ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМИ ЛИ ПРОИЗВОДСТВОТО НА СТРУЈА СО ЗАКОН ЗА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ?! Еве што содржи и какви се плановите на надлежните
Објавено во: Економија 24 Јануари, 2024
Драфт верзија од Законот за обновливи извори на енeргија е поставен на платформата ЕНЕР, со кој се дефинираат намерите на Македонија за намалување на употребата на фосилни горива и емисиите на стакленички гасови, но и зголемена употреба на обновливи извoри на енергија.
Со овој закон, предлагачите посочуваат дека ќе се овозможи развој на претприемништвото и ќе се создадат нови работни места поврзани со добивањето енергија од обновливи извори. Со него ќе се поттикнува користење нови и иновативни технолигии, но и користење ОИЕ.
Законот дефинира „обновливи извори на енергија“ или „обновливи извори“ се нефосилни извори на енергија како: водни текови, биомаса, ветер, сонце, обновливи извори на водород, биогас, депониски гас, гас од пречистителни станици, геотермални извори на енергија и други обновливи извори на енергија.
- „Производство на биогас“ во смисла на овој закон е процес кој се спроведува во постројка во која од биомаса се добива гасовито гориво (биогас) кое се користи во производството на електрична и/или топлинска енергија. „Производство на водород“ во смисла на овој закон е процес кој се спроведува во постројка во која преку електролиза на вода со користење на електрична енергија од обновливи или други извори или преку индустриска преработка на биогасот или биомасата се добива водород кој се користи во производството на електрична и/или топлинска енергија – се појаснува во законот.
Меѓу другото, со него се дефинира дека Владата носи Уредба за поддршка на производството на енергија од ОИ во која се уредуваат: видовите технологии за кои се доделува премија, односно повластена тарифа; услови што треба да ги исполни електроцентралата или постројката за производство на водород или биогас за производителот да се стекне со статус на повластен производител, капацитетот на постројката за производство на водород или биогас за која производителот може да стекне статус на повластен производител за таа електроцентрала, односно постројка. Таа ќе го дефинира и износот и периодот на користење на повластените тарифи, но и видот на премиите, начин на определување на износот на премии, начинот на исплата, како и периодот на нивно користење.
Владата исто така по претходно решение од Комисијата за заштита на конкуренцијата, носи годишна програма за финансиска поддршка за производство на енергија од повластени производители кои користат премија. Ќе се дефинира износот и видот на премии кои ќе се доделуваат по вид на технологии по спроведена тендерска постапка и износот на премии кои се доделуваат на постојните електроцентрали, односно постројки за производство на водород или биогас на повластени производители кои користат премија.
Владата одлучува за вкупната инсталирана моќност на електроцентралите и постројките за производство на водород или биогас на повластените производители, при што ја зема предвид индикативната траекторија за исполнување на целите предвидена во Планот за енергија и клима. Таа исто така го утврдува учеството на енергија произведена од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија и учеството на енергија произведена од обновливи извори во финалната потрошувачка на енергија во транспортот.
Заради олеснување на пристапот до информации за инвестирање во производство на енергија од обновливи извори, Агенцијата за енергетика ќе биде контакт точка за инвеститорите во обновливи извори на енергија и потрошувачите – производители. Ќе им обезбедува информации и совети за инвеститорите. Таа ќе изработува и прирачник за инвестирање во производство на енергија од ОИЕ и стекнување статус потрошувач - производител кој треба да содржи јасни и прецизни информации за применливите прописи, надлежностите на вклучените органи и институции и нивни контакт информации.
Дека фокусот на надлежните во следниот период е во насока на креирање нови извори на енергија потврда е одлуката на Владата која почнува процес за трансформација на производството на електрична енергија со гасно-водородни централи.
- Владата ја усвои потребата од иницирање проекти за изградба на регионална 800 MW гаснo – водородна централа Неготино и 250 - 300 MW гасно - водородна централа Битола. Задолжено е АД ЕСМ да отпочне преговори за потенцијален стратешки инвеститор и можна соработка за реализација на проекти за гасно - водородни централи Битола и Неготино – одлучи Владата на една од своите неодамнешни седници.
Дополнително на вчерашната конференција „Година на европски можности“, Виктор Андонов, директор за развој и инвестиции во ЕСМ укажа дека треба да се фокусираме на градењето за да ја зачуваме економијата.
- Се соочуваме со намалено производство поради застареност на најголемиот капацитет РЕК Битола. Од година во година се намалува ископот и квалитетот на јагленот, како и ефикасноста на електраната. Тоа доведува до проблеми кои го прават тежок патот на енергетската трансформација. Од друга страна, во 2030-та или 2035-та треба да ги затвориме РЕК Битола и РЕК Осломеј, потребни се сериозни финансиски сретсва, но и капацитет кај луѓето за тој процес да се спроведе – кажа тој и дополни дека процесот е почнат со електраната во Осломеј.
Според него, РЕК Битола во наредните 10 - 15 години треба да се гледа како хибриден центар за призводство на струја.
- Во моментот се работи на технички студии за над 200 мегавати фотонапонски централи во Битола. Имаме огромни површини на кои може да се изградат над 1 000 мегавати фотонапонски централи, батерии за складирање енергија, производство на топлина со соларни централи, постројки за производство на хидрогемн. Фокусот ќе биде таму. Еден од концептите за замена на производството таму е комбинираната гасна електрана која би требало да обезбеди и електрична енергија и топлина – објасни Андонов и дополни дека благодарение на меѓународни финансиски институции се работи на сериозен план за трансформација и на ЕСМ и на декарбонизација на земјата.
Посочи дека има сериозни можности преку Инвестицискиот план за кој се обезбедени три милијарди евра, средства за домаќинствата, за приватниот сектор, за малите и средните претријатија, кои треба да се насочат кон трансформација на регионите засегнати со јалген – Пелагонискиот, Битолскиот и регионот во Кичево.
П.О.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.