28 Март, 2024
0.0374

Дали поголемата плата носи поголема среќа?

Објавено во: Колумни 04 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

 На вашето работно место ѕвони телефонот. Шефот ве вика да појдете кај него. Додека се упатувате кон неговата канцеларија, размислувате за што може да ве бара. Веројатно ќе ви даде нова работна обврска или ќе ве критикува за нешто што не сте го направиле како што треба. Тие се единствените две алтернативи што ви паѓаат на памет.

          Па сепак, се соочувате со пријатно изненадување. Вашиот шеф ви соопштува дека ќе бидете унапредени и дека вашата плата ќе биде зголемена за 100 евра. Одлична вест! Додека ве обзема чувството на среќа, размислувате што ќе правите со поголемата плата. Ако сте во минус на тековната сметка или отплаќате кредит, сега ќе можете многу полесно да ги подмирувате своите обврски. Ако сте од оние среќници кои не се задолжени кај нашите банки, веќе правите планови што ќе купите. Себеси ќе се почестите со нов телевизор, за детето ќе купите нови патики, а следниот празник нема да седите дома, туку ќе одите во Рим. Па еднаш се живее, нели? По еден час следува ново изненадување. И вашиот колега од канцеларија е повикан кај шефот. Тој ќе биде унапреден едно ниво повеќе од вас, а неговата плата ќе биде зголемена за 200 евра. Како е тоа можно?! Чувството на возбуда и среќа поради вашето унапредување полека ве напушта, а кај вас се појавува нервоза. Вашата плата е зголемена „само“ за 100 евра, а платата на колегата „дури“ за 200 евра. Оној истиот колега кој минатиот петок во 12 часот отиде на викенд со семејството, а вие останавте до 18 часот за да ги завршите и вашите и неговите работни обврски. И уште колегата ве гледа потсмешливо и како некогашната водителка на лото, ви посакува повеќе среќа идниот вторник, односно со идното унапредување. Што е многу, многу е! Се прашувате дали има правда на овој свет или се е свртено против вас... Зошто се случуваат вакви работи? Зошто чувството на среќа на денот на вашето унапредување е поматено затоа што некој друг добил повеќе од вас? Зошто не умеете да го живеете сопствениот живот и да уживате во тоа што го имате, туку чувствувате потреба да се мешате во туѓите животи? Зголемената плата од 100 евра несомнено ја зголемува вашата куповна моќ (под услов цените на производите и услугите што ги користите да останат исти). Секој месец ќе можете да си дозволите повеќе материјални богатства од она што сте можеле да си го дозволите со досегашната плата. Бидете реални, една третина од работно способното население во државата е без работа или работи „на црно“. А вас Ве унапредиле, Ви ја зголемиле и платата, а сепак се чувствувате несреќни. Сето тоа поради колегата од канцеларија кој добил поголемо унапредување и поголема плата од вашата. Што ве засега вас позицијата, платата, па и приватниот живот на колегата? Тоа си е негова работа. Одговорот на поставената дилема лежи во една мисла на големиот Ернест Хемингвеј: „Ниту еден човек не е остров. Секој од нас е дел од континентот“. Тоа што секој од нас е „дел од континентот“ ја наметнува потребата постојано да се споредуваме со другите. Платата не ја определува само куповната моќ, таа претставува и статусен симбол. Несомнено дека и вие и „неспособниот“ колега од канцеларија кој добил повисока плата од вашата ќе можете да купите патики за своите деца. Но, вашиот статус повеќе не е истиот. Колегата е на едно скалило погоре од вас и тоа прави да се чувствувате фрустрирани. Посакувате да ја имате неговата позиција. Или можеби, позицијата на шефот. Што се битни новите патики за вашите деца кога некој со кого до вчера заедно сте оделе на пауза за доручек сега е хиерархиски над вас. Морате да го стасате! Идниот вторник, со идното унапредување, сеедно кога. Едноставно морате да се впуштите во „трка“ со колегите. Поминуваат години... Веќе сте станале шеф. Вашата плата е многукратно зголемена. Сега вие одлучувате кој ќе биде унапреден и колкава плата ќе добие. Случката со колегата од канцеларија веќе е далеку зад вас. Тој си остана во истата канцеларија, а вашата канцеларија е неколку ката повисоко. Вашето его е конечно задоволено. Удобно се навалувате во фотељата и го отворате дневниот весник. Таму читате дека некој фудбалер од светска класа или некој глумец од Холивуд за една недела заработува повеќе, отколку вие за цела година. Хм.... Го оставате весникот. Се соочувате со суровата реалност дека нема никогаш да играте во Барселона и нема да и бидете партнер на Камерон Диаз во нејзините филмови. Каква штета! Уште тоа да направевте и конечно ќе се почувствувавте среќни. Или можеби и тоа е малку?   д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?