Добивај вести на Viber
Новогодишната магија збогатена со светилки во разни бои може да стане вистински кошмар, oсобено во домовите со стара и дотраена инсталација. Во ек на празничната атмосфера и оваа година неодминлива декорација се светилките кои се мали и во многу случаи незабележливи на елките, но доколку не се ракуваат соодветно можат да бидат опасни по животот на луѓето и да предизвикаат пожар-предупредува универзитетскиот професор Македонка Димитрова- амбасадор на Енерџи Глоуб за Македонија.
“Украсните сијалички кои се користат се честопати кинески производи со ниска цена на чинење и ретко нудат сопствена заштита т.е. да немаат вграден систем за самоисклучување во случај на дефект што би спречило опасност по живот или пожар. Кај сијаличките жиците кои ги поврзуваат истите се релативно тенки и нежни, па така често се подложни на оголување или оштетување, а тоа претставува потенцијална опасност за околината. Најголемите дефекти кај овие светилки се јавуваат кај приклучникот кој се става во штекер преку кој се врши електрично напојување на низата и тоа поради невнимателно ракување и негово излекување со тегнење на жицата, а не на самиот приклучник. Непрофесионалното поврзување или преврзување на жиците со приклучникот или долж низата претставува уште една голема опасност за појава на пожар”-вели професор Димитрова.
Кој ќе се изгори на жешко млеко, ќе дува и на маштеница!
Граѓаните за жал размислуваат за пожарите и последиците од нив кога е веќе доцна. Ретко кој реагира навреме. Дел поради сиромаштија, а дел поради несовесност-велат од противпожарните сојузи. Нивните активисти на терен деновиве работат на едукација во училиштата и населените места.
“Деновиве сме на терен. Делиме флаери низ Црниче, Кисела вода, Драчево. Таму има бараки од постара градба, па така многу лесно може да дојде до несакани пожари. Старата инсталација е уште една потенцијална опасност. За жал, локалните власти не се доволно заинтересирани да не подржат. Додека светот отиде напред со вложување во едукацијата и превентивата ние стагнираме, а без финансиска помош не можеме да работиме квалитетно и со долгорочни проекти. Сеуште има колективни згради кои немаат хидранти, противпожарните скали им се затворени, непроодни или претворени во мини подруми, горните спратови-сушари веќе одамна се преадаптирани во простор за домување. Како на овој начин да се помогне кога сеуште немаме развиено свест за самозаштита? А, несреќата доаѓа ненадејно, трае кратко, а се чувствува долго. За време на празниците опасноста е двојно зголемена, поради преоптоварување на електричната мрежа, пренатрупаноста на украсите и нивната неисправност. Мора да се делува, но пред се на свеста и совеста”-вели Слободан Антониевски-од Противпожарниот сојуз на Кисела Вода.
Командантот на скопската против пожарна бригада, Благоја Менковски, вели дека опасноста од пожари демне на секој чекор. Во зимскиот период поради грејната сезона и дополнително поради преоптоварената мрежа постои дополнителна опасност
“Против пожарните екипи се секогаш подготвени да реагираат навреме. Нема играње со пламените јазици. Ниту еден пожар не е помалку опасен од друг, без разлика да¬ли нешто гори малку или многу. Ние постапуваме максимално одговорно и кога гори сува трева, куќи, згради, шуми, автомобили. За нас секој пожар е проблем кој треба да го решиме веднаш и без грешка.Нашата улога е репресива-да се реагира на повик и кога има активен пожар. За жал, не ретко последиците се катастрофални, изгорени домови до темел или човечки жртви. Сликата од и после пожар е секогаш страотна. Затоа очите треба да бидат широко отворени, а вниманието максимално. Секоја мала грешка може да предизвика пожар.А, тогаш е веќе доцна”-вели Менковски.
Лед диодите- нов начин за штедење на електрична енергија и пари!
Нискиот стандард, малиот новогодишен буџет кој најчесто е предвиден за храна и пијалоци, остава многу малку средства за декорација. И оние пари кои ќе се потрошат за украсување на домот се бројат до последниот денар. Па така, не ретко одлуката паѓа на евтини производи, а потоа следи народната “колку пари –толку музика”.
“Покрај декоративната улога електричната енергија од светилките има и штедлива функција. Па така ако зборуваме за заштеда на електрична енергија, диодите штедат повеќекратно електрична енергија и векот на траење е многу подолг во споредба со обичните. Во последните години има голема понуда за купувачите, и се повеќе се нудат диодини низи светилки што е за пофалба. Но, и кај диодините светилки има разлика во квалитетот. Ниската куповна моќ на граѓаните во Република Македонија, не остава простор за избор и одлуката во голем дел од случаите паѓа на поевтина варијанта на светилки. Препорака би било да се внимава на класата на потрошувачка на енергија на украсните светилки како и на потеклото и угледот на произведувачот. За илустрација, квалитетни светилки и продолжни кабли може да чинат и до 10 повеќе во зависност од карактеристиките. На отворените пазари или во продавниците во кои има подостапни производи најчесто од кинеско потекло не можеме да бараме висок квалитет, а со тоа да бидете посигурно во исправноста и трајноста на производот. Некои, светилки имаат и трансформатори (адаптери) кои овозможуваат светилките да работат на ниска струја, а во тој случај низата не претставува директна опасност за човекот, но е потенцијален предизвикувач на пожар во домот”-потенцира универзитетскиот професор Македонка Димитрова.
Исклучени светилки = мирен сон, пониски сметки за струја!
Еве неколку случаи кои експертите ги препорачуваат за да може граѓаните да си обезбедат мирно спиење за време на празниците.
Кога се користат продолжни електрични кабли, и во нив се вклучуваат неколку низи светилки, да се внимава на презагревање на инсталацијата со што би спречиле топење и запалување на инсталацијата. Избегнувајте повеќе различни низи светилки за ги поставувате едни преку други во форма на ‘октопод’ оти топлината и прегревањето при допир на една низа со друга може да доведе до топење на облогата на жиците што понатаму може да предизвика пожар. Оваа опасност е многу поголема доколку оголениот сегмент од низата дојде во допир со метален орнамент на елката или некоја друга метална површина во нејзината близина.
Да се внимава на намената на светилките и надвор од домот да се поставуваат само наменски светилки за надворешна употреба.
Пред да ги поставите низите светилки независно дали во внатрешноста на домот или на балконите, дворовите и слично проверете ги внимателно низите за исправност, прво со голо око без да се вклучени на напојување и во случај на оштетени жици или светилки не се обидувајте сами да ги поправите туку веднаш отстранете ги од домот.
Во домови со помали деца, поставете ги светилките повисоко надвор од дофат на децата оти светските експерти предупредуваат дека низите украсни светилки се полни со токсични материјали, а особено олово што може да доведе и до труење на децата доколку се проголтаат или лижат од нивна страна.
Конечно, не заборавајте да ги исклучите сите светилки во домот кога немате потреба од нив особено оние на елката. Едновремено ќе заштедите на јануарската сметка за електрична енергија и ќе бидете сигурни во безбедноста на вашиот дом од евентуална појава на пожар!
С.Б.