19 Април, 2024
0.0249

Дали политиката ги изеде своите деца?

Објавено во: Колумни 27 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Времето во кое денес живее младиот човек е време-невреме, време кога идеалите се заборавени, моралот и вредностите еродирани, а желбата за успех и за достигнување на врвот е императив за младиот човек. И можеби сурово звучи, но со право може да се каже дека летаргичноста и апатијата длабоко се навлезени во порите на младите, а полетноста и позитивниот дух фрлени некаде на страна, оставени за други времиња. Позитивните вредности кои беа некогаш ѕвезди водилки на младите како алтруизмот, пријателството, космополитизмот, денес се истиснати од нивниот вредносен  дискурс и заменети со некои прозападни кои не ќе да добро и позитивно се етаблираат на нашиот културен хабитус. Егоизмот, индивидуализмот, егоцентричноста тропа на врата кај младите и токму широкото отворање на вратите за тие вредности ќе значи губење на основната димензија која те прави човек. Гневна ми е душата кога наместо да ги гледам младите како двигатели, носители на општествен прогрес и општествени промени, поттикнувачи на нови и инвентивни идеи, денес ги гледам како жртви на насилни акти, како носители и творци на агресија и ширачи на нетолеранција и омраза. Младиот живот нема цена - бесценет е Денес сме сведоци на извитоперување на Шексировата „Да се биде или не“ во „Да се учествува во тепачка или не“ - прашање е сега? Многу лесно, без помпа и тронка размислување се впуштаат младите во гладијаторки арени, слугуваат за туѓи интереси, остваруваат туѓи цели. Фитилот на омраза тлее во душата на младиот, која треба да е чиста, невина, искрена. И прашањата кои се наметнуваат меѓу интелектуалната елита, но и меѓу секој граѓанин-добронамерник се однесуваат на барањето одговори за следново: Дали политиката ги изеде своите деца? Дали ситното политиканство ќе доминира над вистинските потреби и интереси на младите луѓе? Дали Макијавелистичката-целта ги оправдува средствата ќе биде основа за остварување на политичките и партиски цели на грбот на младиот човек? Има ли крај младешкото насилие и за чии цели и идеали тие се изложуваат на опасности? Има ли цена со која  може да се плати раскрвавениот нос на петнаесет годишник македонец или дупната глава на шеснаест годишен албанец? Многу прашања, малку одговори, многу дилеми, малку разрешници. Едно треба да им биде јасно на господата политичари-младиот живот нема цена-бесценет е и секој обид за инволвирање и злоупотребување на младите за ситно партиски интереси еден ден ќе им се удри од глава на иницијаторите. Емоциите испливуваат на површина, а разумот затајува кога ќе се удри на картата на национализмот и етноцентризмот. Но нека се маваат в гради тие кои имаат корист и бенефит од немилите случувања, нека бидат тие носители на вистинска политичка битка, а не да ги фрлаат во гладијаторска арена младите, да ги хушкаат меѓу себе, да им ја трујат душата со чемер и јад и да создаваат гнев, нетрпеливост и нетолеранција меѓу културно, етнички и религиски другиот. Крајно време е да се освестиме Доволно сте мудри господа-политичари да знаете дека младешката енергичност, виталност, младешките емоции и разум можат да се искористат за нешто многу попаметно и поперспективно од тепањето, плукањето и мразењето. Вашата големина ќе биде ако излезете и јавно се извините за сите зла во кои сте ги втурнале невините млади души, за сите нереди кои сте го предизвикале. Младите се иднина на секое општество, нивниот ум и разум не смее да се полни со омраза, нивната енергија треба да создава и твори добробити и за нив и за општеството. Освестете се и имајте ја на ум народната-не смее да се изгуби ниту една генерација на млади бидејќи тоа ќе значи стагнација и регрес за општеството во кое битисуваме. Крајно време е да се освестиме и да го тргнеме превезот на злото и нетолеранцијата и него да го земениме со позитивни аспекти и развој на секој општествен феномен. Здрава и правилно, морално и вредносно изградена младина е предуслов за здраво и просперитетно општество. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Филозофски факултет-Скопје, Институт за социологија  

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок