14 Мај, 2024
0.0236

Дали обезбедувањето на основните прехранбени производи е доведено во прашање?

Објавено во: Колумни 28 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Зрнестите производи претставуваат основна храна и имаат стратешко значење за решавање на прехранбениот проблем во локални и глобални рамки бидејќи овде спаѓаат сите видови жита. Како производ тие ги задоволуваат животните потреби на населението, а претставуваат и основна добиточна храна за животните, поради што оправдано се очекува постојан пораст на светската потрошувачка. Тенденциите и перспективите за развој на оваа група производи се оценуваат според некои кардинални претпоставки и појави на светско и национално ниво како што се:
  • нестабилност на финансиските пазари чија криза осетно ги повредува реалните сектори, поради што се одразува на светската економска криза со големо негативно влијание;
  • релативно високото поскапување на енергетските извори аналогно се рефлектира на цените на другите производи;
Забрзаното темпо на поскапување на прехранбените производи е условено од поскапувањето на енергијата. Негативното влијание на климатските услови врз производството на прехранбени производи води до сериозно намалување на понудата наспроти зголемената побарувачка. Ширењето на површините во Светот со енергетски култури, има сериозно влијание врз производството на прехранбените производи и зголемување на дефицитот помеѓу побарувачката и понудата. Кај оцената на тенденциите и перспективите за развој на зрненото производство важно е да се земат под внимание и неколки фактори. За Македонија е особено важно рационално користење на површините како важен барометар за состојбата на економијата поради важни причини: со ограничени стратешки ресурси, како што се енергијата и обработливите површини. Меѓутоа, Македонија има многу поволни услови за производство на широк спектар на земјоделски производи. Почвено-климатските услови овозможуваат при соодветни материјалнотехнички и организациони услови производство со голем број производи кои ги надминуваат за 2-3 пати внатрешните потреби и да обезбедат конкурентен извоз. Во Светски рамки, недостигот  на жита е во основата на прехранбениот проблем. Според просечните статистички показатели за еден продолжен период среднорочниот пораст на производството на зрно е неколкупати понизок од прирастот на населнието. Просечната потрошувачка на жита за еден ден изнесува 457,75 грама со варирање помеѓу сиромашните и богатите држави од 281 – 784 грама. Големите разлики се должат на директната консумација на производи од жита, и на консумацијата на производи од животинско потекло, каде што варирањето по земји и региони е уште поголемо. Светскиот просек е 36-38 килограми по жител годишно, во САД е 120 килограми, а во Индија 2 килограми.  Врз тенденциите во производството има влијание комплекс од променливи во времето фактори, кои влијаат врз елементите кои го форсираат производството. Основниот елемент кој го определува нивото на земјоделското производство се обработливата површина и нивото на просечните приноси. Нивната големина е резултат на многу фактори: платежно способна побарувачка, примена на државна политика во однос на нивото на земјоделството, примена на технологии во производството и можности за организација, конкурентскиот притисок на производи од други земји, конкурентска способност на разни земјоделски производи на внатрешниот и надворешниот пазар, макроекономска рамка во земјата и можности за кредитирање или субвенционирање на производството. Тенденциите во производството на зрно (жита) се со опаѓање на површините и вкупната продукција на долг и среднорочен период, но и приносите не растат соодветно. Од близу 2,5 милиони хектари под жита пред 15 години, на пример во Бугарија површините се намалени за околу 1 милион хектари денес. Производството на пченка најмногу зависи од движењето на бројот на животните. Во светски рамки тенденциите се во насока на пораст на побарувачката на пченка каде влијание има и ширењето на индустријата, особено прехранбената, во кои пченката има високо учество, особено во наеразвиените земји. Јачменот е важна  фуражна култура, а светските тенденции се слични на тие кај пченката, и овде има влијание индустрискиот развој, а особено развојот на индустријата за производство на пиво. Очекувањата се дека идните движења кај јачменот ќе бидат во однос на обемот  на производство. Житните култури ‘рж, овес , тритикале и други, кои се користат и како лебни жита, немаат такво значење како предходните, но може да се смета на нивно зголемување во наредните години поради се поголемата побарувачка на пазарот и учество во производството на специјални видови леб и слични производи. Во Македонија се намалуваат површините со жита Македонското земјоделството има особено важно место во економијата и како примарен производител на храна, но и суровинска основа за  мелничката, но и други индустрии, а важни се и за развој на сточарството. Во последните неколку години површините под жито се движат од 161 илјада ха годишно до близу 182 илјади хектари. Од 2009 година ( 178,5 илјади хектари) површините опаднале за над 17 илјади хектари во 2012 година. Ако проследиме подолг период ќе видиме дека житата зафаќале многу поголема површина. Пред дваесет години (1991 година) житата се одгледувале на 233 илјади хектари и учествувале во обработливите површини со 36,1%, а во 2012 година учествувале со 32,0%. Разликата во учество не е голема, но заради големото намалување на обработливите површини во тој дваесетгодишен период (од 664илјади хектари на 510 илјади хектари) и површините под жита се намалиле за 30,9%. Вкупните ожнеани површини под жита продолжуваат да опаѓаат и во последните години. Само за четири години (2008 – 2012 година) се намалиле за 17,4 илјади хектари или близу 10%. Понеповолен е фактот што вкупната продукција во Република Македонија е намалена во тој период за 25%, а во однос на 1991 година за 35%. Како што покажуваат официјалните статистички податоци во 2012 година во однос на површините од 1991 година кај сите производи се намалиле површините, а уште повеќе и вкупната продукција. Меѓутоа денес во однос од пред пет години само кај оризот се јавува зголемена површина за 80%, а вкупната продукција зголемена за 50% бидејќи 2008 година била  изразено неповолна за оризот, а од тогаш наваму површините растат. Опаѓањето на вкупната продукција кај другите култури како резултат на опаѓањето на површините загрижува, бидејќи приносите не се зголемиле за да се одржи нивото на вкупна продукција заради стабилизирање на пазарот, а  секоја година земјоделците бараат од државата заштита на цената и на пченицата, иако таа не е суфицитарна како оризот. Можеме да заклучиме дека опаѓањето на продукцијата на жита во Македонија последните пет години е загрижувачка, особено заради фактот што сите жита (освен оризот) се дефицитарни на македонскиот пазар, односно поголема е побарувачката од понудата. Проф.д-р Борис Анакиев

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка