24 Април, 2024
0.0258

Дали навистина добивме датум...повторно!?

Објавено во: Колумни 07 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Во овие карантински мигови на (само)изолација некако тивко и без многу еуфорија помина веста дека датумот стигнал. Но, за мене, нема подобар тајминг од овој. Само во ваква мирна, спокојна состојба на егзистенција можеме да ја видиме реалната состојба на нештата. По кој знае кој пат во моите колумни ве потсетувам дека само вонредните околности го прикажуваат и поединецот и општествата, во вистинското светло. Ние сме живи сведоци на старата добра изрека: „на маката се познаваат јунаците“! Што извади на површина оваа мака за заедницата, за Македонија и ЕУ?

Но, пред да одговориме на ова прашање и да видиме дали навистина датумот стигна, за помалку упатените, дозволете сосема воопштено да видиме прво како се станува членка на ЕУ. Значи, главно има три фази во пристапувањето кон ЕУ. Прво, државата се кандидира за членство, второ, започнуваат формалните преговори во кои треба да се исполнат т.н. „Копенхашки критериуми“ и кои откако ќе се исполнат, земјата станува полноправна членка на ЕУ. Почетокот на преговорите, т.е. втората фаза е она што ние го очекувавме и наводно го добивме деновиве. Во оваа втора фаза, преговорите не започнуваат додека ЕУ не даде зелено светло со едногласна одлука на Советот на ЕУ, преку преговарачката рамка за земјата-кандидат. Преговорите всушност се случуваат помеѓу министрите и амбасадорите на ЕУ и земјата-кандидат, со она што се нарекува „меѓувладина конференција.“

До каде сме ние во овие фази? Наводно, рековме до втората. Со таа разлика што и овој пат имаме, но немаме датум! Не знам дали ви го кажале ова, но датум повторно нема! Имено, во одлуката на Советот на ЕУ се наведува дека првите меѓувладини конференции „ќе започнат assoonaspossible“, т.е. откако Советот ќе ја усвои рамката за преговарање. А кога ќе биде усвоена рамката за преговори..? Е тоа никој не го кажува. И ова, ако не се лажам, е прв случај ЕУ да даде ваков „почеток“ на преговори. Вообичаено, почетокот на преговори е со прецизен датум за средба на меѓувладината конференција и со точно дефинирана рамка за преговори. И што е особено интересно: во првичниот, неофицијален нацрт на одлуката за почеток на преговорите стоело дека Европската комисија треба да ја поднесе преговарачката рамка „без одлагање и не после Јуни“! (вака барем пишува Politicohttps://www.politico.eu/article/eu-ambassadors-back-opening-talks-with-albania-north-macedonia/) Но, во усвоениот, официјален и објавен документ на кој му се радуваме, оваа одредба ја нема!!! Значи кога ќе започнеме преговори не знаеме! Настрана фактот што за Албанија има поставено дополнителни услови пред воопшто да ù биде доделена рамката за преговори! Но, ајде да се надеваме, дека иако сме во пакет, сепак нема да нè третираат како сијамски близнаци со Албанија.

И сега сосема легитимно се поставува прашањето – а што всушност добивме? Ако имаме - а всушност немаме – датум за преговори повторно, тогаш, каква е оваа одлука, или барем како треба да се чита значењето на оваа „одлука“ на ЕУ? Ќе се обидеме да го одговориме ова прашање, исчитувајќи само неколку изјави на европските челници по овој повод за отпочнување преговори со Македонија и Албанија. „Европската Униија останува оперативна“ – рече по овој повод хрватската државна секретарка за европски работи Андреја Mетелко-Згомбиќ, а претседателката, пак на Европската комисија, Урсула Фандерлејен уште попрецизно изјави дека оваа одлука е во „геостратешки интерес на ЕУ.“ Во иста насока е изјавата на комесарот за проширување, ОливерВархели, дека ЕУ со ова покажала дека е способна да носи „геополитички одлуки, дури и во време на овие времиња на пандемија од Корона.“

Драги мои, ако до сега не ни беше јасно, веројатно во оваа вонредна ситуација ни е кристално јасно: оваа „одлука“ ù е потребна далеку повеќе на ЕУ, отколку на Македонија и Албанија. Или барем - оваа одлука повеќе ù значи на ЕУ, отколку на земјите на која се однесува. Во време кога пандемијата ги руши темелите на ЕУ – ако некогаш воопшто и ги имала – одлуката за проширување кон Западен Балкан е само врисок во пустина на старата европска дама, врисок кој треба да го слушне новиот, храбар свет кој надоаѓа, свет кој се покажува и посилен и повитален и пожив од неа самата! Едноставно - оваа одлука на ЕУ е во геополитички интерес, првенствено на ЕУ, за да демонстрира дека не е мртва... сè уште! Во време кога сериозно се поткопува кредибилитетот не на Европската унија како таква, туку би рекле дури и на европската идеја воопшто, оваа одлука за проширување е очајнички потег на Европа да покаже дека сè уште е жива. Така, оваа покана за нас, во вакви околности, ми личи на влез во кафеана пред „фајронт“ во ситните саати: тук-таму по некоја пијаница на шанкот, неколку лесни жени, застојан мирис на алкохол и цигари и намрден газда...

Рековме, во вонредни околности, во „гранични ситуации“ испливува суштината – и на поединците и на заедниците! Што исплива на површина во Европа во време на корона, драги мои? Исплива фактот дека Европската унија никогаш не ни станала ништо повеќе од „заедница за јаглен и челик“, или во најдобар случај барем „Европска економска заедница.“ Што ќе рече – освен збирштина географски простор кој служи единствено на интересите на крупниот капитал, Европа како политичка идеја – не постои! Генерално, ЕУ никогаш не успеа да создаде еден, унифициран политички простор, втемелен не само на заеднички интереси, туку и на заеднички идеи и пред сè, на заеднички вредности. Впрочем, Европа никогаш и не почивала на вредностите кои ги декларира, особено не на идејата на солидарност и споделен идентитет. Овде навистина немаме простор да ја проследиме еволуцијата на ЕУ за да го демонстрираме нашето тврдење дека Европа од идејата за нејзино конституирање (во политичка смисла), до денес не успеа да создаде обединувачка идеологија која ќе ја држи заедно. Впрочем, прашањето е дали тоа воопшто е можно? Дали е можно континентот кој не само што се разви благодарение на идеите на национализмот, туку кој и ги достигна своите цивилизациски врвови токму низ судирите и натпреварот помеѓу суверените нации, да продолжи да расте и да се развива анулирајќи ги и супресирајќи ги токму тие идеи!? Чинам дека следните две недели, се недели на одлука: дали ЕУ ќе продолжи да се унифицира или дополнително ќе се подели по националните линии.

Во овој момент, оваа криза со пандемијата дефинитивно, не само што го поткопа и онака кревкото единството на Европа, туку во голема мера ја одреди и нејзината иднина како заедница. Шпанија веќе отворено говори дека ќе ги преиспита своите односи со ЕУ, додека потпретседателот на италијаскиот парламент Рампели го шокираше европскиот континент, кога го тргна од јарболот европското знаме, го спакува и на тоа место го постави - италијанското. Со јасна порака дека за него со ЕУ е завршено - постои само Италија. Сличен однос кон европското знаме можевме да посеведочиме во едно видео низ социјалните мрежи и во Франција. Во обидот да ги амортизира овие негативни ефекти, ЕУ, брзоплето и дури би рекол и гротесктно на официјалниот сајт постави некои илустрации со кои покажува колку е солидарна, тврдејќи дека помошта на Франција и Германија заедно била поголема од онаа што Кина ù ја испратила на Италија. Oh, Europe, gohomedarling, youaredrunk! И покрај сето ова, јасно е дека во моментот сведочиме понор во рамките на ЕУ помеѓу „богатиот и развиен Север“ и „сиромашниот и мрзелив Југ“. Мерките кои деновиве ги донесе, со активирање на солидарниот фонд, со директно вбризгување пари од Европскиот инвестициски фонд, дозвола за откуп на еврообврзници и сл., се покажуваат како несоодветни за основната заложба: посилен, заеднички и координиран одговор на Европа како унија.

Најилустративно, тоа е ефектот на пандемијата за Европа. Ефект кој покажа дека европските идеи и вредности кои ни ги продаваат како нешто поголемо и повозвишено од балканските, не биле баш такви. Кои се лекциите, пак што ние можеме да ги научиме од ова? Накратко, две: прво, дека не треба да бидеме толку понизни пред било кој авторитет, макар тој да бил и оној на старата дама. И второ, дека секогаш треба да го гледаме нашиот националниот интерес, дури и при нашите геостратешки одлуки и изборот на меѓународните политики што ги водиме. Едноставно, секогаш треба да го насочуваме сопствениот брод кон сите актуелни светски пристаништа од кои би можеле да имаме национален интерес, па макар биле и „озогласените“ Русија, Кина, или кој и да е. Затоа што во мигов станува јасно дека Европа дефинитивно станува Европа со две брзини: богат-Север и сиромашен-Југ, а ние веројатно не сме планирани никаде. Европа е мртва; да живее Европа!

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок