Добивај вести на Viber
Физичките лица имаат рок 15 овој месец да ги поднесат даночните пријави до УЈП. Во меѓувреме дел од граѓаните веќе реагираат на новите измени, коментирајќи дека на овој начин присилно стануваат ДДВ обврзници, а измените за нив се нејасни. Дополнително дел од читателите кои се обратија во Фактор, се револтирани што во пресметката на овој еден милион денари влегува не само 18 % ДДВ туку и персоналниот данок.
Законските измени со кои се намали прагот за регистрацијa за ДДВ обврзници е за да се зголемат приходите во буџетот, коментираат дел од економистите. Според новите измени на Законот за додадена вредност, прагот за регистрација за физичките и правните лица се намали од 2.000.000 на 1.000.000 денари, односно оваа категорија на граѓани кои досега не биле ДДВ обврзници, сега по автоматизам Упрaвата за јавни приходи ги прави ДДВ обврзници и се подложни на плаќањето на законски предвидената обврска.
-Сега прагот е намален на 1.000.000 денари и сите оние кои извршувале некоја дејност и не биле ДДВ обврзници, а имале годишен приход до 2 милиони денари, сега ќе станат ДДВ обврзници. Тоа ќе значи за нив и поголеми трошоци бидејќи ДДВ нема да плаќаат на разликата туку на цел промет. Така на пример оној кој остварувал годишен приход од 1,5 милиони денари плаќал персонален данок од 10%. А сега со измените ќе плати 18% ДДВ. Ќе има право да направи поврат на ДДВ, ама на пример еден фризер на што ќе прави поврат? Како и да е промената е чисто од фискален аспект, да се зголемат приходите во буџетот. Ова е во колизија со другите мерки на Владата, како што се мерките за вработување на млади лица, па затоа сметам дека ова решение е несистемско и не е добро анализирано, вели универзитетскиот професор Предраг Трпески.
Дополнително дел од експертите сметаат дека измените се за едни граѓани „мајка“ а за други „маќеа“ и дека создаваат нееднакви услови на пазарот.
УЈП: ГРАЃАНИТЕ БЕА НАВРЕМЕ ИНФОРМИРАНИ
Од Управата за јавни приходи, велат дека за измените навреме ги инфомирале граѓаните.
-Сите лица чиј вкупен промет во изминатата календарска година го надминал износот од 1.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот, обврзани се за регистрација за ДДВ. Имено, даночен обврзник за целите на ДДВ е лице (правно лице, физичко лице, здружување на лица) кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од оваа дејност. Под стопанска дејност се подразбира секоја дејност на производителите, трговците и лицата кои извршуваат услуги, која има за цел остварување приходи, вклучувајќи ги дејностите од областа на рударството, земјоделството и шумарството, како и отстапувањето на материјални и нематеријални добра за нивно користење, велат од Управата за јавни приходи.
При тоа од УЈП посочуваат дека даночните обврзници кои се регистрирале за ДДВ - задолжително или доброволно, остануваат регистрирани најмалку во рок од 5 години, независно од висината на вкупниот промет. А доколку вкупниот промет во петтата година не го надминува износот од 1.000.000 денари, даночниот обврзник по истекот на рокот може да поднесе пријава за дерегистрацијата за ДДВ до УЈП и се издава решение за бришење од регистарот на обврзници за ДДВ. Од УЈП велат дека бришењето од регистарот на обврзници за ДДВ може да се случи и порано доколку даночниот обврзник не поднесувал даночни пријави најмалку два даночни периоди или пак ако обврзникот поднел даночни пријави во кој е посочено дека нема остварено промет и нема искажано претходен данок за одбивање.
Физичките лица имаат рок 15 овој месец да ги поднесат даночните пријави до УЈП. Во меѓувреме дел од граѓаните веќе реагираат на новите измени, коментирајќи дека на овој начин присилно стануваат ДДВ обврзници, а измените за нив се нејасни. Дополнително дел од читателите кои се обратија во Фактор, се револтирани што во пресметката на овој еден милион денари влегува не само 18 % ДДВ туку и персоналниот данок.
ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЌЕ ГИ ПОКОСАТ ЗАНАЕТЧИИТЕ
На новите законски решенија, кога се носеа кон крајот на 2014 –та година, бурно реагираа занаетчиите. Од Занаетчиската комора на Скопје уште тогаш предупредија дека измените во Законот за додадена вредност ќе ги уништат малите услужни бизниси и дека новото законско решение нема да ја намали нелојалната конкуренција, а малите фирми особено од услужната дејност ќе бидат принудени да отпуштаат вработени и да го намалат обемот на работа.Од Комората реагираа дека воопшто не биле консултирани кога се подготвувале измените. Поранешниот директор на УЈП Горан Трајковски,тогаш изјави дека измените ќе бидат од корист за малите бизниси, а не на нивна штета, и дека се носат за воспоставување фер и еднакви услови на пазарот и за зголемување на лојалната конкуренција.
Т.С.