17 Јуни, 2019
0.0164

Дали ладниот Давос ги затопли односите меѓу Заев и Ципрас или ќе ја одмрзне националистичката реторика?

Објавено во: Анализа 25 Јануари, 2018

Првата официјална средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го постави правецот во кој во наредниот период ќе се одвиваат преговорите меѓу Македонија и Грција со што се добива нова надеж дека има простор за конструктивност и изнаоѓање на прифатливо решение кое ќе стави крај на деценискиот спор и ќе ги одблокира евроатлантските интеграции. 

Заев вети дека Македонија ќе ги преименува аеродромот и автопатот кои го носат името на Александар Велики војсководецот и кралот на античка Македонија со цел да покаже добра волја и да даде гаранции дека немаме иредентистички претензии кон нашиот сосед, односно нема никаква закана за менување на границите ниту пак „освојување“ на регионот на северот на Грција кој административно од пред дваесетина години го носи името Македонија.

Заев и Ципрас во Давос, Швајцарија на Светскиот економски форум изгледаа речиси идентично, облечени во ист стил со исти сакоа со бели кошули без вратоврски. Да потсетиме дека и Заев во интервју за грчка телевизија Антена изјави дека можеби Господ сакал тој и Ципрас да се родат во иста година за да го решат големиот проблем меѓу двата соседа. 

Македонскиот премиер не ја споменуваше Македонија со цел да не биде сфатен неговиот говор во Грција како провокаторски, особено што сега дипломатијата мора многу да внимава и да не се создаваат било какви услови кои може да го минираат процесот на преговори и да се вратат на мртва точка како претходно. 

Ципрас од своја страна како гест на добра волја истакна дека Грција е подготвена да потпише договор за соработка со Македонија за интеграција во Европската Унија и за зголемување на трговската размена. Интересен момент беше што на неговиот пренос во живо на заедничката прес конференција Facebook реши во англискиот превод на грчки да го услови Заев како „македонскиот премиер“ иако Ципрас на профилот напиша премиерот на ФИРОМ. 

Сосема разбирливо, оваа средба доби критики од опозициските фактори како во Македонија, така и во Грција. Кај нас постои незадоволство од тоа што Заев го користеше терминот „нашата“ земја без да спомене Македонија, а на Ципрас во Грција му забележуваат тоа што тргнал во директни преговори пред да направи широки консултации со политичкиот врв и сите партии. Сепак, оваа средба доби високи оценки од меѓународната заедница која дава поддршка за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение на спорот за името. 

Преговорите ќе продолжат со посета на медијаторот Метју Нимиц во Атина и Скопје следната недела.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Салиу: Класична метла во ДУИ по бомбите на Ел Чека

Салиу: Класична метла во ДУИ по бомбите на Ел Чека