Дали сиромашните пациенти плаќаат највисока цена?
Објавено во: Колумни 10 Октомври, 2025 07:13
Автор: Филип Ачкоски, м-р по фармација, д-р по бизнис администрација, извршен директор во фармацевтска индустрија, медицински писател и здравствен едукатор со повеќе од 20 години искуство на пазарите во Југоисточна Европа. ТопЕдукатор.
Финансискиот товар на болестите
Во
идеален свет, здравствената заштита би требало да биде еднакво достапна за сите
— независно од приходите. Но реалноста, особено во земји со ограничен
здравствен буџет како Македонија, е сосема поинаква. Секој пациент не плаќа
иста цена за своето здравје.
Парадоксално, сиромашните пациенти често плаќаат највисока цена — и финансиски,
и здравствено.
Економската неправда во здравството
Кога зборуваме за фармакоекономија, зборуваме за сооднос помеѓу цена, вредност и резултат. Но што се случува кога пациентот нема пристап до терапијата која дава најдобар резултат, бидејќи не може да си ја дозволи (не е на листата на ФЗОМ и мора да ја плати од џеб) или воопшто не е достапна во Македонија и регионот?
Сиромашните пациенти често се третирани со најевтините генерички лекови присутни на веќе застарената листа на ФЗОМ.
Кога овие терапии не се доволно ефективни, се јавуваат компликации, повторни хоспитализации и дополнителни трошоци – кои, иронично, ја прават целата „евтина терапија“ поскапа на долг рок.
Од друга страна, богатите пациенти имаат пристап до иновативни лекови, приватни клиники и персонализирана грижа. Разликата во здравствениот исход помеѓу овие две групи често е драстична.
Македонија под лупа
Македонскиот здравствен систем формално обезбедува универзален пристап, но практично се соочува со неколку хронични слабости:
· Долги листи на чекање – пациентите со помалку средства не можат да си дозволат приватен третман и губат време кое чини здравје.
· Недоволно покривање на иновативни/модерни терапии – многу современи лекови не се на позитивната листа на ФЗОМ.
· Високи индиректни трошоци – превоз, изгубени работни денови, самоучество за дијагностика и контроли.
· Ниска здравствена писменост – што доведува до доцна дијагноза и потешко лекување.
Според проценките на локални експерти, повеќе од 35% од домаќинствата во Македонија би се соочиле со финансиски стрес при потреба за скапо лекување на хронична болест.
Фармакоекономски парадокс и тешка реалност
На краток рок, системот се обидува да „заштеди“ преку ограничување на трошоците за лекови. Но на долг рок, тоа резултира со:
· Поголеми трошоци за хоспитализација,
· Поголеми инвалидитети и изгубени години живот,
· Поголем товар врз фондот и врз економијата.
Тоа е класичен пример на „псевдо-ефикасност“: се штеди денес, а се плаќа двојно утре.
Сиромашниот
пациент не плаќа само со пари.
Тој плаќа со време, со здравје, со изгубени години живот и со чувство на
неправда.
Ако системот не прави разлика меѓу „најевтино“ и „највредно“, тогаш ја плаќаме
сите – преку повисоки општествени трошоци, помала продуктивност и изгубен
човечки капитал.
Што може да направи државата и приватниот сектор?
· Воведување на модели за кофинансирање и фармакоекономска евалуација на нови терапии – каде државата плаќа само доколку лекот навистина даде резултат (value-based pricing).
· Поддршка на домашни производители и генерички компании – за да се обезбеди пристапна, но современа терапија која ќе биде на позитивната листа.
· Корпоративна одговорност во здравјето – приватниот сектор повеќе да вложува во превентивни програми и здравствено осигурување за вработените.
· Зголемување на здравствената едукација – бидејќи информираниот пациент е најисплатлив за системот.
Заклучок
Во фармакоекономијата, „цена“ не е само тоа што го плаќаме на шалтер. Таа е комбинација од здравствени исходи, изгубени години живот и општествен товар.
И ако не направиме вистинска разлика меѓу цена и вредност, сиромашниот пациент ќе продолжи да ја плаќа највисоката цена — со сопственото здравје.
*Ставот изразен во колумната не е став на редакцијата
Можеби ќе ве интересира
Корумпираните соработници можат да го урнат Зеленски





