06 Декември, 2022
0.0332

ДАЛИ ОПАЃА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“?

Објавено во: Колумни 17 Ноември, 2022

Добивај вести на Viber

Лани, чинам дека беше после летниот период или во текот на третиот квартал од 2021 година, бројот на банки во македонскиот банкарски систем се намали за една банка споредено со претходниот период, како резултат на статусна промена ‒ присоединување на две средни банки, кои, станаа една, четврта по ред во топ 5 големи банки. Со тоа, како што се вели и во извештаите, на крајот од 2021 година банкарскиот систем во земјата се состоеше од вкупно 13 банки. Така е и денес. Значи, се зајакнала постојната структура, се стегнале, би рекол се окрупниле банките, а тоа е легитимно и исправно за состојбите, особено ако се има во предвид големината на овдешниот пазар, со нешто повеќе од 1,83 милиони граѓани. Од друга страна, ако направам една паралела во големината на вкупната актива на комерцијалните банките (тогаш многу повеќе на број, дури 25 банки) во 2004 година, со тековната состојба во 2022 година, може да се заклучи дека за 18 години, бројот на банките се намалили речиси двојно, а големината на активата, на ниво на целиот банкарски сектор, пораснала дури за 5 пати или од 1,9 милијарди евра во 2004 на 10,4 милијарди евра во 2022 година.

Што кажува ова?

Имено, како што можам да забележам, за период од 18 години, почнувајќи од 2004-тата па до денес, македонските банки се консолидирале, се окрупниле и во својата структура на капитал извршиле целосна преобразба, со тоа што, учеството на странскиот капитал во вкупниот капитал, на ниво на целиот банкарски сектор во 2004 година изнесувал 47,5 отсто, а денес истиот е на ниво од 76,3 отсто. Значи, за 28,8 отсто повеќе е учеството на странскиот капитал во вкупниот капитал, во 2022 година. Според мене, ова е одличен тренд. Но, како тема во денешново писание, сакам да наметнам нешто сосема друго. Поточно, летниов период имав една интензивна работна агенда, првенствено наменета за средби со претседатели и членови на Управи во компании од: телекомуникации, здравство, потоа со фабриките во / и надвор од ТИРЗ, банките, финансиските и осигурителни друштва, како и со нивните директори на одделите за човечки ресурси. Повеќе од 30-тина важни состаноци, чинам дека беа. Разговаравме за новите начини на практикување на високото образование, дуално, преку трансфер на искуствата, професорите и институциите од С.Р. Германија, особено од покраината Баден-Виртемберг (Хајделберг и Манхајм).

Што констатирав?

Најголем дел од поединците во управите, особено од фабриките, а за мене непознати дотогаш, беа перфектни интелектуалци, опуштени и без его. Некои од нив, беа машински и електро инженери, со нови, за мене до тогаш, непознати погледи во бизнис управувањето. Научив многу. Разменивме искуства. Но, она што ми остана како обврска, а ја ветив, е тоа, како, сите заедно, да го надополниме јазот на стручна работна сила од популацијата, наречена - матуранти (15.899 матуранти се пријавиле за државната матура во 2022 година)?На таа проблематика веќе работиме со колегите од Хајделберг и наскоро ќе се обратиме до јавноста и компаниите. Туку, она што ме направи помалку замислен, а повеќе инспириран за ваква анализа е податокот или сублиматот, како инспирација од средбите со најголем дел од управите во банките, на тема: високо дуално образование за финансисти и банкари. Денес, во банкарската индустрија, за разлика од времето кога со АБИТ бевме најприсутни и целосно посветени (од 2014-2019 година), се забележува еден пад на атрактивноста на професијата „БАНКАР“. За жал, јас, тоа така го почуствував. Имено, местото број еден, на пиедесталот го зазема ИТ професијата (програмер, девелопер, дата аналитичар и сл.). Логично на ова, ако се имаат во предвид условите за работа, а највеќе слободата во текот на работното време кај професијата ИТ од една, а во споредба со непроменета и цврстата политика на работни места, пропратена со слаби можности за напредок во банкарството од друга страна, станува јасна причината за се позачестената преквалификација на младите од професијата „банкар“ да трансферираат во „програмер / дата аналитичар“.

Според тоа, ваквите актуелни состојби, со право, ми даваат повторно, да ја видам шансата за промена на условите и враќање на атрактивноста на професијата „банкар“ одма и сега, да биде, пак, најгоре на пиедесталот. Во таа насока, сакам да го цитирам Стив Џобс, кој ќе рече: „Баравме луѓе кои се ненормално добри во тоа што го прават, но не баравме професионалци. Ги баравме оние кои се страсни и ја разбираат технологијата, но и кои знаеја што можат да направат со таа технологија.“ Понатаму, Енди Херцфелд, еден од првите софтверски инженери на Епл, меѓу другото ќе дополни:„Сакавме очите да им светнат и да се возбудат. Тогаш, знаевме дека тие се дел од тимот.“

Кај нас, ако може да се пошегувам со г-дин Херцфелд од Епл, на малкумина млади лица, може очите силно да им светнат и да се возбудат. Тоа е општествен проблем веќе, но ваквата состојба треба сите, и тоа многу да не засега. Затоа, во компаниите е многу тежок процесот со избор на кандидати кои поседуваат продуктивност. Да подвлечам - во продуктивноста на своите поединци се состои тајната на развиените земји. За таа цел, подолу наведувам еден пример за Германците.  

Најчестата карактеристика која ги краси Германците е дисциплината, работата и демократија. Важат за народ кој е работлив и кој знае што сака. Навидум, па и јас сум се прашувал, Германија, како една најголема демократија или лидер на демократијата во ЕУ е премногу мека кон емигрантите или помешана со други нации, германската нација особено потисната од другите, делува како да се губи во таа мешавина. Но, тоа е само навидум така. Имено, кога ќе влезете во длабочините на германската матрица ќе ја осознаете нивната филозофија дека сепак, тие се доминантни чувари на капиталот во сите сфери. Народ кој е работлив и дисциплиниран, неможе да има неуспех. Ние, ако се споредиме во контекст на продуктивноста на трудот, може да се види дека разликата е огромна. Но, она што е парадокс во ваквите состојби на паралела е податокот кој вели дека многу Македонци и Албанци, а наши жители од тука, се многу попродуктивни тамо, кога се на работа во Германија, од колку истите тие кога се тука во Македонија. Зачудува овој феномен, но тајната е во платата и чувството да се биде дел од голем бренд (мислам на бренд од фирма и држава) или воопшто, да се биде дел од убав систем. Таа е состојката за мотивацијата на сите.

Сега, ако повторно се вратам на советите од Стив Џобс и направам една паралела со нашите компании, би рекол дека за нив е потребно да најдат луѓе кои ќе поседуваат големо количество на страст при извршување на работите, а не мора да сепрофесионалци. Такви нема или се прескапи. Но, како да ги најдат таквите луѓе, а уште повеќе, како да ги задржат?

Тука, имам само еден одговор, а тоа е следниот: компаниите ќе мораат самите да ги креираат таквите профили на луѓе, и тоа преку нивна регрутација и работа на нивна психолошка трансформација, уште од најрана возраст (читај: после завршување на матура). Ова, во Германија се вика дуално високо образование, а сега достапно и дома, кај нас.

Како ќе оди тој процес?

Преку Хајделберг платформата во Скопје, практично, ќе се изберат од 60 до 90 најдобри млади матуранти, а во нив ќе има од 20 до 30 идни банкари, и потоа врз истите, германските предавачи во соработка со банкарските професионалци од управите, заедно како професори, ќе им влијаат на младите студенти кон промена на начинот на размислување, уште од 18 години. Младите ќе се чувствуваат убаво, важно или „ИН“ во процесот. Практично, во тоа е магијата. Понатака, во постапките на новиот високообразовен модел, банките и финансиските институции, како дел од процесот, ќе се обезбедат со кандидати за работа – практиканство, од најмалку 5 месеци во годината. Читај, после 3 години, ние во компаниите си имаме наш и готов аутпут - продуктивен и горд млад човек. Згора на тоа, тој ќе биде со карактеристики на дисциплина и германски дипломец на државен универзитет, а во Скопје - дома, уште на 21 година и со 15 месеци работно искуство.

Перфектен модел за успех. Нели? Не сонувам. Ова, тука ќе успее - дома. За таа цел, годинава, покрај другите, се појави еден млад ентузијаст и мој деловен сопатник, кој ми рече: „Не можеш да спречиш ништо, но можеш да си ветиш, и себе и мене, дека што и да дојде, ќе го надминеме. Затоа што, јас прво верував во тебе, а после во целата приказна“. Храбра реченица, нема што. Мотивира. Така, јас, го одржувам мојот ентузијазам и страт, со избор на чесно, искрено и позитивно окружување. Како што велеше Делчев: „Ако го изгубите ентузијазмот и немате повеќе, ќе го создадете“.Практично, непроменливост не постои, морате да се движиме или напред кон успехот или назад кон неуспехот, а изборот е наш.

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институтво Скопје  

Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2022 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Преговорите за Украина доцнат – Макрон требаше да ги води пред војната

Преговорите за Украина доцнат – Макрон требаше да ги води пред војната

БЕСИМИ: ПРАВЕДЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ ЗА ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ

БЕСИМИ: ПРАВЕДЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ ЗА ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ

ВРАЌАЊЕ НА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“

ВРАЌАЊЕ НА АТРАКТИВНОСТА НА ПРОФЕСИЈАТА „БАНКАР“

Девет месеци војна во Украина - и за новогодишните празници во ровови

Девет месеци војна во Украина - и за новогодишните празници во ровови