23 Септември, 2020
0.0258

Дали НАТО е нашето злато?!

Објавено во: Колумни 06 Декември, 2019

Светот  драматично се менува. На седумдесетгодишнината од создавањето на Северноатланската Алијанса ( НАТО), на Македонија широко и се отворени вратите за влез во оваа организација.  Остана само уште ратификацијата на шпанскиот парламент, за конечно да го преминеме прагот и да го заземеме нашето столче на тркалезната маса и да постанеме формалноправно еднаков член со останатите земји членки, од кои половината се воено, економски и безбедносно најмоќните на планетата Земја . Сепак да не се лажеме, цената за полноправното членство во Алијансата ние ја плативме прескапо, со промена на нашето уставно име. Суровоста на меѓународниот свет, мултиполарноста и предизвиците пред кои  бевме исправени, не втурнаа пред  дилемата „ земи или остави“, односно  за последно ни беше понудено  дали ќе го  прифатиме  наметнатото решение преку Преспанската спогодба, или ќе го  отфрлиме, а со тоа  можеби и  засекогаш да  останевме  надвор од НАТО членството   и ЕУ перспективите, но со сите ризици кои таа „ политика “ ги носи. За жал и најлибералната политичка елита која дојде на власт во Грција, а тоа е Сириза со нејзиниот лидер Алексис Ципрас не отстапуваа од грчките утврдени национални линии уште од самитот на НАТО во Букурешт: прво договор и решавање на спорот со името па потоа наше членство, а тој „договор“ согласно грчките ултиматуми претставуваше ерга омнес- сложено име за севкупна употреба.  Нејсе, историјата е веќе позната, реверзибилност на процесите нема. Оттука па натаму,  се поставува прашањето  како Македонија да се однесува во констелациите на изменетите геополитички поместувања и „ триења“ помеѓу односите на големите сили пред се САД и ЕУ со Русија, Кина и Иран, но и во односите внатре помеѓу трансатланските сојузници кои нималку не се сјајни.

Новиот светски поредок!

Во годината кога Македонија го заокружува своето полноправно членство во НАТО, и кога алијансата слави  јубијел  од своето постоење,  со самобендисаност и арогантна надменост дека е најмоќната военобезбедносна организација во историјата, истата се соочува со длабоки процепи. Впрочем, Турција е веќе своевидното „ лошо момче“ во алијансата која на своја рака склучува договори за  купување на системи и оружје од Русија, антиподот на НАТО и проектираниот најголем архинепријател, а од  друга страна авторитарниот карактер на американскиот претседател  Доналд  Трам  постојано ги држи тензични односите внатре во алијансата, бидејќи секоја  негова неумесна изјава во однос на иднината на НАТО, се доживува како  изјава од институцијата претседател на  САД , и логично се развива стравот кај европските сојузници, дека  доколку  Америка не верува во иднината на воениот сојуз, или пак дури ако би истапила од него, дали има смисла потоа самото постоење на алијансата.  Францускиот инфантилен  претседател  со грешки во чекори, сака да го заземе приматот на Франција на европската и светската сцена, на тој начин пополнувајќи го ваакум просторот кој ќе биде оставен после Брегзитот на  Лондон, и  симнувањето од високата европска политичка сцена на најмоќната европска политичарка Ангела Меркел. Веројатно стратегијата на Макрон, кој даде шокантна изјава дека „ НАТО е кличнички мртво “,  е уште од  сега со потези да се позиционира  како иден европски лидер, правејќи ја на тој начин „ Франција повторно голема“. Европските сојузници, со нетрпение го чекаат и исходот од американските претседателски избори наредната 2020 година, силно надевајќи се дека Трамп ќе ги загуби изборите, заради воспоставување на повторниот баланс и меѓусојузничка соработка од  двете страни на Атлантикот.Европејците беа научени на една конзистентна соработничка политика со Вашингтон во изминативе седум децении на поствоен мир, но таа предвидливост во политичките односи, за прв пат ја наруши Доналд Трамп.  Големата Русија е закана пред се за своите поранешни републики од СССР, малите балтички земји: Естонија, Летонија и Литванија, во кои има големо руско малцинство, и веројатно членот 5 е тој што ги штити овие мали европски нации и држави од руска агресија и заштитување на руските интереси преку воена интервенција, слична како онаа во Крим. Токму и изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оди во таа насока дека НАТО нема да седи „ со скрстени раце“ и дека ќе одговори на евентуалната руска агресија токму врз овие гореспоменати балтички земји и евентуално Полска. Алијансата се соочува со предизвици и во хибридните војни, сајбер тероризмот и реалниот тероризам на Блискиот исток, и нејзината неконсензуалност околу заземањето на ставови по одредени прашања како Сирија или пак односот кон Иран.

Нашите македонски интереси!

Но НАТО не е само алијанса за заштита од  архетипските руски закани, туку за одредени земји членки тоа значи гарант на нивниот територијален суверенитет и внатрешнополитички интегритет. На Балканот, каде што сме и ние, реално не постои опасност од руска воена агресија, но на држави како малата Црна Гора, и особено како нашата која преживеа еден внатрешно етнички воен конфликт, членството во НАТО алијансата е добредојдено, и повеќе од потребно за гарантот дека тие држави ќе бидат меѓуетнички стабилни, унитарни по својот карактер на уредување и ќе имаат гарантиран  територијален суверенитет, а со сето тоа тие ќе ја заокружат својата тешко стекната државност. Веројатно за таа придобивка и не постои цена која се мери во пари. Особено што, вцртувањето на нашата земја на НАТО картата, создава психолошка предност дека оваа земја е дел од најмоќните, најбогатите, најуредените земји во светот. Многу експерти, следејќи го приемот на поранешните комунистички и источноевропски земји во НАТО ( бивши земји членки од Варшавскиот пакт), укажувале  дека  емпириските показатели ги подобрувале и  економско- стопанските перформанси на новопримените земји и го зголемувале животниот стандарт на нивните граѓани. Можеби најголемата придобивка од  нашето  членство во НАТО алијансата, ќе биде конечното тргање на постојниот тридецениски страв кој тлееше кај македонските  граѓани дека  државата може некогаш да се распадне по етнички шавови и да се федерализира со внатреетнички ентитети, особено што кај етничките Македонци во нивниот културолошки и психосоцијален наратив е дека пред повеќе од еден век Македонија еднаш веќе била поделена, и дека тоа е постојана политика на западните центри на моќ и дека кон тоа „ сценарио “ континуирано се работи.  Сепак Македонија треба да биде внимателна. Руската мечка нема да спие. На север од нас, во Србија, ние имаме сосед  кој има длабоки испреплетени историско-културолошки, и блиски воени односи токму со Кремљ, што значи во „ дворот на НАТО“ ,баќушките ќе ги облечат своите воени чизми. Сме имале таква „ среќа“ да бидеме жители на еден регион кој и низ вековите постојано бил на „ линијата на огнот“ помеѓу Истокот и Западот, и за наша жал, токму од тој судир ние и нашите мали соседи го извлекувале најдебелиот крај. Со нашето полноправно членство во НАТО, веќе влегуваме во нова геополитичка реалност, и само со мудри чекори и политика, можеме трајно да ги заштитуваме нашите македонски интереси. 


Благојче Атанасовски, политиколог 

Можеби ќе ве интересира

Уште едно лето е зад нас

Уште едно лето е зад нас

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Данило нашиот здравичар

Данило нашиот здравичар

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море