Дали печалбата во Авганистан ја подобри економската слика на Куманово?
Објавено во: Економија 18 Април, 2016 09:39
Според некои неофицијални податоци, околу 5.000 кумановци во изминатава деценија работеле во Авганистан и Ирак, но дали тоа придонесе за повеќе работни места и подобра економија во градот?
Економските истражувања и пресметки покажуваат дека овие луѓе на градот му донеле околу една милијарда долари. Повратниците од Авганистан овие пари ги искористија за купување на станови, градење на куќи, но и за отварање на бизниси. Но, и покрај овие факти, денес Куманово е град со над 10.000 активни баратели на работа и околу 9.000 граѓани кои се невработени и пасивно бараат работа. Платите во приватниот сектор во градот не се за пофалба.
„Куманово, градот на печалбарите во воени жаришта. Пред Авганистан состојбата во Куманово беше тешка, голема економска криза, младите невработени. За гола егзистенција над 5.000 кумановци добија позиции во Ирак, Авганистан, Кувајт и Џибути. Работата е тешка, особено за жените, од 12 до 14 часа работа во кујни, перални. За оние кои добро го владејат пишаниот и говорниот англиски имаше и подобри позиции во канцеларија. Парите од печалба се вложени во станови, автомобили, а многу ретко во капитални инвестиции. Ретко кој се одлучи да отвори бизнис, и по 20.000 евра беа изгубени, се отворија воглавно мали бизниси„- вели Сузана Андоновиќ, која беше на печалба во Авганистан, а денес е сопственик на локалното радио Бум.
Таа вели дека многу луѓе се подготвени повторно да одат во воените жаришта, но таа лично не би заминала затоа што условите за живот се тешки.
Мери Алексовка од Куманово во Авганистан работела 4.5 години. Објаснува дека платите се движеле од 2.200 долари па нагоре.
„Додека луѓето беа во Авганистан, парите се трошеа во Куманово. Куманово беше жив град, но сега почнува да умира и вене затоа што приходите се намалени многу. Во Авганистан најмалата плата беше 2.200 долари, а најголемата искрено не ни знам, но имаше луѓе кои работеа за 4,500 долари и повеќе“- кажа Алексовска.
Социологот Светлана Илиевска Алексовска вели дека високи цени во кафеаните и во продавниците, нови автомобили низ улиците, убаво дотерани граѓани е денешно Куманово за разлика од пред инвазијата на печалбари во воените зони на Ирак и на Авганистан.
„Печалбарските пари се вложуваат во нови станбени и деловни објекти, се трошат во трговските дуќани. Експанзијата на градење се чувствува и во индивидуалните станбени објекти, но и во оние за колективно живеење. Од друга страна, бројот на невработени не се менува .Откако нивните обиди да почнат сопствен бизнис или, пак, да најдат вработување завршуваат безуспешно, тие пак ги пакуваат куферите и заминуваат. Евидентно е дека нивните семејства имаат подобар живот и повисок стандард“ - објаснува Илиевска Алексовска.
Но, долгогодишното отсуство од семејството остава последици, засега нив ги гледаат само најпогодените семејствата, а општеството сé уште не се занимава со тоа, додава социологот.
Можеби ќе ве интересира
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар




