Добивај вести на Viber
Бројчаникот за јавниот долг на МАНУ и остриот напад кон првиот човек на МАНУ Таки Фити од страна на партијата на власт ја отвори дилемата за јавниот долг. Кога бил висок, кога почнале задолжувањата, за што се користат и слично. Иако часовникот веќе го нема, откако МАНУ го повлече бројчаникот по острата реакција на владејачката партија, остануваат отврорените прашања.
Во овој преглед даваме неколку изјави на оваа тема од неколку економисти и стручњаци.
„Јавниот долг е повеќе од половината на бруто-домашниот производ и според сите параметри и понатаму ќе расте. За земја како Македонија, ова е доста високо ново на јавен долг и неизбежно ќе доведе до проблеми при сервисирањето на долговите. Впрочем проблемите и сега се изразени. Не може да се ватат доспеаните обврски без нови задолжувања, пензиите и платите зависат од нови задолжувања. Финансиската состојба во која е државата е доста лоша. До одржувањето на изборите долгот ќе расте. Со постојната даночна структура неможе да се генерираат приходи на нивото на проектираните јавните расходи“, рече неодамна универзитетскиот професор,
Предраг Трпески.
Академик
Абдулменаф Беџети, вели дека зголемувањето на вкупниот јавен долг е поради засиленото темпо на задолжување на Владата, кое пак е повисоко од сумата што треба да се плати за долговите. Беџети порачува, гувернерот Димитар Богов да го преиспита лимитот на домашните банки за вложување пари во државни хартии од вредност. И Беџети очекува дека нивото на јавниот долг ќе го достигне пикот во овој предизборен период.
„Задолжувањата се поголеми во споредба со враќањето на претходните долгови. Ако овој тренд продолжи, сигурно ќе дојде до надминување на лимитите кои ги имала земјата, но и оние според квалификациите на Светската банка и ММФ. Сега одиме на маргините на т.н високо ниво на јавниот долг. Мислам дека ова може да го ограничи само Централната банка. И гувернерот на Народната банка треба да ги разгледа уште еднаш лимитите до каде домашните банки можат да ги хранат амбициите на Владата за неограничено задолжување, затоа што тие пари од задолжувања не се за економски проекти, туку воглавно се насочуваат за потреби во политички циклуси“, изјави неодамна, академик Абдулменаф Беџети.
Во
колумна екс министерот
Никола Поповски пред неколку месеци напиша:
„Според класификацијата на Светската банка и економската наука, државите со јавен долг до 40 отсто од БДП се сметаат за ниско задолжени, оние со долг од 40 отсто до 60 отсто за умерено и оние со долг над 60 отсто од БДП за високо задолжени земји. Според ова Македонија веќе е во категоријата на умерено задолжени земји. А само пред 10 години, на крајот од 2006 година нивото на јавниот долг беше 1,82 милијарди евра или 33,2 отсто од БДП. Ако пак се има предвид дека Владата во текот на 2007 и 2008 година ги искористи девизните депозити од над 200 милиони евра што беа формирани со продажбата на дистрибутивната мрежа на некогашното ЕСМ за предвремена отплата на странските кредити кон институционалните кредитори (МБОР, ЕБОР, ЕИБ) тогаш ќе се соочиме со фактот дека јавниот долг на крајот од 2008 година се сведе на само 23 отсто од БДП. Од тогаш до денес, за само 7 години тој е практично дуплиран“, напиша Поповски.