28 Март, 2024
0.0359

Дали сме биле еден народ со Бугарите нека кажат историчарите, а не политичарите!

Објавено во: Колумни 30 Април, 2020

Добивај вести на Viber

Изминатите неколку дена сме сведоци на жестока дебата поттикната од изјавата на првиот македонски министер за надворешни работи, професорот Денко Малески, во која тој тврди „дека ние (Македонците) мораме да се прилагодиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ (со Бугарите)”.

Независно од тоа дали јас или некој друг се согласува со оваа констатација или не, почитуваниот господин Малески направи грешка со самото тоа што си дозволи да коментира на тема за која што тој не е доволно компетентен. Секоја чест за неговиот придонес за нашата држава, посебно во периодот по осамостојувањето на Македонија од југословенската федерација, но Денко Малески не е историчар по професија и треба да се воздржува од коментирање на теми за кои не е компетентен. Господинот Малески е професор по меѓународна политика и право на Правниот факултет во Скопје и неговите јавни коментари треба стриктно да се движат во доменот на неговата експертиза.

Во спротивно ние како општество ризикуваме да се доведеме во ситуација каде што секој еден граѓанин ќе почне да коментира на теми кои се надвор од браншата на која припаѓа и за кои нема доволно добро познавање. Ова е многу опасно затоа што ќе имаме мноштво на коментари и мислења во јавноста, голем дел изнесени од личности со оскудни познавања и без никакви компетенции, што ќе создаде можност за манипулации со населението и негово ставање во заблуда.

Понатаму, да се запрашаме зошто на пример министерот за здравство Венко Филипче ужива широка и надпартиска поддршка во македонската јавност. Причината за тоа е дека човекот цел свој живот постојано се школува и работи во таа област. Со други зборови, Филипче е експерт од сферата на здравството и поради тоа тој сега успешно го менаџира ресорот здравство и без некои сериозни потешкотии се справува со кризата предизвикана од коронавирусот.

Истото можеме да го кажеме и за Наќе Чулев, новиот министер за внатрешни работи кој доаѓа од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Јавноста ја препозна неговата професионалност во извршувањето на своите министерски обврски и поради тоа човекот ужива висока поддршка меѓу граѓаните од сите партии и етникуми. Слично како Венко Филипче, Наќе Чулев е врвен кадар во својата бранша со долгогодишно искуство во сферата на внатрешните работи, борбата против криминалот и разузнавањето. И двајцата се на ниво на задачата и тоа е за поздравување.

Сега нас ни преостанува да се надеваме дека политичките партии ќе ја препознаат пораката на граѓаните и ќе сфатат дека народот бара именување на професионални кадри на сите раководни позиции во државава. Изморени сме веќе од некадарни личности со сомнителни биографии. Дајте еднаш да дадеме шанса на професионалците. Мислам дека немаме многу што да изгубиме.

На крај би ви порачал да останете во добро здравје и да се придржувате до мерките на Владата, а за тоа дали некогаш сме биле еден народ со Бугарите нека кажат историчарите, а не политичарите.

М-р Филип Ивановски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?