на Володомир Зеленски, ултрапопуларниот комичар во таа земја, за официјален  претседател  на Украина, и  неговата новоформирана партија „ Слуга на народот“, доби најголемо и убедливо мнозинство во Врховната Рада, оставајќи ги далеку зад себе партиите на Петро Порошенко и Јулија Тимошенко. Интересно,  комичарот најверојатно ќе треба да прави коалициска влада со рокерот Свјатослав Вакарчук, кој на бранот на енормното незадоволство на  украинскиот народ од старите политички елити, кои оваа богата со ресурси источноевропска земја ја донесоа денеска да биде една од најсиромашните по животен стандарт на граѓаните  земја во Европа,  доби пратеници, и шанса  исто како и Зеленски да го покаже „ новото лице на Украина“.  Историски , економски, општествени , културолошко- јазични сличности помеѓу Украина и Македонија има многу . Украинскиот народ покажа решителност, храброст и бескомпромисност. Дали македонскиот ќе го следи примерот на украинците допрва ќе видиме. Статус квото на незадоволство од истите политички „ елити“  (касти) кај нас,  и нивното реизбирање и релегитимирање е најлошо. Потребна е коренна промена во нашиот партиско-политички систем. Да се огледаме на браќата Украинци, и еднаш да се одважиме и сите да ги пратиме на буништето на историјата, со пораката : „ доста е, дајте други деца“.


Благојче Атанасоски, политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кубеш и Рада

Кубеш и Рада

НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА - КАЈ НАС РЕТКО ВЕЌЕ КОЈ ЈА ИМА!

НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА - КАЈ НАС РЕТКО ВЕЌЕ КОЈ ЈА ИМА!

Русија - „Back in the USSR“

Русија - „Back in the USSR“

Полувековно другарство

Полувековно другарство